Отсега личната идентификација „Македонец/Македонка“ има иста тежина како да се идентификувате со Марсовец или јети. Всушност, од овој момент секое споменување на Република Македонија и/или македонско, дома или надвор, претставува чин на непокор и бунт. Тоа е она што ги чека идните генерации. И како што грчките левичари се бореа против должничкото ропство наметнато од Еврогрупата со тезата за „одвратен долг“ (odious debt), слична ќе мора да биде и нашата одбрана, поради насилниот, измамнички, противправен и нелегитимен процес.
Од Соломон до денес, од Македонија до Венецуела, од Таљат до Гуаидо, нема ништо ново под сонцето. Со ова некои нема да се согласат, а особено грчкиот премиер Ципрас, кој веднаш по изгласувањето на ратификацијата на Преспанскиот договор ни твитна дека сме новородена држава (откако, претходно, се разбира, објасни дека македонски народ не постои). Ако го слушате него, излегува дека досега сме биле во фаза на фетус, а грчкиот парламент ја одиграл улогата на бабица! Сепак, прашањето е кој ја зачнал оваа божем нова држава? Дали имало секс, или се користела метода за ин витро? Да не беше атеист, тој можеби ќе веруваше во бестелесно зачнување од Светиот Дух. Кога ова ќе го споредите со патријархалните и мачоистички изјави на Коѕијас за невестата што си го менува (през)името според сопругот, се чини дека завршивме во пелени, со тотална инфантилизација.
Нашиот довчерашен херој и борец за малцински права, Павлос Воскопулос, веднаш се приклучи со онаа позитивна психологија за аматери, поздравувајќи ја најмладата држава на северот! Во екот на ваквите реакции, колку бесмислено и патетично изгледаат сите експертски надмудрувања за (не)прифатливоста на префиксот Нова во споредба со Северна, зар не? На веб-страницата на грчкото министерство за надворешни работи стоеше со години тезата дека Македонија и Македонците се измислени од Тито, а сега единствената „новина“ ќе биде дека државата настанала по милоста и волјата на грчките пратеници и влада. Официјалната верзија е дека во новородената држава живее новосоздаден народ (впрочем имаат проблем да се одлучат помеѓу славомакедонци и северномакедонци, но ќе најдат решение – барем за етничка асимилација имаат богато историско искуство). Еден грчки колега, поддржувач на договорот, сепак, констатира дека грчкото општество останало длабоко поделено и со отворени рани, кои ќе морале да се залечуваат. Ова е како во народната изрека: сто стапа по туѓ грб не болат, ама и еден по сопствениот е повод за голема грижа. Но, еве, и ако е така, тогаш кому му донесе добро преспанската пластична операција? Две поделени општества со отворени рани, а секое од нив мисли дека неговата е подлабока и поболна… И вака ќе градите мир и просперитет?
Да биде иронијата поголема, во дуел со пратениците на Комунистичката партија на Грција, во финалниот чин на ратификацијата Ципрас се послужи со примерот на Граѓанската војна и Мирка Гинова. На Твитер се огласи колешката Јасна Котеска: „На грчкото Собрание му требаа 70 години од говорница да обзнани дека постоел егзодус на над илјадници Македонци. А Република Македонија реагира со паѓање во несвест за обзнанување едноставен историски факт“. Сепак, мора да се појасни следново: попатната изјава на Ципрас во жарот на борбата, за жал, не е признавање на егзодусот, ниту на страдањата на сите протерани Македонци. Тоа не е ниту официјален чин на грчкиот парламент. За тоа можеби ќе чекаме уште 70 години, ако воопшто и некој дочека таков пресврт. Второ, Преспанскиот договор не само што не е дел на соочување со минатото и со злосторствата, туку е обратното. Договорот наложува историски ревизионизам, и отвора нова епизода за негирање на правото на самоопределување. Нема овде ништо за славење, освен за обожавателите на воени алијанси и геополитички трилери. На повидок нема ни трага од извинување или навестување на нов однос кон жртвите на егзодусот или нивните живи наследници.
Напротив, има целосно бришење на македонското малцинство (за жал, во тој зафат колаборатори беа и членови на „Виножито“). Накратко, егзодусот што е историски факт, за кој сведочат половина од денешните жители на Република Македонија, не добива никаква историска, морална, политичка или правна сатисфакција. Конечно, Јасна греши кога вели дека Република Македонија реагира со паѓање во несвест поради обзнанување на историски факт. Во несвест паѓа Северна Македонија. И сето тоа е дел од пропагандниот циркус со кој се зашеќерува новиот историски факт во кој со еден потпис на раката сите станавме Егејци, зашто не смееме колективно, како народ, да се идентификуваме како Македонци. Отсега личната идентификација „Македонец/Македонка“ има иста тежина како да се идентификувате со Марсовец или јети. Всушност, од овој момент секое споменување на Република Македонија и/или македонско, дома или надвор, претставува чин на непокор и бунт. Тоа е она што ги чека идните генерации. И како што грчките левичари се бореа против должничкото ропство наметнато од Еврогрупата со тезата за „одвратен долг“ (odious debt), слична ќе мора да биде и нашата одбрана, поради насилниот, измамнички, противправен и нелегитимен процес.
Сега од дистанца, и временска и географска, многу појасно се гледаат закономерностите на глобалниот поредок и бескрајната хипокризија на западната демократија. Еве, на пример, имате земја во која мора да се интервенира: со недели владеат улични протести, поддршката за претседателот е падната на само 17 отсто, полицијата употребува брутална сила против цивили! Ама, грешка сте, не станува збор за Венецуела, туку за Франција. И да биде иронијата поголема, токму Франција (заедно со ЕУ), САД и Британија признаваат т.н. привремен претседател (спротивно на уставните процедури, кој популистички дава заклетва на плоштад). Уште повеќе, на актуелниот претседател Мадуро му даваат рок од 7 дена да распише нови избори или… Јасно, без оглед каква е конкретната регулатива, во ниту една земја на светот не може да се распишат избори за толку краток рок, и да бидат регуларни, фер и слободни. Всушност, гледаме преврат во директен пренос, со учество на западните демократии, кон власт што тие ја прогласиле за недемократска. Regime change in live, со голема веројатност да дојде до граѓанска војна. Така, оној циркус со „изборот“ на Таљат за кој ниту има записник, ниту имаше мнозинство, ниту деловничка процедура, дури беше и мека варијанта – како за банана-држава. Како што вели мојот пријател, ако САД (НАСА) каже дека Кокино е неолитска опсерваторија – така и ќе биде! Исто е и со режимите, а богами и со народите. Можеби е патетично и да повторувам, но за овие привилегирани нации, кои или биле или се империјални, не постојат ни скрупули, ни принципи, ни владеење на правото, а најмалку од сѐ постои соочување со своето минато и злосторствата вршени во име на сопствените национални интереси. И не само од времето на Граѓанската војна во Грција, туку од многу, многу порано…
Не е никаква утеха, но освестувачки е да знаеме дека ова што нам ни се случува без крв, на другите (оние со нафта и со поголемо значење, или посилен влог) им го прават најбезобразно. Можеби затоа додека нас нѐ болат овој инженеринг и неправдата и потајно сме разочарани што никому не му е грижа, треба да се сетиме дека нема ништо ново под сонцето! Но фактот дека постоеле и ќе постојат криви дрини, не значи дека треба да престанеме да се бориме и да ги исправаме. Како знаеме и умееме…
Зашто, конечно, секој е препуштен сам на себе. Како што ја прежалија лулката на човечката цивилизација (Ирак и Сирија), како што острат заби за Иран, така око нема да им трепне ни за Венецуела, дури и кога ќе се дави во крв поради нафта. Ах, да! Денес се одбележува Светскиот ден на холокаустот, како опомена и спомен. Велат денес нема холокауст, но никој не ги прашува Палестинците дали новата индустрија на смртта им е подрага од онаа на нацистите. Живееме во свет (и во општество) во кој лесно се навикнуваме на злото, во секоја негова форма. Зошто се прифаќа неприфатливото? Како ненормалното станува толку нормално што не го ни забележуваме? Можеби затоа што „не постојат такви животни услови на кои човекот не може да се навикне, особено ако гледа дека сите околу него веќе ги прифатиле“ (Толстој).