Првите, кои се против градење, сакаат да обезбедат подобар квалитет на домувањето (светлост, поглед, паркинг, сообраќај), но и вторите, кои се за градење, го сакаат истото, подобар квалитет на домувањето за себе и за своите деца (станови во новоградба)
„Не сакаме дворови, сакаме станови за синовите!“ одекна во јавноста по јавните расправи за детални урбанистички планови (ДУП, плановите) во Центар – Скопје. Одекна бидејќи тоа беа барања на жители од населбите за кои треба да се донесат плановите, во контекст на противењето за натамошно градење во Скопје. И тоа не се барања на инвеститори, туку барања на жители.
Во „ДУП-овите ќе ги одлучуваат изборите во Скопје“ декември минатата година пишував дека носењето на плановите може да ги одлучува изборите во Скопје. Тогаш тоа беше за плановите за Расадник (Кисела Вода), Маџир Маало (Центар) и Трнодол (Карпош), а сега се приклучуваат и тие за Дебар Маало (Центар) и Буњаковец 2 (Центар). Во Расадник се предвидува нови згради за околу 20.000 жители, што претставува повеќе од 20 проценти од постојната популација на Кисела Вода (околу 80.000). Тука не е дилемата дали е добар ДУП-от, туку дали Кисела Вода и Скопје Исток може да издржат нови 20.000 жители, земајќи ги предвид инфраструктурата и економска и социјална, и поврзувањето на Кисела Вода со другите делови од Скопје, кои како Антон Панов се веќе тесно грло. Во Маџир Маало, наводно се предвидени над 50 хотели? Бројката звучи неверојатно и поради просторот во Маџир Маало и поради потребите на туризмот во Скопје. Во Трнодол, без навлегување во ДУП-от, проблем е начинот на кој власта се справува со незадоволните граѓани.
Последен во низата е планот за Буњаковец 2 или потесно уредувањето на просторот на поранешната фабрика за мебел „Треска“. Овој план се носи поради одлуката за мораториум и повторно носење на ДУП-овите во Центар. Згради беа предвидени и во претходниот план и во новиот план. Судирот тука е меѓу интересите на сопствениците на земјиштето и други жители, како и стручната и професионалната јавност. Многумина од стручната и од професионалната јавност бараат од општината тука да се носи планот со конкурс, како и да се направат напори за зачувување на дрвјата во кругот на фабриката. Судирот толку се интензивира што веќе предизвикува расцеп во советничката група на СДСМ во општината Центар, меѓу членовите од партијата и од Шарената револуција.
Во декември пишував дека во сите случаи можеби информациите не се точни, можеби има дезинформации, можеби треба да се расправа за јавниот интерес. Но, секако, треба да се расправа бидејќи станува збор за одлуки што се долгорочни, не само за конкретните ДУП-ови туку и како го дефинираме јавниот интерес наспроти специјалниот интерес на групи.
Во досегашните расправи за дефинирање на јавниот интерес наспроти специјалниот интерес на групи, се говореше за жителите (јавен интерес) наспроти инвеститорите (специјален интерес). Последните јавни расправи „Не сакаме дворови, сакаме станови за синовите!“ посочуваат дека жителите на засегнатите населби немаат ист интерес. Интересите на жителите на неизградените парцели, се разликуваат од тие во веќе изградените. Додека жителите во веќе изградените бараат градбата да престане, тие во неизградените парцели сакаат да продолжи. Првите, кои се против градење, сакаат да обезбедат подобар квалитет на домувањето (светлост, видик, паркинг, сообраќај), но и вторите, кои се за градење, го сакаат истото подобар квалитет на домувањето за себе и за своите деца (станови во новоградба). И не може само вторите да се обвинат за себичност (сакале станови за децата), истото може да се каже и за првите, кои живеат во новоизградени згради и го оствариле правото на градба и се противат другите да го остварат тоа. Што е тука јавниот интерес, кога самите жители се поделени? Тука мора да настапат стручните и професионалните критериуми и стандарди за урбано планирање. И тие да важат за сите еднакво.
Дали сакаме „Треска“ и други супстандардни објекти во центарот и не само во центарот да останат такви? Верувам никој не сака. Сакаме да има паркови? Доколку земјиштето е приватно и има предвидено градба, сопствениците мора да се обесштетат. Дали јавноста е подготвена да ја плати цената? Во случајот кај Мајчин дом во Аеродром не беше подготвена.
Малку за интересот на инвеститорите, за тие легитимните. Точно е дека зголемување на градбата е диктирана од интересите на сопствениците (станови за децата) и интересите на инвеститорите за поефикасна, поевтина градба. Овие интереси не мора да бидат спротивни на професионалните стандарди или јавните интереси. На прашањето зошто мора да се гради во Центар, а не на нови локации како Зајчев Рид за да се обезбеди подобар квалитет на живеењето, одговорот е едноставен – пазарот и купувачите го диктираат тоа. Доколку се погледнат цените на становите, и како тие опаѓаат од центар спрема периферија, јасно е зошто интересот за градба е таков каков што е. И секако дека нови населби како што во минатото биле Лисиче, Драчево или Радишани, не се можни без државна интервенција во обезбедување инфраструктура, и тоа не само комуналната – патишта, водовод и канализација туку и социјалната како градинки, училишта и амбуланти. Кој би градел и би купил стан во Зајчев Рид, ако нема пат и градинка? Оттука дебатата можеби треба да се префрли од ДУП-овите на генералниот урбанистички план на Скопје и во која насока ќе се развива Скопје.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2020