Со години Македонија е фундаментално несериозна држава. Држава што нема концепт на вредности во ниедна област, а најмалку во политиката. Држава во која експертизата и знаењето се потценети за сметка на импровизациите. Во која политички мешетари и интелектуални блефери станаа неверификувана вредност на пазарот. Но добро платена
Светот нема да биде ист по коронавирусот. Има настани во историјата што го обликуваат на траен начин. Глобалната пандемија со коронавирусот е еден од тие. Веќе се насетуваат контурите на новиот свет во најава. Глобалниот вирус веќе го преориентира нашиот однос кон Владата, кон надворешниот свет, дури и едни кон други. Некои промени во наредните месеци, или години, може да се доживеат како непознати, па дури и вознемирувачки.
Веќе сега знаеме дека допирањето работи, да се биде со други луѓе и да дишете воздух во затворен простор може да биде ризично.
Удобноста да се биде во присуство на други многу брзо ќе ја замениме со желбата од нивно отсуство, особено на оние што не ги познаваме интимно. Ако досега се прашувавме дали има потреба контактите да ги направиме преку интернет, сега ќе се запрашаме дали има добра причина да го сториме тоа лично. Веќе сега градиме таква свесност, а каква ќе биде во иднина? Сигурно некои навики тешко ќе исчезнат, но човекот учи од искуството и брзо се приспособува. Колку брзо и колку таа свесност ќе биде различна за различни луѓе, допрва ќе видиме.
Како што се развива кризата гледаме дека се менува и значењето на поимот патриотизам, кој вообичаено се изедначуваше со подготвеноста да се брани државата со сите средства, главно воени. Одеднаш оние што се наоѓаат во првите редови против коронавирусот не се веќе војниците, платениците, или регрутите. Тоа се нашите доктори, медицински сестри, фармацевти, наставници, службеници, продавачи, даватели на комунални услуги, сопственици на мали бизниси и вработени. Свесно го преземаат ризикот да бидат заразени со вирусот, па и да умрат.
Одеднаш сфаќаме дека нивната жртва за нашето здравје и животи е висок чин на патриотизам. Еднаков, а можеби и поголем од оној што го препознававме досега. Конечно се случува демилитаризација на патриотизмот. Посветеноста на заедницата, на здравјето и животите на нејзините членови секогаш постоела, но со текот на времето сме заборавиле дека тоа е висок чин на патриотизам. Коронавирусот нѐ потсети на тоа. Барем нешто добро произлезе од оваа ужасна мешаница.
Исто така, коронавирусот нѐ ослободи од политичката и културна поларизација во општеството, која ги зароби нашите животи. Ни се случуваат сѐ поголема национална солидарност и функционалност. Разликите се ставени настрана пред заедничкиот непријател. Ова ниво на неизвесност и исчекување сугерира дека сега е време да започнеме да промовираме поконструктивни обрасци во нашиот културен и политички дискурс. Дека е време да го ресетираме нашиот образец на поделби, зашто невидливиот непријателот не избира. Не прави разлика, не дискриминира. Го погодува секого.
Со години Македонија е фундаментално несериозна држава. Држава што нема концепт на вредности во ниедна област, а најмалку во политиката. Држава во која експертизата и знаењето се потценети за сметка на импровизациите. Во која политички мешетари и интелектуални блефери станаа неверификувана вредност на пазарот. Но добро платена. И гледаме како одеднаш кризата ги исфрли експертите во преден план. Народот сака да ги слушне медицинските професионалци, а не некоиси приучени политичари. Нивните празни монолози веќе немаат консументи. Сакаат да ја чујат вистината од сериозни луѓе што си ја знаат работата.
Се надевам дека коронавирусот конечно ќе нѐ натера да сфатиме дека управувањето со државата е сериозна работа, за сериозни и образовани луѓе. Глупоста и неспособноста стануваат транспарентни во време на криза. Ни ги отвори очите каде ќе нѐ одведе тоа. Колку сите заедно ќе ја плаќаме цената на неуспехот на власта да се заштити здравјето и да се спречи пропаѓањето на економијата. Погледајте какви мерки се предлагаат за да се сопре галопирачката рецесија. Дефинитивно нешто ќе нѐ убие. Ако куртулиме од вирусот, тешко ќе ја преживееме сиромаштијата, кон која нѐ турка бившиот премиер.
Се плашам дека пандемијата на коронавирусот означува крај на нашата романса со пазарното општество и индивидуализмот. Со либералниот концепт на држава. Дали постои опасност да се свртиме кон авторитаризмот? Да постои. И реално ќе постои додека владејачката партија не сфати дека со своето самодоволно и самобендисано однесување ја прави оваа криза многу поопасна отколку што треба да биде. Се прашувам како не може да види колку се поврзани нашите судбини сега. Како никогаш досега.
Исто така, коронавирусот ќе отстрани многу од вештачките бариери за пренесување на поголем дел од нашите животи преку интернет. Многу области од нашите животи ќе станат виртуелни. Сигурно не сите. Но многу да. Како што напиша еден: кога учениците и студентите ќе сфатат дека можело да се учи од дома враќањето во школите и скапите факултетски кампуси нема да биде привлечно, принудувајќи масовни промени во сектори што долго време беа зрели за иновации. Кризата со коронавирусот е шанса за пософистицирана и флексибилна употреба на новите технологии. Кои неизбежно се наметнуваат.
Наскоро ќе гледаме како ни се менува општеството. Како се менува концептот на влада, економија, здравство, образование, нашиот животен стил и однесување. Но најважно од сѐ, глобалната пандемија на коронавирусот ќе нè присили да преиспитаме кои сме и што цениме и, на долг рок, би можело да ни помогне да ја откриеме подобрата верзија од нас самите. Да се свртиме и вратиме на вистинските вредности во животот подзаборавени во трката по пари и кариера. Повторно да ги откриеме едноставните задоволства на животот. И, секако, да ѝ се вратиме на природата. Како конечен одговор на пандемијата.
Веќе напишав дека пандемијата на коронавирусот ќе го промени светот засекогаш. Ковид-19 ќе создаде свет што е помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен. Не мораше да биде на овој начин, но комбинацијата на смртоносен вирус, несоодветно планирање и некомпетентно лидерство го постави човештвото пред нов предизвик. За тоа каков свет нѐ очекува на геополитички план во следната колумна.