ОИ се „игранки“ на елитите, иако во нив се забавуваат масите. Но досега не е познат ниту еден случај во кој владите се консултирале со населението дали сака земјата да биде домаќин на огромен спортски настан. Притоа, интересно е што Олимпискиот комитет бара аполитични игри, исфрлање на секаква неспортска кауза од терените по цена и на санкции, но суштината е дека спортот (и олимпискиот) е одамна дел на еден корпоративен и социјално неправеден свет
Со една година задоцнување, конечно започнаа Олимписките игри (ОИ), ритуалот што сѐ помалку има врска со убавината на спортот, со човечките (психофизички) достигнувања, со радоста што произлегува од играта и победата над сопствените ограничувања… Покрај стерилната и дехуманизирана атмосфера на оваа денешна реплика, вреди да се каже дека романтизираната приказна за ОИ отсекогаш служела за затскривање на темната страна на еден континуиран наратив за моќта, парите и доминацијата. Тој само навидум се менува само во зависност од ерата и околностите без да ја промени суштината. Неолиберализмот е ултимативната фаза на узурпација на сѐ што е убаво во спортот и на негова брутална комерцијализација. Дури и најголемите љубители на спортот (меѓу кои се вбројувам и себеси) не можат да замижат пред фактот дека сведочиме на гладијаторски битки или „Игри на гладот“ (Hunger Games). Модерните спортисти се дел на елитата, барем на прв поглед – со приходи што се граничат со неразумното, луксузен живот (во кратките слободни периоди), идоли на милиони млади луѓе. Но колку и да се врвни, тие се стока на пазарот, робови на капиталот, дури и по цена на менталното и физичкото здравје. Документарниот филм за Наоми Осака, меѓу другото, покажува тажни очи на насмеано лице. Нејзиниот обид да го прекине ропството барем за миг, симболично, откажувајќи прес-конференција по одржан тежок тениски меч, беше сурово казнет – бидејќи капиталот и медиумите се во свет брак, живеат едни од други, и се штитат од секој бунтовник.
Поводот сега се ОИ, но истото тоа се однесува на сите големи спортски настани. За поврзаноста меѓу спортот и неолибералната култура се напишани значајни научни дела и статии, но научната мисла е на маргините и нема влијание врз општествените процеси, дури и кога изданијата се со т.н. „фактор на влијание“ (уште еден неолиберален изум во академската сфера, која не е имуна на моќта и капиталот). Во мејнстрим-медиумите (оние што ги следат логиката и потребите на корпоративната моќ – или кои се едноставно мрзеливи) едвај и да најдете критички осврт за тоа како спортот влијае врз масите, врз индивидуата, општеството. Спортот (и сите пикантерии поврзани со професионалниот или личниот живот на спортистите) служи како „опиум на масите“ (да го парафразирам Маркс), за пацификација на еднодимензионалниот човек (на Маркузе), нов облик на ескапизам од секојдневните проблеми (но и облик на печалење од времето за разонода – ако се видат сите видови на обложување и „цицање“ средства од сиромашните, кои сонуваат за среќната ѕвезда што ќе ги „опари“ додека седат пред ТВ или мобилен телефон).
Малкутемина критички умови што брилијантно го вивисецираат неолибералниот капитализам веќе пресудија: ОИ, како и сите мегаспортски настани, треба да се укинат или преосмислат. Зошто? Затоа што, како што со право вели Дејв Зирин, познат спортски уредник и писател, придружните ефекти на овие спектакли се продлабочување на задолженоста, насилно раселување на најсиромашните и маргинализираните и милитаризација на јавниот простор. Неговиот коавтор и славен олимпиец Џон Карлос (еден од оние што во 1968 година предизвикаа бура кога на церемонијата на доделувањето на олимписките медалите ги дигнаа тупаниците во црни ракавици во поддршка на Црните пантери и излегоа со чорапи наместо патики за да укажат на сиромаштијата на Афроамериканците) ќе каже: „Причината поради која Олимписките игри се одржуваат на секои четири години е што толку време им е потребно да ги избројат заработените пари“. Јапонија можеби ќе го преживее финансискиот амбис, ама другите нации потешко. Домаќините на ОИ со години не можат да закрепнат од долговите, олимписките објекти неретко остануваат запуштени и некорисни за локалната популација, се раселуваат луѓето од предградијата, олимписката инфраструктура се гради надвор од централните градски јадра за да не се наруши мирот на богатите, цената ја плаќаат сиромашните работнички предградија итн. Една од најлицемерните сцени се случи за време на ОИ во Атланта (1996): додека Мохамед Али беше рехабилитиран како спортски херој пред насмеаното лице на Клинтон, Хосеа Вилијамс (соработникот на Мартин Лутер Кинг) се судираше со полицијата поради уништувањето на домовите на сиромашните Афроамериканци за потребите на ОИ.
Интересен е случајот со голфот, една од шесте нови олимписки дисциплини: терените се градат на сметка на населбите за живеење и јавниот зелен простор, а ММФ и Светска банка постојани ги охрабруваат земјите во развој да вложуваат во голфот за привлекување странски туристи и профит. Мерките за безбедност се подигнуваат на највисоко ниво – за потоа да останат таму, и по завршувањето на ОИ. Овде веќе не станува збор само за секуритизација туку и за милитаризација. Вработувањата за време на големите спортски настани се главно од сервисните сектори – краткотрајни и слабо платени. Токму тој вид на работа (прекаријат) е главната одлика на неолибералниот капитализам, кој бара флексибилност, а не стабилност. Доктрината на шокот дејствува фантастично во полза на капитализмот на катастрофите, но тие иако зачестени, не можат да се планираат. ОИ можат, и земји што се базично неспособни да направат стратегија за развој за пет или десет години, конкурираат за организирање ОИ повеќе од деценија однапред.
Поради значењето што им е дадено и гледаноста, ОИ станаа и политички сцени и платформи за разни идеолошки и/или политички каузи. Покрај протестните гестови на спортистите (како оној на Карлос), Минхен покажа дека сцената е погодна и за терористички напади. Речиси нема ОИ што не се проследени со (гео)политички препукувања, дури и по завршувањето на Студената војна: Пекинг ги крши човековите права, Сочи не е во ред поради Путин, Рио припаѓа на нестабилна земја во развој итн. Некои сметаат дека токму овие ОИ ќе бидат политички најнапрегнати поради отворените најави дека „политиката на идентитетите“ длабоко ќе ги обои спортските натпревари (покрај силниот национален набој). И не станува збор само за „црните животи“ и (лицемерното) клекнување и барање прошка или респект, туку и за контроверзиите околу половите/родовите разлики и „мигрирањето“ од еден во друг камп/категорија, што внесува друг вид конфузија и инсистирање на идентитетските разлики наместо на спортските достигнувања.
Околу секој голем настан сѐ почесто се организираат и протести против одржувањето на ОИ, иако медиумите прават сѐ за тие да не го свртат вниманието на јавноста. ОИ се „игранки“ на елитите, иако во нив се забавуваат масите. Но досега не е познат ниту еден случај во кој владите се консултирале со населението дали сака земјата да биде домаќин на огромен спортски настан. Притоа, интересно е што Олимпискиот комитет бара аполитични игри, исфрлање на секаква неспортска кауза од терените по цена и на санкции, но суштината е дека спортот (и олимпискиот) е одамна дел на еден корпоративен и социјално неправеден свет. Можеби ќе прогледаат низ прсти за клечењето, но никогаш нема да се согласат со разголувањето на експлоататорската суштина на контекстот, на предаторскиот капитализам, кој одамна го проголта и спортот. Обичните смртници никогаш нема да имаат можности за физичка рекреација и натпревар како релаксација и нешто што е добро за здравјето, но затоа додека ги гледаме славните гладијатори, ќе ни нудат нездрава храна, пиво и грицки. Она што големиот Едуардо Галеано го напиша за фудбалот важи за сите спортови: „Историјата на фудбалот е тажно патување од убавината до должноста (a sad voyage from beauty to duty). Кога спортот станува индустрија, убавината што цвета од радоста на играта е искорната од коренот“. Професионалниот спорт го осудува и отфрла сето она што е некорисно, односно непрофитабилно. Нема заработка од она лудо чувство кога за еден миг човекот се претвора во дете што игра и пее „изгубивме или победивме, секако се забавувавме“.