Нонпејпер, диверзитет, транџа и други странски секси зборови

Нонпејпер, како тоа мистично звучи! Возбудува, напнува, држи во неизвесност. Стави го на соодветно место во реченица и, ете, трилер.
Како помина вчера со Ана?
Ми врачи нонпејпер.
Што? Нонпејпер? Кажувај што пишува, нема да можам да заспијам!
Нормално дека нема да може да заспие, нонпејпер е тоа. Така сите ние тука на Балканов. Едвај око склопуваме. Море какво око, воопшто не спиеме. Цело време сме на штрек.
Жено, да не има нонпејпер сабајлево?
Нема веќе од денес за утре. Од нонпејпер до нонпејпер битисуваме. Политичари, медиуми, експерти и аналитичари… сите се возбудени. Така е со нив секогаш кога ќе научат нов термин. Како моментум. Или мал шенген. Така е сега и со нонпејпериве. Ама па стигаат. Стално некој ги вади од џеб, од ракав, од знаете каде, да не им скоривам коса на уредници и лектори. И возбудливи тоа нонпејперите. Обавезно во нив некој некого дели, распарчува, менува граници, спрема војни. Ќе си рече човек, балкански работи. Иако јас како познат теоретичар на заговори, секогаш намирисувам дека сите тие факинг нонпејпери се потпишани од нежните рачиња на западната политичка бирократија.

И така незаспани, се разбудивме со уште еден нонпејпер. Што има во него? Нешто за тоа како нордистанците се и Македонци и Бугари.. Драпај си мевот, вели баба ми. И се изнервирав. Аман веќе, не ми се читаат туѓи будалаштини. Туѓи нонпејпери. Па јас сум писател, креативец. Можам сам да си напишам нонпејпер. Е па, да почнам, а?
НОВ ТАЕН НОНПЕЈПЕР МИСТЕРИОЗНО ПОТПИШАН ОД МЕНЕ
Не ме интересираат нордистанските работи. Воопшто не би се занимавал со нив. Ама ми се пикаат меѓу редови, во интимност. Сѐ нешто Нордистан има проблеми. Со Грци, Бугари, Албанци, Срби, Авганистанци, со НАТО, ЕУ, САД, Русија. Најмногу имаат проблем со Македонците, ама тие беа едни лудаци што се бореа за слобода и, за среќа, веќе не постојат. Сега најново за нордистанците е проблемот со Бугарија. Веќе подолг период претураат од шупливо во празно. Се натегаат околу потекло, историја, јазик, припадност. А реално имаат идентичен проблем. И Бугарите и нордистанците. И едните и другите сакаат да се Македонци. А тоа не може. Бугарите затоа што никогаш не биле. Нордистанците затоа што им фали духовен и телесен дел. Ум и ’рбет. А бидејќи и едните и другите не можат да бидат Македонци, Бугарите смислија генијален план. Нордистан да признае дека Македонците се Бугари. Што пак е невозможно, оти нели, ниту едните,ниту другите имаат право да зборуваат за Македонците. Затоа со овој нонпејпер, јас ќе им помогнам. Пред сè на нордистанците, оти тие сакаат да се напикаат во Унија каде што Бугарите се најмизерни, па овие сакаат да го заземат тоа престижно место, први меѓу последните.
Решението се крие во еден збор. Диверзитет. На македонски тоа се нарекува разноликост, ама тој јазик веќе не постои. Значи диверзитет. Денес нешто најмодерно низ светот. Секаде мора да го има. И во стварност, и во уметност, недостига да заповедаат и во мисли да го носиш. На пример, глупо е на една маса да седат четворица белци. Па уште четворица бели мажи. И сите четворица хетеросексуалци. Тоа веќе наликува на фашизам како што би рекол прогресивен активист растен на црно млеко (расизам е млекото да биде само бело), грантови и хистерија.

Диверзитет е кога на маса седат четворица од различна раса. Сеедно што има три раси. Од четворицата, двајца да се мажи, а две жени. Сеедно што категоријата род е демоде. Добро е едната жена порано да била маж. Како што е добро едниот маж порано да бил стрејт, ама сега е геј. Тој нека е од жолта раса. Хетеросексуалец треба да е само мажот црнец. Жената црнкиња нека биде лезбејка за да не се спојат со мажот црнец, оти така нема диверзитет и мириса на расизам. Четвртиот лик треба да има диверзитет внатре во себе. На пример, се буди како бел стрејт реднек. Веќе на пладне е нежен геј-мулат. Патот од геј-мулат до косоока секси Јапонка не е долг. А кога некој хетеро реднек што станал геј-мулат сега се чувствува како згодна Азијатка, мора сите да прифатат зашто тоа е убавината на диверзитетот. Затоа вечерта таа е голем влакнест Афроамериканец. Е сега, ќе се најде некој забеган расист, фашист, хомофоб, шовинист, антисемит и антиваксер и ќе рече, ама не личи на ниту една од наброениве идентитети. Не личи, ама така се чувствува. А кога некој се чувствува како пеперутка, има и ти, кретену, да опрашуваш со него.
Чекај, зошто го пишувам ова? А да, мојот нонпејпер. Нордистанско-бугарски проблем. Решението за него. Диверзитет. Разноликост. Нордистан и Бугарија треба да потпишат договор и да станат дел од новата нормалност. И решен проблем. Можеш да се чувствуваш пола ден нордистанец, пола ден Бугарин. Или Бугарка. Па ако се бендисаат нордистанецот и Бугарката во тебе, може и да стапат во брак. Е како сам со себе во брак? Е не е сам со себе, тоа се два различни идентитета. Секако, во еден момент нордистанецот може да смени пол и да продолжат во лезбејска врска. Диверзитетот дозволува и други идентитетски акробации.

Нодристанец што пола ден се чувствува како Бугарка, а во меѓувреме станал и транџа, може сите идентитети да ги смени во еден… Македонец. Ама само грчки Македонец. Сега има и такви. Тоа ви се оние Грци што се раѓаат и умираат со македонски идентитет, ама им треба писмен договор дека други не се раѓаат и умираат така. Како македонски Македонци (мислам на нордистанциве и Бугариве), не може да се чувствуваат и веќе објаснив зошто.
Да заклучиме. Нордистан и Бугарија да потпишат договор за диверзитет. Со него ќе можат да се чувствуваат како сакаат. Сега си црномурест нордистанец што се чувствува како лезбејка, потоа си Бугарин што порано бил жена од Виетнам, ама сега е транџа, а веќе утре си пеперутка со нордистанско-бугарски идентитет што се чувствува како седма реинкарнација на далај-лама.
За Нордистан ќе биде лесно. Нивниот лидер е господар на диверзитетот. Затоа е омилен сатрап кај западните спонзори. Тој може да биде што сака. Вообичаено е премиер. Но зависно од потреба менува идентитети. Сабајле е правен советник, напладне станува обвинител, приквечер е веќе судија, а кога ќе му пукне филм се претвара во џелат. Ама не застанува тука. Тој е економски гуру, моторџија, Бугарин, доктор, бизнисмен, земјоделец, нордистанец, полиглот, љубовџија, таен агент, дипломат, џинџер-женска што тера џендер-баланс, шегобиец, Европеец, ваксер, господар, туристички водич, историчар, гитарист, домаќин, одач по жица, медиумски уредник, месија. Нордистанците само треба да го имаат него за божество и ете им пример како до го научат тој модерен диверзитет.