Не мора да ми верувате на зборовите, само посетете го центарот на Скопје и сѐ ќе ви стане јасно. Секоја престолнина е суштината на самата држава, а што можеме да видиме во нашиот главен град – панаѓур! Со години ништо не е изменето, а насекаде има недовршени објекти, како во некој хорор-филм или град на духови
Пред многу векови во античкиот град Спарта настапи целосно општествено опаѓање. Граѓаните беа предадени на бездејствија и сладострастија, а водачите ги уживаа сите радости и не сакаа да бидат вознемирувани додека се излежуваа во изобилство и раскош. Државните интереси беа сосема запоставени, зашто сите си седеа дома и си ја вртеа добивката на своето колце. Што се однесува до вежбањето и разумноста на младите, како и нивната издржливост и еднаквост, било опасно дури и да се споменуваат таквите нешта.
Во минатото, низ целиот свет, Спартанците беа прочуени како храбри мажи, издржливи војници и големи патриоти, а спартанските жени дека раѓаат здраво поколение. Но кога спартанскиот крал Клеомен ја презеде власта, граѓаните веќе сосема се одродија, државниците ги запоставија државните работи поради сопствената наслада и алчност, а народот поради лошата живејачка, не беше расположен за војување и веќе не го ценеше старото спартанско воспитување. Затоа кралот Клеомен веднаш си постави задача да ги придвижи работите и да ја поправи состојбата.
Но за момент да ги заборавиме Спарта и Клеомен и да ја воспримиме реалноста на нашата држава (како што некои алтернативно ја нарекуваат Македонија). По толку падови и подеми низ вековите, по толку генерациски борби за создавање сопствена држава, денес нема кој да ја наследи „оваа“ држава (е до каде дојдовме, срамежливо да го избегнуваме името Македонија, но за ова во друга пригода).
Во една американска изрека се вели дека нештата се менуваат и напредуваат по секој погреб, односно развитокот е условен од новите генерации. Не случајно се вели дека светот им останува за младите. Но ова како да не важи за нас. Во изминатите три децении дочекавме неколку генерации и што се измени, ништо! Секоја генерација си продолжи како и претходната, како во поговорката „муур ми е, и овде го клавам и онде го клавам“.
Затоа Македонија е држава во распаѓање. Не мора да ми верувате на зборовите, само посетете го центарот на Скопје и сѐ ќе ви стане јасно. Секоја престолнина е суштината на самата држава, а што можеме да видиме во нашиот главен град – панаѓур! Со години ништо не е изменето, а насекаде има недовршени објекти, како во некој хорор-филм или град на духови.
Не треба да се зачудуваме, затоа што ова е својствено за општествата и државите што се во распаѓање. Еден американски мислител и филозоф вели дека главни обележја на опаѓањето се акутната економска депресија, опаѓањето на животниот стандард, луѓето не се расположени да се борат за општеството, низок прираст на населението, криминал, користење дрога, насилство, распаѓање на семејствата, зголемена стапка на разводи, вонбрачни деца, опаѓање на желбата за учење и интелектуалната активност, слабеење на работната етика и сѐ така без крај. Инаку, напишаното е преземено од Семјуел Ф. Хантингтон и се однесува за опаѓањето на западната цивилизација, но за ова во друга можност.
Но како што вели еден стар лисец – сѐ што е добро, можеш да го преземеш и да го примениш. Мислите што Хантингтон ги искажа пред околу триесетина години и се однесуваа за Западот, денес можат да бидат посведочени во сите сегменти на нашето општествено живеење. Колку и да звучи сурово, таа е реалноста.
Бидејќи колумната не можеме да ја завршиме во песимистички дух, мора да се обидеме да дадеме одговор на прашањето – што можеме да промениме? Верувам дека одговорот лежи во гореспоменатиот спартански крал Клеомен, кој создавал пријателства преку дружењата и разговорите во кои имало шарм и доверба – тоа му се чинело најубаво и најдостојно за еден крал, зашто ценел дека пријателот се разликува од платеникот единствено по тоа што едниот се стекнува со убав однос и збор, а другиот со пари.
Кога Клеомен намислил да го реформира спартанското општество, најпрво тргнал од сопственото однесување. Им станал учител на сите, и тоа давајќи им го како пример за разумност неговиот сопствен живот – скромен, едноставен, во кој немало ништо кочоперено, ниту пак нешто над другите. Кога луѓето се среќавале со другите кралеви, не биле толку восхитени од богатството и раскошот, колку што биле вознемирени од нивната возгордеаност и надуеност кон луѓето што ги примиле. Но кога доаѓале пред Клеомен, кој исто така бил крал, и тaка бил нарекуван – гледале дека кај него нема порфир и скапи наметки, дека нема легла и носилки, и дека со луѓето не разговара преку еден куп гласници и вратари или преку писменца, што тешко и одвај се наоѓале, туку дека лично Клеомен, во обична наметка, им подава рака и разговара со луѓето што дошле, па со радост и човекољубие троши време на оние што бараат нешто.
Со други зборови, не треба да хипергенерализираме дека новите генерации ќе ја донесат промената, всушност промените зависат од изборот на поединецот, како што вели Кјеркегор: или-или?