Деновиве модерен збор во македонскиот политички ,,вокабулар“ е ,,оксиморон“. Зборот е од старогрчкиот јазик: оксис – остроумен, морос – глупав. Сте слушнале некоја ,,дама“ кога некому, на селски дијалект ќе му отсече: ,,морону еден!“ (глупаку еден). Иако на ,,дамата“, која се носи многу градски и зборува многу селски, по тоа ѝ се откриваат опинците во вид на штикли, не сакајќи. Деновиве, за време на референдумот и по него бевме оксиморони. Се разбира, некои беа окси (остроумни) некои беа морони (глупави). Тоа го прочитав од видниот стрес на Јенс Столтенберг, кој пелтечеше и се тресеше додека го коментираше референдумот во ,,вашата земја“. Видно израдуван од ,,оксите“, кои гласаа ЗА неговото НАТО и потресен од ,,мороните“, кои гласаа НЕ – излегувајќи на гласачките места. Не излегов ниту јас, бидејќи од изборите во ноември 1994 година, ние гласаме семејно. Во мое име на изборите гласаат мама и тато, иако се починати 1982/89. Во држава во која не се знае колку живи жители има, со сигурност се знае колку мртви има. Сѐ на куп, еден милион и осумстотини илјади потенцијални гласачки ливчиња. Столтенберг не очекуваше по европскиот топол прием и именување улица ,,Столтенберг“ кога ќе се врати во Брисел, дека ќе го дочека македонска клоца, во седечкиот дел од грбот.
Сигурно го облеа студена топлина (оксиморонски). Тоа се антитези (пак гр. простете, анти – спротивни и тезис – положби) како на пример ,,слатка мака“ или Л.Н.Толстој би рекол, ,Живиот труп“, а сето тоа се гледа како метафора. А има и метафора, помеѓу улица и клоца. Затоа некои состојби му изгледаат парадоксални (простете пак, гр. – противречни потврди, во конфликт со интуитивната логика. Значи, немало интуитивна логика во претпоставките на Столтенберг. Простете и логика е гр. збор, создаден е како самостојна дисциплина од Аристотел(ос), наречен ,,татко на науката“ и учител на Александар Македонски (не оној на плоштад, што слуша навечер ,,Танц со сабји“ од Арам Хачатуријан) со уште две поддисциплини: логика на зборот и логика на расудувањето (или логика на уморасудувањето), кое очигледно Јенс, не ги прочитал, во воената библиотека на НАТО. Добро, сето ова е метафора, пак гр. ,,пренесувам“ или во реториката: трансфер на мисла, од еден збор, во друг збор. Или со друг збор, тој доживеал виртуелна реалност. Тоа е нереален свет и тој небаре користел компјутерска маска, за гледање на свет што не постои, но со компјутерски аудио и видеотехники се создава свет во кој успешно мечтаете. Но, тоа е за деца и тинејџери, а не за Столтенберг. Затоа, кога се врати во Брисел, ја симна виртуелната маска и го доживеа реалниот македонски морон, кој во маската беше прикажан како окси или најмалку барем, оксиморон. Такви детски компјутерски игри Јенс, гледај си дома, со децата, а не во НАТО. За генсек на НАТО, треба да ти штрака умот, многу побрзо и појасно. Но ,,секое зло за добро“ ќе речат во земјата на оксимороните. Тоа е бесплатна поука. Или со оксиморонски речник: во далечната црна точка, се белее светла точка – НАТО. Во држава што има лева десница и десна левица, треба да ги симнеш виртуелните очила и да гледаш како сокол, со километри нанапред. Тоа оксиморонски се вика ,,силна слабост“. За такво нешто, мажите даваат оставка. Гледаш дека овде, во Република Македонија општествената е јавна тајна, а јавната тајна е приватна.
Нема ,,Викиликс“ тука, народот е искрен и се оди на прва програма на ,,Радио Милева“. Знам, сето ова е парадоксално, простете ама парадокс е гр. збор, тоа е: тврдење што води до противречност. Противречие што води до интуитивната логика. Парадоксот првпат е спомнат од Аристотел: се прашуваш како куче, исправено пред изборот помеѓу две вкусни храни би можело да направи разумен избор помеѓу нив. Ако тоа, за изборот на кучето го знаел Аристотел, требаше и тебе да ти сече, што ќе изберат оксимороните помеѓу двете вкусни јадења ЕУ-НАТО, се определија за третото – Република Македонија. Мене ми сечеше, излегов на 8 септември 1991 и не излегов на 30 септември 2018 г. Исто куче сум, гадно и тогаш и сега. Но, не сум гладно куче. Оксите беа гладни и посегнаа по обемната и вкусна храна по ЕУ-НАТО-стандарди. А, ние како во политичката карикатура за Американскиот конгрес ,,Буридановото магаре“, кое се двоумеше по чија слама да тргне, по онаа на Панама или онаа во Никарагва. Оксиморонството е чудна болест. Не можеш да сметаш со сигурност на никого, освен на својот ум и разум. Магарето не тргна по сламата од Преспа иако толку обемно му ја нудеа, со многу детелина со три листа, знак за среќа и просперитет. Во сламата е скриена ,,Спогодбата од Преспа“ и секое гладно магаре, без размислување ќе посегне по неа. А во сламата е скриена и промена на име и тоа не било кому, туку име на ДРЖАВА. Знам, не е некоја држава за фалба, ама сепак е моја држава 27 години, нечија е 70 години, на чукун нечија е 115 години, на чукун-чукун нечија многу постара и оди сега подај ја за куп слама. Не сум магаре до толку, иако напишав колумна со наслов: ,,Јас сум магаре“. Овде во Република Македонија името значи многу. Еве на пример, министерката за одбрана на Република Македонија – Сирма Војвода на АРМ, во никој случај и повод не го дава семејното презиме. ,,Од лулка до дупка“ би рекле тукашните оксиморони.
Единствен пример по Дева Марија, таа како девојка беше Дева Марија, кога се омажи за Јосиф дрводелецот остана Дева Марија, кога го роди Исус остана Дева Марија и така до смртното легло Дева Марија. По неа само министерката за одбрана го зачува и моминското и во бракот, исто презиме. Секоја чест за неа. Од лулка до дупка – Шеќеринска. Ако семејното презиме ѝ име е толку драгоцено и скапо, како очекуваш Јенс Столтенберг, таа да ти го даде името на државата, кога не го дава семејното. Внимавај таа е ,,капетан лаѓе“. Ти навистина не си прочитал ништо од Аристотел за логиката. Додуша и ние не дека не патиме од ,,виртуелна реалност“ секој си има свои очила и си гледа свој филм. Ама тоа е начин на живот тука, ние не бараме нешто повеќе, ниту од животот, ниту од државата. Некои бараат и повеќе, не само што бараат, туку и земаат повеќе, ако не и највеќе. Комунистите ,,жнееја“ со срп. Овие жнеат со комбајн. Се направија четири Скопја, два Охрида, десетици викенд-села, но затоа опустеа сите села и живна градот. ,,Дадеа му на тате суВенции, пупиме два стана у Кисела вода, а ние оризо не го ни посадиме“ трешти на мобилен еден мој ,,сограѓанин“. Без да сакам, до мене допре глас дека новите четири Скопја се направени од „суВенции“ и корупција. А, корупцијата одела во пакет со тендери. А тендерите биле како ,,чевлите на Пепелашка“. Во тие чевли може да влезе само Пепелашка и никој друг. И тоа е како во бајките – Пепелашка доаѓа само на полноќ. По полноќ, ја снемува и никој не може трагата да ѝ ја најде. Ако живееме како во бајките, ако градежништвото е најбрзорастечка стопанска гранка, по крчмите, зошто да млатиме празна слама. А доаѓаат нови вонредни избори, ете шанса за нова жетва. А пред изборите повеќе не земам ниту пенкало, ниту запалка од која било ,,опција“. Зборот опција веројатно не е грчки, тоа е нешто домашно, можеби е глагол: да те опне некој(а) партија. Еднаш едно пенкало сериозно влијаеше на мојот бизнис. Беа некои избори, не знам кои и какви, вонредни или редовни – премногу ги има. Тргнав во банка и како по обичај, за напредната возраст и заостанат ум, не понесов пенкало. Пред банката ,,Мајка Тереза“ два штанда: и левите и десните, еден до друг. Видов едниот штанд има запалки, другиот пенкала, а мене во моментот ми недостигаше пенкало.
Го замолив партискиот модератор да ми даде едно, за во банката. Тој посегна со шепата и ми даде цел грст пенкала. Веројатно сакаше да се пофали кај претпоставените дека луѓето ,,ги разграбаа“ токму нивните пенкала. Завршив работа во банка и се вратив на работа, на бирото го истурив целиот грст пенкала. Дојде клиент, кого го очекував за потпишување договор. Договорот беше готов, само ги пополнив податоците од клиентот со едно од пенкалата, а друго од нив му дадов да се потпише на неговиот примерок. На пенкалото беше ,,видно име“ заокружено со број 12 или 14 не се сеќавам. Тој ме погледа строго, веројатно не очекуваше таква ,,кампања“ од мене, стана и рече: „Ќе одам, во колата ја заборавив личната карта“. Стана и отиде. И никогаш повеќе не се врати, ниту за тој, ниту за друг договор. Оксиморон низаеден.