Антиклимаксот што го минува општеството е навистина патетична епизода во низата, бидејќи само оние што имаат меморија на риби, можат сега да глумат изненаденост или разочараност. Ние живееме во матрикс, нештата се рециклираат, постојано лебди чувството на дежа ви, и сѐ се менува за ништо да не се смени.
Токму пред да „пукне“ скандалот (ах, ќе речете: кој скандал, толку многу ги има од час на час!) со Катица Јанева и предметот „Рекет“ бев поканета да напишам аналитички текст за една странска публикација. Свесна за тоа како (наивно и неосновано, со wishful thinking) надвор гледаат на Македонија, одлучив да ги разбијам илузиите и текстот да го насловам според нашата народна изрека „не е злато сѐ што сјае!“. Јасно, текстот треба да биде контратежа на она што Заев и компанија, тапкани по рамена од „меџународната“ го верглаат за „блескав пример“. Знаете ли како гласи оваа наша изрека на англиски? (Поточно, повеќето изреки за кои сметаме дека се наши, всушност, постојат и во другите земји во светот, во верзии соодветни на духот на нивните јазици.). Оваа изрека на англиски е „Fool’s gold“ – во превод, златото на будалиот. Како почна да се одмотува клопчето, така инспирацијата навираше – и она што требаше да го завршам до средината на август, го напишав за два дена. Сепак, горчливо е чувството кога припаѓаш на нација предводена од будали, лакоми, нечесни и – ох, толку проѕирни! Да се разбереме, будалиот е обично ем глупав, ем лаком. Затоа се лаже лесно, доволно е да види нешто светкаво, што заличува на злато или барем на евра/долари, или што е фалено од оние надвор. Но овде будалите се „ѕверки“ – и гласани на избори или поставени од моќници, а глорифицирани од народот. Она што боли е дека сите сме будали, глупави магариња, дури (или затоа што) немаме денар в џеб.
Антиклимаксот што го минува општеството е навистина патетична епизода во низата, бидејќи само оние што имаат меморија на риби, можат сега да глумат изненаденост или разочараност. Ние живееме во матрикс, нештата се рециклираат, постојано лебди чувството на дежа ви, и сѐ се менува за ништо да не се смени. Сега, мнозина се осоколија, генерали по битка, навреме напуштаат еден брод за да го фатат наредниот… Но, попусто! И тие се дел од нацијата на глупави магариња. Не ми е намерата да покажам колку сум била далековида или паметна, но ќе потсетам на две работи во врска со „бомбите“ и Јанева. Веднаш по обелоденувањето на фактот дека Заев ги поседува (и наводно само тој ги преслушува) „бомбите“, на Фејсбук напишав дека сум убедена дека некои од тие разговори набргу ќе се шетаат на „стикчиња“ по разни џебови. Бев ставена на насловна страница на еден весник како државен непријател бр. 1 и неверен Тома. Се покажа дека не е потребно ИТ-знаење од висок степен за да се погоди дека електронски материјали не само што лесно се споделуваат, туку и се практично неуништливи (пуштете што зборува Заев). Се покажа дека сум била во право. Објавив најмалку две колумни непосредно посветени на Јанева (за жал, не можам да ги најдам во електронската архива), и тоа во време кога беше потребна храброст да се каже дека царицата е гола и боса (во умот) и да се разголи култот на карикатурална личност предодредена за хероина (нешто како кога на Обама му давате Нобелова награда за мир уште пред да му почне мандатот). Ќе потсетам само на две колумни („Игорче и Кејти“ од септември 2015 г. и „Каламити Џејн“ од септември 2016 г.), во кои кажав дека Македонија веќе не е „специјална“ туку „ретардирана“ држава, а дека избор на ваква специјална обвинителка е „бинго“ за секој осомничен/обвинет.
Во првата напишав: „Тоа што специјалната обвинителка е избрана на крајно нетранспарентен начин никому не му е ни чудно (дури ни на избраната, која треба да биде олицетворение на врвен правник со интегритет!). Тоа што е прескокнат институтот јавен оглас, и што според Уставот секому под еднакви услови му се достапни сите функции, е помалку важно од запазувањето на рокот од политичкиот договор. Нема познавач на правото што не е свесен за тоа дека специјалниот закон (и обвинител) се поставени над правото, т.е. наместо правото да ја ограничи политиката, се случува обратното. Се вели дека е политички неопортуно да се негодува во ваков критичен миг.
Помислата за оспорување на законот пред Уставниот суд е рамна на ерес. Неверојатно, ама според министерот за правда законот е израз на волјата на владејачката класа (!?), а тоа што специјалната е избрана со повеќе гласови одошто оние што се потребни за измена на Уставот бил крунски аргумент дека сѐ е во ред. Апологијата спрема меѓународната заедница доживува неверојатни димензии. На Ванхоуте не само што му е дозволено, туку е и пожелно што е експерт по општа практика: модерира и пресекува решенија за уставна или кривична материја, знае сè и за изборен систем и за медиуми, итн…. Како просечната Кејти ќе ја сретне специјалната Катица? За јавноста изборот беше изненадување, за фелата – неверица, но невладиниот сектор ништо не може да го изненади. Истата вечер ’Ајде‘ излезе пред Собранието да даде поддршка, но и да ги испорача големите очекувања (’Многу работа ве чека!‘).
Сценографијата и брзината со која се отпечатија плакатите потсети на предреферендумските денови од ноември 2004 година. Овие, но и некои други вибрации, сепак стигнаа до Јанева; како добро воспитана жена и жена што знае кој е кој, им изрази длабока благодарност до ’сите политички и сите меѓународни фактори што ја избрале‘“. Втората колумна ја завршив со следните зборови: „Ароганцијата се должи на свеста дека Собранието е тигар од хартија, а Уставот дерогиран и со воведувањето на СЈО по сила на политички волунтаризам. Зад решетки треба да се најдат сите за кои во правична судска постапка ќе се утврди вина, но Каламити Џејн (создадена од недивиот Запад) мора да ја почитува поделбата на власта и принципот на владеењето на правото, кој гласи: ’никој не е над правото, па ни СЈО и/или Јанева‘“. Додека евоцирам спомени, веќе се знае новата Катица (која, пак, била почестена што надвор од закон, ја предлага премиерот!).
Катица и нејзините пајташи, во најлош случај, ќе завршат како „жртвени јарци“ пуштени низ вода – а дури и тоа не е сигурно! Сега на сцена е „менаџирање“ на кризата и вртење на нов лист на старата книга за една држава во умирање. Сите инволвирани си најдоа повод за среќа: опозицијата конечно ќе здивне и вели „ви рековме дека е ова политички прогон и неправна држава“, Заев (пак) се покажува како наивна добричина и транспарентен премиер, кој веднаш наоѓа замена за скапаната јаболка, а не би се изненадила и странците во овој дебакл (зготвен од нив) да најдат аргументи дека Македонија прави реформи и се справува со криминал од највисок тип (нашиот Санадер е Катица) и се враќа на вистински пат, затоа што веќе не ѝ е потребна специјална институција, туку редовното обвинителство е способно да ја врши работата што му е дадена со устав. СЈО е мртво, да живее ОЈО! (Токму во тоа и треба да се гледа причината за онаа крајно невообичаена прес-конференција на тројца обвинители, особено главниот!) Сѐ е симулакрум, не си верувајте ни на очите ни на ушите кога ви го „откриваат“ како спектакуларен успех сето она што можеше и мораше да се предвиди, се знаеше, се одвиваше пред очите на целата јавност, а за што се молчеше.
Еден странски колега и пријател со кој редовно си ги разменуваме колумните постојано ме опоменува: „Те разбирам, ама аман! Смени тема! Што си се фатила само за тие локални (и национални) теми? Препаметна си за да се занимаваш само со балканската паланка и локалниот фолклор!“ Помислувам на него и на мнозина други што деновиве пишуваат и коментираат толку поголеми теми – и им завидувам! Овој темен вилает има чудесна моќ да те проголта и да ти го помрачи умот. На пример, кому овде му е грижа за наследството од Француската револуција (по јубилејот од 230 години овде се коментираше кој бил на приемот во амбасадата и што кажал Тимоние за Македонија!).
Од оваа црна дупка не се коментира ни 50-годишниот јубилеј од стапнувањето на Месечината (или контроверзиите со тоа). Воените игри околу Иран имаат исто значење како кога би биле дел од „Војна на ѕвездите“. Додека секојдневно блебетат за фамозниот „датум“ и рокот до октомври и ноември, никому не му е ни грижа кој, како и зошто ги зазема водечките позиции во институциите на ЕУ (за волја на вистината, таму и нема битни промени: поставени се моќници со долги кариери и со обврска да се грижат за богатите, а не за граѓаните). Кај нас најважни се секојдневниот сеир и мазохистичката злорадост околу тоа колку е трагикомичен нашиот колективен самрак на умот и разумот. До душа, дури и ако погледнеме преку „плотот“ нема да најдеме многу причини за оптимизам. Доволно е да се прочита насловот на интервјуто со Карола Ракете во „Шпигел“ под наслов „Сите сме во состојба на тотален очај“. Но, во друго интервју Арундати Рој, која вели дека се чувствува понижена од целосното отсуство на желба да се разбере политиката, додава: „… А тогаш вниманието ќе ви го сврти птицата што свива гнездо во крошната, па се обидувате да потиснете сѐ. Си велам, што и да се случи, ајде да оставам запис за она што ни е сторено, на нашиот им, на нашата имагинација.“