Иронично е еден топоним за кој се врзува трагичен настан од конфликтот од 2001 година, наместо (заедничка) катарза, да „испилува“ раздор. Или не е: кога соочувањето со минатото никогаш не беше (ако воопшто) на врвот на политичката агенда, а посветеноста на заборавот и заборавноста на гревовите на политичките партии ја однесоа и емпатијата помеѓу луѓето од различни партии, етникуми и вери, во заборав
Уште одамна Конески предупреди за употребата на зборот во истоимената песна – „Чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава… зашто ако го пуштиш така разоглавен по чаирите, којзнае која луда глава ќе посака да го јава“.
Но некогаш се чини дека зборот тргнал по правиот пат, како добро обучен коњ, а сеедно го „јавнат“, разоглават и пуштат по чаирите (чаир – ливада на турски), а сопственикот го прогласат за виновен и повикаат на негов линч… Треба(ло) ли во такво (не)време да се молчи? Постои ли подобно време за молчење? Или само подобно молчење во време на невреме? Во време без постоење?
Деновиве сме сведоци на вербален јавен линч врз професор и интелектуалец (Билјана Ванковска), поради фејсбук-статус, во кој несреќниот збор „иронија“ е сместен во друштво на два други несреќни збора „Карпалак“ и „трагедија“, по повод сообраќајната несреќа што однесе многу човечки животи (до чии семејства изразувам длабоко сочувство).
Во својата студија за иронијата „Опасноста за иронијата“, Хачон ја именува како „лизгава“ и „понекогаш опасен“ говорен чин. Во јавниот дискурс, имено читателот/слушателот има значајна улога во „декодирањето“ на иронијата, па ако истата таа остане непрепознаена, не само што се губи смислата туку истата таа може да предизвика и опасни општествени забуни. Како иронија само по себе, несреќната метафора само го содржеше зборот „иронија“.
По дефиниција, иронијата, онаа општо употребувана и широко препознаена како трагична, драмска или космичка иронија, ја опишува спротивставената врска меѓу намерата на човекот и исходот од неговата намера.
Во меѓувреме остануваат непрепознаени некои мошне видливи и гласни иронии на/во нашето постоење.
Иронично е на пример да се доближите на трпезата на НАТО (на помошно столче), а набргу потоа да ве прогласат за потенцијална трпеза. Да чекате трошки, а да станете вечера во приготвување. Или можеби не е: сте пристапиле како жртвено јагне, а потоа се чудите што јагнето (вие) наскоро ќе се пече?
Иронично е да зборувате/предавате (за) постигнување позитивен мир, а да ве предадат за одржување негативен мир (отсуство на директно насилство). Или не е: позитивен мир се постигнува кога се надминува пречката меѓу човечките потенцијали и нивното остварување (Галтунг), кога е препознаено и адресирано структурното насилство како исход од структурните нееднаквости на општеството, но се чини првото е закана за второто кога продажбата на негативниот мир ја полни трпезата на политичките волци. Евентуалниот напад на ИСИС е засега осуетен, негативниот мир е засега зачуван.
Иронично е еден топоним за кој се врзува трагичен настан од конфликтот од 2001 година, наместо (заедничка) катарза, да „испилува“ раздор. Или не е: кога соочувањето со минатото никогаш не беше (ако воопшто) на врвот на политичката агенда, а посветеноста на заборавот и заборавноста на гревовите на политичките партии ја однесоа и емпатијата помеѓу луѓето од различни партии, етникуми и вери, во заборав.
Има уште многу спорни иронии, но има и неоспорни иронии. Иронично е да сте убедени дека ширите мир во светот, војувајќи, уште и за туѓи интереси. Иронично е да копате длабоко, до самото јадро на нештата, а да газите врз потпора тенка како лушпа од јајце, каква што е Земјината кора во споредба со големината на Земјата. А на таква потпора се крепи нашето постоење (како човечки род) и на уште потенка, поточно истенчена потпора (како граѓани), што го држи општеството да не се распадне како лушпа од јајце, а рано е да празнува големи денови и воскресение. Иронично е еден географски поим да ни одржува животни (и историски) лекции за етничката и верска рамнодушност на човечката несреќа. Иронично е повторно и повторно да не учиме од сопствените грешки.
Но историјата е упорна учителка, а наравоучението, за жал, доаѓа дури откако волкот ќе го изеде јагнето, да го парафразирам Иван Карадак…
Среде сета иронија, професорката е сепак „виновна“ како првопотпишана во објавата на отвореното писмо на 200 потписници до политичките лидери на Република Македонија, во духот на мислата на Мисирков „шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“, во одговор на наметнатиот молк во процесот на промената на уставното име, што беше објавено точно пред еден година, на вчерашен ден (18.2.2019).
„Виновна“ е за многу немолчење, особено кога „молчењето е предавство, пред сè, кон себеси“ (Коле Чашуле).
„Постои време кога молчењето е најгромогласно зборување, а постои и време кога на молчењето треба да му се припомогне со вистинско громогласно зборување“ (Ташко Георгиевски). Во време без постоење.
Но толкупати го споменав зборот иронија, што веќе ме фаќа несоница. А што може да се роди од несоница, освен привиди? Можеби колумна за привидите? Има ли уште смисла да се пишува колумна во време кога и (раз)умот се испраќа на кол? Не знам, но ако нема, треба да се измисли и зачини со „Сократовата иронија“ во соголување на грешките на патот на самоспознанието и на она што нè поврзува, зашто додека недостоинствено тонеме (и тонеме во недостоинство), некои соседи препознаваат дека во „меѓународните очи, наследникот на една блескава култура не е оној што ќе добие признание во некој договор, туку оној што личи на достоен наследник“ (од колумна на Катимерини).
Па, ајде да го повториме прашањето во чест на годишнината од писмото: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред“, затоа што „пчелата и овцата не се доволни за мед и млеко“ (Дарко Марковиќ), а зборот (и покрај сите отрови) се разнесува и како семе од цвеќе, да го парафразирам Петре Бакевски. И само така се размножува, а со него и мудроста и убавината, како неоседлани коњи на благородноста.
Секој може слободно да ги јава ако ги досегне и умее да ги оседла. Но за да му позволат, треба да личи на нив. Такви се благородните коњи и зборови.
Авторот е магистер по мир и развој и поет