Целиот човеков свет е содржан базично од ментални перцепции, мисли и емоции. Ставете ги заедно, измешајте ги и ќе го добиете целиот живот на поединецот. Но има ли и нешто друго? Што е она што ги перципира сите овие сензации? Што е она што зборува директно од нашата душа, не од нашиот ум? Што е она по кое сите копнееме и со кое се чувствуваме целосни. Тоа е чистата свест, чистата енергија како што се нарекува во науката или светлото на универзумот, есенцијата над сите сензации, бог, како што се нарекува во духовниот свет. Тоа е свеста што ни ги овозможува мислата, перцепцијата и емоцијата. Тоа е духовното, невидливо платно што е вечно, на кое ние ги сликаме боите на животот. Тоа е најскриеното и највнатрешното во човекот. Тоа е неговата највнатрешно духовна димензија, основата заради која можеме да живееме.
Еднаш кога ќе ја дофатиме оваа најдлабока суштина внатре во нас, ние почнуваме духовно да се будиме. Во што се состои оваа нова духовна парадигма и во што е новото откритие?
Човекот кога духовно ќе се разбуди, не е повеќе роб на мислата што е најчесто негативна и не е веќе роб на сопствените умствени илузорни темни перцепции. Животот е радост, ни велеше Исус. Во таа смисла сега, во новото време се случува скок од ментално-умствениот во свесниот човек. Веќе кај човекот се појави свеста за дисторзијата во перцепцијата и резонирањето и свеста за ограниченоста на мислата и чисто логичкиот ум.
Човекот долго време живееше во илузијата дека сопствените перцепции за себе, светот или околностите се објективни. Објективноста не може да постои, затоа што која било сензација да е во тек, таа поминува низ индивидуалниот ментален филтер и сѐ што добиваме е само нашата слика. Човекот е роб на сопствените умствени слики, кои кога еднаш ќе почнат да се емитуваат тој влегува во сопствените најтемни сценарија, негативни прогнози што го доведоа тој да живее во најтемната ноќ на сопствената душа. А човекот токму тие чисто индивидуални креации ги прифаќа како објективни.
Ова е времето кога човекот мора да се ослободи од тешкиот ментален притисок и тој да стане свесно суштество. „Кој има очи нека види, кој има уши нека слушне,“ ни порачуваше Исус. Затоа што преку свесноста, сѐ што постои го гледаме од една повисока перспектива. На тој начин сме дошле во хармонија со целиот космос и сме очи в очи со божественото, од таа точка сѐ е возможно. Ова многу добро го знаат сите духовни водачи.
Духовноста нема своја структура на верување за разлика од верата, која е полна со канони, догми, правила, ритуали и обреди. Вака поставена религијата е производ на мислата. На човекот однадвор му се наметнува на кој начин треба да верува и кон кои правила треба да се придржува. Тоа е земскиот морал. Духовноста е највисокиот космички морал, тој е оној кантовски кажано внатрешниот глас во мене, или гласот што доаѓа од највисоката свесност, која секогаш е светлото на љубовта. Во духовноста ние одиме еден чекор понапред во откривањето на божественото внатре во нас, во однос на религиозното и институционалното.
Денес сведочиме на еден неверојатен пораст на технолошки стимулации. Во пред стариот век човекот беше фокусиран единствено на своето опкружување, потоа тој се задлабочи во книгата, се појави Гутенберговата галаксија. Човекот постепено ги полнеше својот мисловен апарат и интелект со најразлични информации и се оддалечуваше од духот внатре во себе. Се појавија мас-медиумите, кои експлодираа со големата технолошка револуција, кога се случи хомеостазата на човекот со машината. Машината денес стана дел од човековиот идентитет. Телефонот, лаптопот и компјутерите станаа дел од него, без кои тој самиот се убеди дека не може да живее. Ова го подразбира и енормното движење на информациите, кое стана дегенеративно и доведе до целосна човекова дезинтеграција и дефинитивно одвојување од духот внатре во себеси. Со таква една бука и полифонија на информации од сите страни во нашата глава, ние денес создаваме нов идентитет што се заснова на информациите што ги добиваме на социјалните мрежи. Критериумот на убавината станаа старлетите, дегенерацијата на „убавиот збор“ се репродуцира од т.н. инфлуенсери(ки) и ријалити-партиципиенти, кои најчесто со многу пари покажуваат луксуз во свет во кој самите се прогласија за ѕвезди, со една единствена цел – пораст на бројката на следбеници. Се работи за несвесен живот. Овие виртуелни самонаречени лидери на новото време повторно ја прогласија материјата за бог и таа стана мит и апсолутна вредност. Сега е јасно на кој базичен принцип новите генерации го креираат сопствениот живот, дефинитивно оддалечени од сопствената духовност.
Затоа денес повеќе од кога и да е, ние мораме да се вратиме на духовноста заради опстанокот на нас самите и на вистинските вредности, оддалечувајќи се од самослик-институцијата и инстаграм-илузијата. На тој начин човекот од надвор ќе се пресели внатре. Тоа беше целата духовна лекција што на многумина им се измолкна во оваа пандемија. Останавме внатре, затоа што само внатре се вистинските одговори. Само внатре е светлината што долго време беше изгасната, анестезирана, или вештачи успивана. Денес треба духовноста да биде предмет број еден во училиштата, затоа што таму лежи фундаментот на животот.
Во таа смисла духовноста мора да биде основа на животот, а не непотребните информации. Тоа е свесниот живот и животот со внатрешен вглед. Животот на поединецот не е во минатото ниту во иднината, ние не сме она што сме биле, или она што нашиот ум во страв мисли дека ќе бидеме. Ние сме единствено она светло што е зад буката во нашата глава. Тоа е тонење во светлината во сегашниот миг.
Свесноста е највнатрешното јадро на сѐ што постои. Јадрото што Исус го нарекуваше светлото на светот, „навистина ви велам вие сте светлото на светот“.
Свесноста нема форма, нема своја материјална одредница, па науката како што е денес материјалистички поставена во себе не може да ја повика. Да се потсетиме дека токму преку духовноста или етерот, Никола Тесла го спроведуваше секој свој експеримент и се дојде до тектонски поместувања во науката. На вака поставена науката ќе ѝ требаат уште многу векови за да го открие спознанието дека без духовноста не може да направи ниту чекор понатаму.
Свесноста е вечен субјект внатре во човекот, тој нема свое име, таа е во заднината на сѐ што постои, таа е онаа заради која сѐ може да постои во одреден живот. Кога го прашале Бог за неговото име тој рекол „јас сум, мене самиот“ (I am, that I am), јас сум вечен и непроменлив. Еднаш кога ќе го дофатиме ова светло, оваа длабока свесност внатре во нас, ние сме се пробудиле. Тоа јадро е изворот на целата креативност, тоа е новото светло на човекот, тоа е убавината. Отаде сe креацијата на уметничките епохални дела и најголемите научни сознанија. Тоа е исконската интелигенција без концепција и без временска егзистенција. Таа е вечност. Ако еднаш оваа светлина ја интегрираме во нашиот секојдневен живот, ние сме го дофатиле божественото, животот во радост и космичката хармонија. Тогаш со нас владее мирот. Од тој час конфликтите завршуваат помеѓу луѓето, затоа што конфликтите се создаваат кај луѓето на ментално ниво, помеѓу луѓето што не знаат кои се, не ја знаат вистинската природа на себеси. Тоа е онаа реченица што Исус ќе ја каже кога го распнуваат на крстот – „Оставете ги, тие не знаат што прават“. Тие не знаат кои се, всушност ни велеше Исус.
Оној момент кога страдањето ќе стане неподносливо, тогаш кога она егоистично јас, кое секогаш е во некаква трка, на кое ништо не му е доволно, кое секогаш е незадоволно, кое е страв, омраза, зло, јунговски кажано сенката или маската на персоналитетот, ќе се одвои од она мене, кое е свеста, духот, светлината или љубовта, тогаш се случува будењето и тогаш светлината свети во најдалечни блесоци опфаќајќи го целиот наш живот. Тогаш она што е ментално веќе не владее, туку е под власт на свесноста. Така човекот во еден миг се буди во истите околности, истите луѓе, на истото место, но во сосема нов свет, насекаде и во сѐ ја забележуваме убавината. Тоа е светот на радоста. Не се променил светот, туку се сменила нашата свесна внатрешна перцепција. Само новата духовна парадигма што е откривање на свесноста како фундамент внатре во себеси, може да се создаде новиот посовршен човек. Тоа е внатрешната задачата на секој човек.
Еднаш кога ќе го дофатиме ова јадро, мигот кога светлината ќе победи во човекот, животот повеќе не е ист. Тогаш се освестуваме дека постоиме и дека постојат оние што ги сакаме, тогаш со внатрешен вглед ја гледаме целата убавина на природата. Тогаш победила љубовта. Кога умот нема решение, тогаш е мигот кога треба да се поврземе со исконската интелигенција, а таму лежат сите одговори. Тогаш кога ќе научиме да ги препознаваме одговорите што доаѓаат од тоа јадро, кога остануваме во таа светлина, тогаш влегуваме во Царството небесно на земјата. Тогаш ние сме во милост божја.