Очигледно дека претседателот Бајден работи во рамките на параметрите на новата реалност на Западен Балкан, секако не онаа од 1990-тите години, кога ги формираше своите ставови за Балканот. Но дали стратегиската логика се промени?
Лидерите на Србија, Македонија и на Албанија се согласија да ги отворат границите еден кон друг, што ќе овозможи слободен премин на нивните граѓани, стоки и капитал од 1 јануари 2023 година. Оваа иницијатива, која е именувана како „Отворен Балкан“ или „Мини-шенген“ (по слободната зона за патување на Европската Унија) полага надеж дека некој ден ќе им се придружат и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, кои, сепак, не одговорија на поканата за учество во процесот. Изгледа како Западен Балкан повторно да е вратен на американската стратегиска агенда, првенствено поради стратегиската конкуренција низ целиот регион, имено растот на руското, кинеското и, во помала мера, турското влијание во регионот. Очигледно дека претседателот Бајден работи во рамките на параметрите на новата реалност на Западен Балкан, секако не онаа од 1990-тите години, кога ги формираше своите ставови за Балканот. Но дали стратегиската логика се промени? Она што е важно во меѓународната политика не е она што лидерот сака да го направи, туку она што тој треба да го направи за да ги поддржи основните национални интереси на својата земја. Разбирањето на ова е клучно за разбирање на влијанието на победата на Бајден на претседателските избори во САД врз американската политика кон Балканот. Па, ако сакате, и на идејата за „Отворен Балкан“.
Во услови на континуирана стагнација на регионот на Западен Балкана, многумина носталгичари очекуваа дека со промената на претседателот на САД ќе бидеме сведоци на една помускулеста американска политика, која вклучува повратна реакција против Србија и нејзините неисонувани соништа за нова територијална поделба, нагон за зајакнување на демократијата и владеење на правото и, секако, нов обид за евроатлантска интеграција на земјите од регионот.
Сепак, ваквото размислување ја игнорира новата стратегиска реалност, поради која Вашингтон мораше да се вклучи на Балканот за да го зајакне својот нарушен авторитет, свесен дека доколку не го стори тоа, ефективно ја делегира судбината на регионот на нејзините ривали од големата моќ. Секако, тука е и новата состојба во регионот, каде што процесот на европска интеграција се распадна. Промовирањето на прекуграничната трговија САД го видоа како добра можност потенцијално да се стимулира регионалната економија, отфрлајќи ги границите и можноста од разгорување на етничките тензии, како и спречување на одливот на средната класа, од која зависи секоја транзиција кон демократија и просперитет. Истовремено, низ мини-шенгенот се амортизираат спорните меѓународни граници што во моментов ги делат нациите како што се Србите и Албанците и може да овозможи некаква форма на национално обединување на начин што ќе биде преодно хибридно решение за поместување на постојните граници. Со други зборови, регионалната економска зона нуди некои од стратегиските придобивки од членството во ЕУ, во отсуство на реални шанси за повеќето балкански држави да ѝ се приклучат на Унијата.
Многумина во идејата на „Отворен Балкан“ ја видоа новата американска политика кон Западен Балкaн, заборавајќи дека регионалната економска зона секогаш беше најпосакувана позиција на Франција, а понекогаш и на Германија, која сметаше дека е шанса за ЕУ да игра водечка улога на Балканот без ризик да го доведе регионот во сопствената куќа. Затоа се чинат патетични обидите на земјите од нашето соседство, членки на ЕУ, кои поставуваат лицемерни дилеми за формирањето на регионалната економска зона од типот дали иницијативата „Отворен Балкан“ е приоритет за Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама или е симболичен потег на тројцата лидери да извршат политички притисок (уцена) врз Брисел за нивниот прием во Европската Унија. Што сакаа да кажат со нивната изјава дека Западен Балкан „едвај чека ЕУ да ги реши своите внатрешни проблеми за да може нивното пристапување да оди напред“? И ако сметаат дека не можат да чекаат повеќе, дали имаат на ум некоја друга државна творба кога ја напуштаат визијата за „европски Балкан“? Притoа се свесни дека регионалната економска зона го признава распадот на политиката за проширување на ЕУ и ја консолидира водечката позиција на Србија во регионот. Можеби овој производ го нема печатот „Made in EU“, но ја има поддршката од ЕУ.
Регионалната економска зона што го признава распадот на политиката за проширување на ЕУ и ја консолидира водечката позиција на Србија можеби не е најпосакуваниот исход на Бајден за Балканот, ниту е загарантирано дека ќе функционира. Но реалноста на моќта на теренот, американскиот интерес за економски развој на Балканот, желбата да се зачува постојната територијална конфигурација, потребата да се избегнат големите ривали со закотвување на Балканот кон ЕУ и желбата да се постигне сето ова на најлесен можен начин ги натераа САД да дејствуваат. Сепак, вистинска дилема што ја отвори регионалната соработка на земјите од Западен Балкан е колку економското поврзување на земјите на Западен Балкан фундаментално ќе ги затрупа нивните етнонационалистички ровови, во кои се наоѓаат со векови. Или можеби администрацијата на Бајден низ негова реализација притиска за нов мултиетнички државен ентитет, тесно усогласен со ЕУ, кој ќе вклучува шест држави од Западен Балкан и ќе има седиште во Белград? Секако, тоа нема да биде нова Југославија, која беше производ на своето време; но фактите на теренот ќе го принудат Бајден да се врати на логиката од неодамнешното минато и ќе се заложи за создавање нејзина инкарнација од 21 век – нова ЕУгославија.
Затоа да почекаме да видиме колку долго Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово ќе се спротивставуваат на проектот. Ние не се двоумевме. А и како би, кога нашата надворешна политика е една голема авантура, раководена од сервилноста кон нашите стратегиски партнери, носталгијата по првите љубови и „Калинич пијаца“ и „социјализмот со човечки лик“, кој секој новоевропски ориентиран комунист сака да го врати. Сонот за реинкарнација на пропадната држава во 21 век – ЕУгославија повторно живее. Еди Рама ја исмеа ирационалноста на ваквата идеја велејќи дека луѓето што мислат така „живеат во паралелен свет“. Иднината ќе потврди кој навистина живее во паралелен свет.