Бугарија, Грција и Србија ќе градат цркви и школи и ќе испратат илјадници свештеници и учители во Македонија во образовна трка за „душата, срцата, мислите и јазикот на Македонците“ и да ги поткрепат своите барања пред големите сили
Образовната трка за Македонија не е тема за матурата или за дигиталните учебници или потребните реформи во образованието, туку тема на која потсетува сегашната „вакцинска трка за Македонија“, а тоа е образовната трка за Македонија 1870 – 1912 година. Вакцинската и образовната трка се слични и во причините и во актерите и во целите. Кога сопствената држава и власти не ги обезбедуваат потребите на своите граѓани, се јавува простор за вакцинска трка за Македонија, која ја отвори Србија, а на неа се приклучија повеќето регионални и глобални сили, од регионалните тука се Бугарија, Грција и Турција, а од глобалните се ЕУ, Русија и Кина и тоа е трка за душата, срцата и мислите на Македонците.
Почетоците на образовната трка за Македонија се во периодот на формирањето на Бугарската егзархија во 1870, а се засилува по Берлинскиот конгрес во 1878 година, и трае сѐ до Балканските војни и поделбата на Македонија. Берлинскиот конгрес е во период кога станува сѐ поизвесно дека Отоманската Империја нема да ги задржи своите територии во Европа, а централна територија е Македонија, и започнуваат претензиите кон тие територии. Клучни алатки во пропагирање и консолидација на националните држави се црквата, образованието и војската. Бидејќи новите независни или автономни држави не биле воено подготвени самостојно да ја поразат Отоманската Империја, нивните претензии се инструментализирале преку црквата и образованието. Клучни актери се Бугарија, Грција, Србија, а се вклучуваат и Романија, Отоманската Империја, американските протестанти и еврејската заедница.
Бугарија, Грција и Србија за да ги оправдаат своите претензии креираат свое видување на Македонија, правејќи ја статистиката бесмислена. Додека отоманските пописи се базирани на религија (милет) и само на мажи, соседите прикажуваат свои бројки базирани на критериуми што ги фаворизираат, Србија говори за 71 отсто Срби, базирано на славјански обичаи како слави, Бугарија за 53 отсто Бугари, базирано на слични дијалекти, а Грција за 38 отсто Грци засновано на членство во патријаршијата, без разлика кој јазик го говорат. Бугарија, Грција и Србија ќе градат цркви и школи и ќе испратат илјадници свештеници и учители во Македонија во образовна трка за „душата, срцата, мислите и јазикот на Македонците“ и да ги поткрепат своите барања пред големите сили. Трката била можна и поради реформите во Отоманската Империја, кои овозможуваат повеќе образование за христијанското население, како и милет-системот, дефиниран според религиската припадност и каде што за образованието во милетот е одговорна црквата.
Трката ја започнува Бугарија или Бугарскиот принципат, со основањето на Бугарската егзархија во 1870 година. Поимите како „булгар“ и „грк“, кои имале класно значење како селанец и трговец, добиле е религиско значење. Почетниот интерес на Бугарија е кон Источна Румелија и Тракија, а подоцна се насочува кон Македонија. Иако со ферманот не е одредена јурисдикција на црквата во Македонија и во Тракија, оставена е можноста тоа да се воспостави со двотретинско мнозинство на верниците. До крајот на деветнаесеттиот век, Егзархијата добива владици во Скопје, Охрид, Битола, Велес, Неврокоп или повеќе од 180 града и села преминуваат од Патријаршијата во Егзархијата.
Успехот на Бугарија во образовната трка се должи на повеќе фактори, политички, јазични, економски и образовни. Од политичките клучно било дејствувањето однатре, односно Егзархијата има седиште во Истанбул до 1913 година и е одговорна за образование на Булгар милет. Самата Бугарија води незаканувачка политика кон Османлиите и е фаворизирана на сметка на Грција, која во Истанбул се доживува како поголем закана. Школите што ги отвора Егзархијата се на дијалекти блиски до македонските, а до крајот на деветнаесеттиот век и најголем дел од учителите се од Македонија. Се отвориле можности и за средни училишта со домови во повеќе градови и за универзитетско образование во Софија. Образованието често било практично и за занимања. И секако многу важно – било бесплатно.
Грција се нашла затекната на повеќе нивоа. Постоеле разлики меѓу настапот на Патријаршијата во Истанбул и самата Грција. Образованието било повеќе филозофско, на грчки јазик, со учители надвор од Македонија и се плаќало за него. Со поставувањето на Каравангелис за владика во Костур, во 1900 година, ќе започне насилна кампања против егзархиските школи и учители, што ќе резултира во „Македонската борба 1904-1908“, грчка насилна кампања за остварување влијание во Македонија. Србија иако присутна во неколку поголеми градови од почетокот на деветнаесеттиот век, се вклучува подоцна во образовната трка, вклучувајќи како обид на Грција да го намали влијанието на Бугарија. Но интересот на Србија пред сѐ бил насочен кон Косово и северзападниот дел од Македонија, и бил ограничен бидејќи школите ги напуштиле македонските дијалекти и почнале да практикуваат стандарден српски јазик и учителите биле генерално од Србија. Тука се Османлиите со образовни можности за муслиманите, Романија за Власите во југозападна Македонија, Евреите, како и американските протестантски мисионери, кои овозможуваат образование на мајчин јазик.
Образовната трка за Македонија резултира со, според различни извори, од 600 до 1.200 грчки и бугарски училишта, и не повеќе од 300 српски училишта, вклучувајќи го и Косово. Сите овие школи се визуализирани на географската карта на влезот во Музејот на македонската борба, само не тој во Скопје, туку истоимениот музеј во Солун. Да, има музеј со тоа име во Солун, и се однесува на грчката Македонска борба 1904-1908 година. Бугарските и грчките школи се судираат во Солун, додека бугарските доминираат на север и централно, грчките на југот, и српските во северозападот (Полошкиот Регион). Разбирањето на тогашната образовна трка, дава поука за разбирање на сегашните спорења на црквата и образованието (учебници за историја). На добрата страна, образовната трка, учените Македонци во соседните земји, Русија и други, дава голем придонес за националното и социјално движење во Македонија.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek