Едно ТВ-интервју, какво што не сме виделе триесет години, сѐ уште одекнува и во јавноста и во партиските штабови. Тоа навистина ги покажа сета нееднаквост на учесниците во кампањата и дискриминацијата на медиумите (и уредниците) кон „мала партија“, па дури зазвучи и како по свадба тапани, но многу поважно – ова беше своевидна катарза и исклучителен политички чин. Јавноста виде лидер, кој го кажа (без ракавици, но убедливо и со страст, и најважно – елоквентно, ама народски разбирливо) сето она што мнозинството го очекуваше со години. Сето наталожено еруптира низ кристално јасна мисла, без двоумење. Сега, ракавицата е фрлена; предизвикот е во дворот на „големите“ партии, од каде што се слушаат пискотници. Тие научени да функционираат низ дисциплината и клиентелизмот на членството, се соочија со противник што игра без калкулации.
Настапот на Апасиев беше како на лидер со cojones (да простите, со м**а)! Токму она што не сме го виделе, и тоа во најтешките времиња. Успехот на Левица создава резонанца што трае и дејствува и постизборно. Реакциите, кои не се моментален проблесок, покажуваат дека буревесникот е препознаен. Новите дечки навистина пораснаа и имаат што да кажат во името на безгласните, на исплашените, на збунетите и на оние што немаат што да изгубат освен прангите. Како левоориентиран интелектуалец (еднакво демонизирана за наводен национализам), како мелем на рана ми беше да го чујам гласно оној толку едноставен аргумент: македонската држава беше создадена од вистинските левичари, а АСНОМ ги спои идеалите на социјална правда и национално самоопределување на еден мал, непризнаен народ. Овие криминално го избришаа од Уставот и креираат анационална аморфна маса со цртички ///. Зошто би се поставувале дефетистички и би се „ишкале“ од љубовта кон сопствената земја? Од каде тоа наметнато чувство на вина и грижа на совест ако нештата ги кажеш со вистинско име? Ќе те исфрлат од „елитата“? Па, нека! Не ти треба таква елита! Зошто да паѓаме во замката на неолибералите, кои тврдат дека секој друг (уставен) национализам е во ред, ама не и во Македонија? Новите клинци тргнаа на долг марш, во кој само навидум се малкумина.
Ним во залог им е оставен канцер на телото, сите лузни на наводната „демократизација“ и „европеизација“ по колонијален терк. Да, пред нив стои генерациска битка, но најпрво ги демаскираа виновниците. Добро е што не фураат евтин месијанизам и ветувања чуда. Велат: ние сме тука, не брзаме никаде, тука и ќе останеме – да се бориме, ама заедно со вас, народот! Како Брашнаров, како Ченто, како сите пред нас… Во петокот вечер мнозина останаа без сон, од различни причини.
Апасиев израсна во симбол. Тоа е огромна одговорност и за тие околу него. Заканите по живот се доказ дека вербалната хајка „на копче“, во која му се „изнаредија“ со колумни (оние без cojones), како хиени што функционираат само во група и со поткрепа, не дава резултати. Напротив, има контраефекти. Овде не станува збор за ниска политичка култура и за авторитарноста на јавниот простор, туку за паника! Знаат дека идеја/симбол не можеш да убиеш, колку и да го шиканираш нејзиниот претставник (те фашист, исламофоб, испосник, небањат, неписмен и што ли уште не). Најпатетични се оние што не се левичари, ама знаат како требало да изгледа крајната левица, па кои солат памет.
Демек, тие знаат колку црвено е доволно и пожелно… Новите клинци се дел на овој Zeitgeist, на духот на времето, но и на духот на местото (genius loci). Некој може да си замислува апстрактна левица, од учебник, но теренот/нивата што треба да се изора е запустен, опустошен, изгазен и изгорен како стрниште. Тие израснале од пустошот! Оваа историска ситуација си има свои јунаци и плашливци, а и предавници. Има и народ на кој му е извршена ампутација без анестезија, народ што станал сенка од самиот себе, кому му треба будење – со популизам! Маркс кажа нешто многу важно: „луѓето се креатори на својата историја, но не според сопствените желби; тие не го прават тоа под околности што самите ги избрале, туку во постојните услови, кои се зададени и пренесени од минатото. Традициите на сите претходни генерации тежат како кошмар во умот на живите.“ Ситуацијата во Македонија е специфична: кошмарот го создадоа оние што изгледаат живо (а се зомбифицирани измеќари што создаваат туѓа историја, бришејќи ја до непостоење својата), а врз овие клинци им е врзано ѓуле, кое е потешко затоа што е поддржано од надвор.
Кога на Левица ѝ се префрла дека не се занимава со социјални теми, тоа е за да ја оддалечат и пасивизираат во врска со националните. Тоа го чинат луѓе што ниту се грижат за националното, уште помалку за социјалното – битката е за гола власт. Извршителите на национален инженеринг го осакатија народот и во битката за социјална правда, бидејќи му ветија корка сув леб и камшикар. Од ова стрниште мора да се почне одоздола (радикално), од семето (за да за’рти), од орањето – за да роди… Додека е Македонија колонија и заложник на геополитиката, не може да стане ни збор за социјална правда, туку за социјална козметика и евентуална милостина. Овој народ е сотрен по двете основи, со децении, и веќе не знае од каде да почне, а и не верува во обнова – без лидер. Да бевме нормална држава, купувањето пратеници ќе беше скандал од прв ред. Овде тоа минува како нешто нормално. Побогу, па така ги сменија и уставот и името! Ама еден новинар ќе каже, тоа било за „повисока цел“!
Кога велам клинци, тоа го правам од привилегирана позиција на жена во години, со пролетерски корени и уверувања низ целиот живот! Нивниот бодар од охрабрува, но нека не ми земат за зло ако укажам на нешта со кои не се согласувам (како она за Косово). Впрочем, потребни ни се поширок левичарски простор и дискурс. Можеби е дел на тактика што не можам да ја разберам, но на кревката левица (и Левица), како и на Македонија, ѝ требаат сојузници. Тие се насекаде околу нас. Рациновите морни копачки и копачи – на трудот, црн народ, се и во Косово, и во Грција, и во Бугарија, и во Србија. Сите сме пиони на туѓа шаховска табла и парички за поткусурување во трансакциите на големите сили! Тие одлучуваат за нашите божем држави, а всушност протекторати со одземен народен суверенитет. Со мојот грчки пријател Василис разговараме за балканска социјалистичка федерација, обединета околу заеднички интерес наспроти колонизаторите од Берлин, Брисел или Вашингтон. Заедничкиот непријател ни се елитите, моќните и нивните локални измеќари (кои, ете, кога не им се потребни или послушни знаат да ги викнат или во амбасада или во Хаг – не заради терање правда, туку заради дисциплинирање). Се согласувам дека Охридскиот договор е оној што ни виси околу вратот и не е никаква придобивка – ни демократска, ни социјална (а економски е толку скап и неподнослив, што се заканува да нѐ потопи)! Консоцијацискиот модел од 2001 година има вродена мана: не продуцира демократија ниту рационални јавни политики. Тој цементира етнички делби и сегрегација. Од паравоени команданти и верски фанатици прави политички фактори.
Замената на Али со Касами не е промена, туку продлабочување на радикализмот во политиката. И затоа, кога во наслов на колумна ќе видиш знак на равенство меѓу Апасиев и Ахмети, кои се како оган и вода, тоа повеќе зборува за авторот отколку за споменатите. (И крикот на либералите против Али е инспириран однадвор, самите не би се ни осмелиле). Левица не е етнонационалистичка партија (особено не ако носители на листи ѝ беа Исмаил и Сенада!), етнонационалистички е системот. Наместо линч и расфрлање со етикети на фашисти (за оние што токму се повикуваат на антифашизмот и на АСНОМ!), нека се погледнат в огледало и нека си признаат од кои причини ги бранат Охридскиот и Преспанскиот договор (овој вториот, заедно со оној со Бугарија, за кој немавме име на езеро за означување, содржат такви фашистички елементи што само мазохист нема да ги види). Јас сум уште порадикална кога тврдам дека ЕУ и НАТО се две страни на иста паричка.
Левица треба да се еманципира од мантрата дека „нема друга алтернатива од ЕУ“ (за НАТО се јасни), и во дијалог со другарите од Европа да заземе став дали е за демократизација на оваа ЕУ и нејзино редефинирање од корпоративна во социјална творба – или е за легзит, т.е. за лева (крајна) критика на Унијата, која е инструмент на економска моќ, експлоатација и колонизација. Но трпение! Засега покажаа изненадувачка зрелост и дрскост (без која нема промена) и се предизвик за закоравените елити, кои играат како што им свират амбасадорчиња и донатори/грантисти од невладиниот сектор, а изгубиле секаква врска со својот народ. Ако двајца пратеници предизвикаа ваква пизма, замислете како ќе биде кога на наредните (локални или парламентарни) избори ќе освојат значаен број пратеници! Оние што го познаваат и чувствуваат духот на местото и на времето имаат иднина, затоа што и народот нив ги чувствува како свои.