Според последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, Македонија е на 95-то место, со што бележи скок од 14 места на листата во споредба со лани, кога беше на 109-то. Да потсетиме дека во 2017 година нашата земја беше на 111-то место, а десет години пред тоа на завидното 36-то место. Затоа се прашуваме од новото рангирање колку треба да бидеме задоволни, бидејќи за слободата на медиумите Македонија е меѓу последните од земјите во регионот.
Најдобро рангирана е Словенија на 34-то, потоа Хрватска на 64-то, пред Босна и Херцеговина и Грција на 65-то место. Косово e на 75-то место, Албанија на 82-то, а Србија на 90-то место на ранг-листата. Зад нас се Црна Гора на 104-то и Бугарија на 111-то место. Во сите овие земји како посебно негативна појава е недоволната борба против ширењето на лажните вести и говорот на омраза. Согледувајќи го овој проблем, меѓу другото, Владата на Република Северна Македонија го усвои Акцискиот план за справување со дезинформациите. Покрај тоа, Здружението на новинарите на Македонија укажува на потребата да се изменат и дополнат некои од законите што се однесуваат за медиумската проблематика, како што се Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер и други. Сето тоа може да придонесе за поголема слобода на изразување и независност на медиумите, а со тоа, секако, ќе може да се подобри и граѓанската доверба во нив. Познато е дека поради немање законска регулатива за одговорноста на порталите за објавување дезинформации, тие станаа главни носители на ширењето лажни вести, на манипулации и говор на омраза. Согледувајќи го тоа, Здружението на новинарите на Македонија, Стопанската комора и Советот за етика во медиумите со право поведоа иницијатива за основање регистар на професионални онлајн-медиуми, со кој ќе ѝ се посочат на јавноста порталите што ги исполнуваат критериумите да бидат со закон медиуми, што го поддржуваат новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум. Сега во практиката на работењето на порталите во нашата земја тоа изостанува, а на тој начин и одговорноста. Во тој контекст ќе го наведам примерот на неколку портали од Штип, Охрид и од Скопје, кои во изминатите три години објавија написи со многу лажни и тенденциозни дезинформации за некаква мегаафера во Здружението на пензионери Охрид и Дебрца. Преку порталите беа изнесени многу непроверени работи, со навредлива и злонамерна содржина, за што неодамна се изјасни и Општинскиот суд во Охрид, донесувајќи пресуда за ослободување од обвинение на ЗП-Охрид и Дебрца и на претседателот на Здружението како одговорно правно лице.
Судот констатира дека одговорното лице законски ги спровело претходно донесените едногласни одлуки на органите на управување, Извршниот одбор и Собранието, како колективни тела на општинската пензионерска организација. Притоа, очигледно, никој не истерувал некакви лични правдини и ќефови, што, според манипулативната мегалага на охридскиот новинар, ќе чинело ни помалку ни повеќе 25.000 евра. Меѓутоа, ослободителната пресуда се однесува токму и за тоа. Истовремено, спогодбено беше надминат 17-годишниот судски спор меѓу ЗП-Охрид и Дебрца и Здружението на инвалидските пензионери на Охрид за докажување на сопственоста на охридскиот дом на пензионери. Двете здруженија, на заемно задоволство, потпишаа и договор за соработка, помагање и разбирање, што е во интерес на сите пензионери во градот. За ваква соработка помеѓу здруженија на пензионери од два различни сојузи секој добронамерен новинар треба да ја поздравува, а не со ширење невистини да манипулира со пензионерите и лицемерно за лични интереси да ги разделува.
Во врска со судската расправа за ова прашање, во одредени портали и социјални мрежи беше објавена проѕирна квазиновинарска приказна за некаква проста и строга македонска сказна со изнесени многу лаги и клевети. Покрај за раководството на охридското пензионерско здружение, манипулативни и тенденциозни измислици беа објавени и за органите на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Поради претходно претставени факти во погрешно светло со неосновани обвинувања и лаги, Извршниот одбор на СЗПМ донесе едногласна одлука за поднесување тужба против соодветните портали и автори. Дека авторите на оваа мегалага немаа добри и чесни намери беше јасно како бел ден. Меѓутоа Основниот суд во Скопје тужбата ја одби како неоснована, со образложение дека кај нас не постои правна регулатива во која интернет-порталите ќе се сметаат за медиуми. Поради тоа, како што се наведува во образложението, судот не се впуштил во утврдување на фактите за вистината, па дури не можел да го утврди ниту идентитетот на лицата чија одговорност се бара. Колку се овие незаконски игри без граници се гледа и од наводот дека обидот судот да ја достави тужбата со докази до тужените бил без успех, па од тие причини, во согласност со Законот за парнична постапка, ги објавил на судската огласна табла.
Дефинитивно и ова јасно покажува колку е сериозен проблемот со лажните вести. Во јавноста преку порталите и социјалните мрежи беа пласирани и повеќе дилеми за пензионерската членарина и солидарниот фонд. Со Законот за пензиско-инвалидско осигурување, глава 13, членот 154, Фондот на ПИОМ по доброволна согласност на пензионерот од неговата пензија врши задршка и исплата за членарина и за солидарен фонд за посмртна помош. Членарината месечно изнесува 30 денари и таа се доставува на посебна сметка на регистрираната организација формирана според Законот на ПИО, членот 116, точка 2 и 4, кој добиените средства од фондот ги распределува на 4-те пензионерски сојузи, а тие на своите членки здруженија на пензионери според утврдено, ажурирано и регистрирано членство. Здруженијата се самостојни правни лица и одговараат за трошењето на парите од членарина и тие треба да се користат исклучиво за работа на здружението, за трошоци на клубовите, за екскурзии, спортски и културни активности, за хуманитарни акции и помош на стари и изнемоштени членови и за други дејности во интерес на пензионерите.
Од сето ова, очигледно е дека е потребно точно и навремено информирање во сите медиуми, со законско регулирање на порталите и поцелосно ангажирање за справување со ширењето на лажните вести и говорот на омраза значително ќе се придонесе на светскиот индекс за слобода на медиумите нашата земја да бележи подобро рангирање.
(Авторот е новинар и публицист, експерт за трета доба)