Министерската Захариева става знак на еднаквост на правото на самоопределувањето на македонските граѓани со правото на самоопределување на бугарските граѓани да го негираат самоопределувањето на првите, на македонските граѓани!
Кога човек ќе помисли дека исцрпил одредена тема, како македонско-бугарските односи или како македонското пилотирање низ кризата од ковид-19 и може да се посвети на глобална тема, како изборите во САД, се случуваат работи што не може да останат премолчени. По трите коментари за македонско-бугарските односи минатите недели, „Вакво пријателство! Не, благодарам!“, „Кој срам за ЕУ и интеграциите“ и „Пругата кон Бугарија“, се случија германското посредување и реакциите потоа.
Барањата на Бугарија во однос на настанувањето на македонската нација и македонскиот јазик, деновите пред вклучувањето на Германија, наидоа на осуда во водечки медиуми и експерти од германското јазично подрачје. Неделава се случија средби на министерско ниво во Берлин, како и комуникација на претседателско и премиерско ниво. Многу повеќе изјави дојдоа од бугарска страна отколку од македонска страна, што можеби е подобро во овој момент. Но тоа не значи дека некои од изјавите треба да бидат одмолчени од сите нас, или да не бидат анализирани, особено бидејќи деновиве ќе биде познат исходот.
Покрај прашањето на скратеното име, кое не вреди ни да се спомне, остануваат на маса македонската нација и македонскиот јазик, а се додадени и македонското малцинство во Бугарија и повеќе економски теми („Пругата за Бугарија“). Опции за решение биле или вклучување во преговарачката рамка или анекс на Договорот за добрососедство.
Деновиве приматот на Каракачанов и Ковачев им го одзеде Захариева, бугарската министерка за надворешни работи, која по средбите во Берлин на прес-конференција изјави: „ Да, съгласна съм с колегите от Скопие, че никой няма право да определя на един гражданин как се самоопределя, същото обаче важи и за българските граждани. Няма как някой да каже, че този език е различен от нашия, затова намерихме формулата през 2017 г.“. Ја цитирам во оригинал на бугарски, за да нема недоразбирања за лош превод. Министерската Захариева става знак на еднаквост на правото на самоопределувањето на македонските граѓани со правото на самоопределување на бугарските граѓани да го негираат самоопределувањето на првите, на македонските граѓани. Министерке Захариева, никој нема право да негира туѓо самоопределување и таквото негирање е суштината на дискриминацијата и фашизмот. И мора да се каже: Неофашизам нема да помине.
Декларирање на спорот на Бугарија за апсурден, не е доволно. И спорот со Грција беше деклариран за апсурден, но тоа не ни помогна многу. Овој спор мора да се декларира каков што е во основа, неофашизам, и за таков спор нема отстапки!
Ова е веројатно „Букурешт-момент“, во кој се прекршуваат нашите амбиции за членство во ЕУ. Оттука, мора да бидеме свесни за тоа и да направиме максимум за употреба на германската вклученост на највисоко ниво, овој „Берлин-момент“. Може да разговараме за унапредување на економските и трговските односи меѓу Бугарија и Македонија, и не само да разговараме туку максимално да се посветиме, дури може и да дадеме објаснување на јасното дека Република Северна Македонија и Северна Македонија е едно исто, и по неброен пат да повториме дека Македонија не се меша и нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија во врска со „непостојното“ македонско малцинство, што е наш уставен принцип и дел од Договорот за добрососедство. Да го направиме тоа ако тоа помогне во управување на перцепциите за „вин-вин“ во Бугарија. Но за неофашистичките барања за македонскиот јазик и македонската нација (декларирање на бугарски корени), нема дијалог, нема да помине, и по цена на одлагање на преговорите со ЕУ.
Свесни за позициите на Софија, рефлектирани и во јавните перцепции во Бугарија, каде што доминира противење на ЕУ-интеграции на Македонија, без капитулација пред бугарските барања, позициите на Македонија мора да бидат декларирани сега, јасно и гласно, без нови анекси и толкувања, без вклучувања во ЕУ-преговарачката рамка.
Можни црвени линии се: автопат и железница Скопје – Софија до 2024 година; повеќе бизнис и трговија; македонски јазик без фусноти во ЕУ, билатерално со Бугарија според договорот, македонски и бугарски јазик според уставите; за историјата – прифаќање на повеќе перспективниот пристап и тој на Бугарија и тој на Македонија. Македонската влада треба да се поддржи во ваквите црвени линии и остро да се реагира и протестира ако отстапи.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #добрососедство