Постојат индикации дека настапот на разузнавачките служби од Унгарија, Австрија и Германија е максимално координиран и добро осмислен. Нималку не беше случајно што, како помалку забележлива, за Македонија беше задолжена разузнавачката служба на Унгарија! Во центарот на интересирањето на разузнавачите од спомнатите земји, покрај политиката, беа и економијата, финансиите, енергетиката и слични дејности, кои носат големи профити!
Пред триесетина години, поточно во времето кога се уриваше Берлинскиот ѕид, еден унгарски дипломат во Варшава, со кого имавме воспоставено блиски пријателски односи и мошне добра и коректна соработка, во еден разговор ми рече: „Да знаеш, сега ќе се обновува Австро-Унгарија!“. Меѓутоа, се воздржа од какви било елаборации за границите, за политичкото уредување и слични аспекти на обновената држава. Имајќи предвид дека границите на Австро-Унгарија постојано биле мошне флуидни и зависеле од односот на силите на трите најмоќни монархии, Русија, Австро-Унгарија и Прусија, односно Германија, обновената држава формалноправно и територијално ги опфаќа Австрија, Унгарија и соседната Германија, во нивните актуелни граници..
Во деведесеттите години од минатиот век, неколку години отправник на работите на Амбасадата на РМ во Белград беше Миле Крстевски, кој заедно со претседателот Борис Трајковски погина во авионската несреќа кај Мостар. М. Крстевски одржувал добри односи со еден дипломат од Амбасадата на Унгарија во Белград, кој бил задолжен и за Македонија. По молба на унгарскиот дипломат да му препорача човек од Македонија со кој би можел да разговара за меѓународната проблематика, а да не е на државна функција (поради понижувањето и деградирањето од страна на еден клан во македонското МНР, доброволно си заминав од Министерството и од мај 1994 до мај 1999 година, бев „на бел леб“), М. Крстевски го упатил на мене. Унгарскиот дипломат, чие име, за жал, не го памтам, еден ден ми се јави по телефон и се договоривме да се најдеме на кафе во хотелот „Бристол“. Уште на првата средба ми беше јасно дека се работи за мошне искусен разузнавач. Се интересираше исклучително за политичките состојби во регионот, со посебен акцент на политиката на српскиот лидер С. Милошевиќ, кој во тоа време го држеше во заложништво целиот регион. По бомбардирањето на Србија, во јуни 1999 година беше потпишан кумановскиот договор, што го означи почетокот на крајот на владеењето на С. Милошевиќ! Со унгарскиот дипломат, на исто место, се сретнавме уште двапати. Последната средба беше на средината на мај 1999 година. Кога му кажав дека од наредниот ден стапувам на работа во Владата на Р Македонија, повеќе не се јави!
Кога во нашата држава беше обелоденета аферата „Шпион“, во која се споменуваат повеќе високи функционери од разни македонски институции, вклучувајќи и од Собранието на РМ, кои, на разузнавачи од Унгарија и од некои други земји им предавале важни документи, беше јасно дека странски разузнавачки служби ја „преоруваат“ нашата држава! Постојат индикации дека настапот на разузнавачките служби од Унгарија, Австрија и Германија е максимално координиран и добро осмислен. Нималку не беше случајно што, како помалку забележлива, за Македонија беше задолжена разузнавачката служба на Унгарија! Во центарот на интересирањето на разузнавачите од спомнатите земји, покрај политиката, беа и економијата, финансиите, енергетиката и слични дејности, кои носат големи профити!
Тоа можеше да се слушне од „бомбите“ на Заев, во кои се спомнува унгарска банка во која треба да легне провизијата од договорот за купување опрема за прислушување од Израел. Дали е случајно тоа што поранешниот македонски премиер, сега бегалец, како дестинација ја избра токму Унгарија во која суверено владее неговиот политички побратим Орбан, кој му даде политички азил? Познато е дека Австријците имаат доминантно учество во казиното „Гевгелија“. Останува енигма евентуалното учество на спомнатите земји во обложувачниците, кои во Македонија ги има „мал милион“! Унгарската нискотарифна авиокомпанија „Визер“ добива солидни субвенции од македонската влада за одржување летови до повеќе европски дестинации. Австриската ЕВН има значајно учество во македонскиот енергетски сектор.
Мошне специфично е однесувањето на Германија кон Балканот, особено кон земјите од Западен Балкан. Во центарот на нејзиното интересирање се сепак посткомунистичките земји од Централна и Источна Европа, особено Чешката Република, Словачка, Полска и веќе спомнатата Унгарија. Германија игра мошне конструктивна улога во консолидација на состојбите не само во Централна, туку и во цела Европа! Во согласност со сознанијата, Чешка веќе функционира како да е составен дел на Германија! Мудрите Германци, но и мудрите Чеси, не се осврнуваат на минатото, туку ги гледаат иднината и интересите на нивните држави и нивните граѓани! Никој не го спомнува минхенскиот договор (1938), ниту декретите на Бенеш!
Во договорот за купување на чешката автомобилска индустрија од Германија е предвидено во возилата што се произведуваат во Чешка да бидат вградени 60 проценти делови произведени од чешки компании! Во времето кога се уриваше Берлинскиот ѕид и кога се обединуваше Германија, во Полска постоеше своевидна параноја! Полјаците беа мошне загрижени поради можноста обединетата Германија да го постави прашањето за западните граници на Полска и упорно настојуваа, со поддршка и помош на Франција и В. Британија, да го спречат или макар да го одолжуваат обединувањето на Германија. (Подетално за тоа во мојата неодамна објавена книга Варшавски години.) Меѓутоа, Германија не само што не го поставува прашањето за границите туку со своето конструктивно однесување ужива максимална доверба кај Полјаците. Пред неколку години Лех Валенса настапи со идејата за обединување на Полска и Германија!
За разлика од Централна Европа, која, благодарение првенствено на мошне конструктивното однесување на Германија, е насочена на соработка, на градење на иднината и на благосостојба на нејзините граѓани, Балканот, за жал, сѐ уште е закопан во минатото. На Балканот, наместо за сегашноста и за иднината, се зборува за небески народи, за библиски земји, за најстари цивилизации и слично. Останува да се надеваме дека, по мошне негативното искуство со големодржавните амбиции и крвавите војни што се водеа на Балканот во последните триесетина години, и балканските земји дефинитивно ќе тргнат по патот на земјите од Централна Европа и ќе се определат за мир, за развој на добрососедски односи и соработка во интерес на сегашните и идните генерации.
(Авторот е поранешен дипломат)