Невидливото

Јас, за разлика од оние што мислат според девизата „голем човек – голем споменик“, се радувам што Конески има помал споменик од Александар. Колку помало, толку поневидливо. А колку поневидливо, толку поголемо. Да беше поинаку, и да требаше да биде поинаку, и најголемото нешто, Бог ќе се гледаше. И на фото. И на самослик

Всушност, насловот треба да биде „Големи и мали“. Ама се сведува сепак на – видливо и невидливо. Ќе се обидам да објаснам зошто.
Времето во кое живееме е време на ронење. На правење од големите – мали нешта. Еве, се шпекулира дека од Европа, по Британија, ќе излезе и Италија. Уште едно големо нешто (Европа) ќе се смали, а малото (Италија) ќе се обиде да стане големо. Слично се случи и со онаа Југославија (СФРЈ) во која израсна и се ишколува (како последна) и мојата генерација. Од таа држава се сронија седум држави, сите мали, ама сите со претензии да бидат големи. А всушност – да опстанат.

Големото и малото се најрелативните работи на светот, од почетокот на векот. Обично, таа заблуда за големото и за малото најчесто се сведува на сосема лажната хипотеза дека непостоењето всушност почнува со најмалото. Работата со „големо“ и со „мало“ уште повеќе се компликува и поради тиранијата на сетилото за вид (визуелното) над другите сетила – нешто од што пострада нашето време, кое слободно може да се именува како време на тиранија на визуелната перцепција и визуелниот означител. Ќе искористам една духовита теолошка анегдота за да појаснам: се сретнале еден необразован, но опитен монах и еден учен вирусолог. По природата на нештата, првиот бил целосен верник – испосник, а другиот целосен атеист заслепен од науката. Монахот го прашал вирусологот: „Верувате ли во бога, докторе?“ Овој одговорил: „Не. Како да верувам во нешто кога не го гледам? Штом не го гледам, значи не постои“. Монахот, пак, му рекол: „Па и вашите микроби не ги гледавте пред да ви дадат микроскоп, па сепак постоеја, па дури често знаеја и да ја очистат планетата со епидемии на колера“.

Поентата е: ако не се гледа, не значи дека не постои. Интересно е дека во горната анегдота токму научникот настапува како необразован и непросветлен, а навидум необразованиот – како атомски физичар. Имено, и самата наука покажува дека многу работи не ги гледаме и не ги слушаме, а сепак постојат. Човековото уво, на пример, слуша звуци само во ограничен регистар на фреквенции – кога би ги слушале сите звуци, веројатно би излуделе, зашто вселената е најбучното место што воопшто може да се замисли: секоја ѕвезда, секоја честичка емитува свои бранови во големата „симфонија на космосот“, за која астрофизичарите велат дека не е баш пријатна за слушање, зашто се состои од звуци во регистар од чкрипење до пиштење. Сите што очекувале дека во големата вселенска симфонија ќе го чујат Моцарт, ќе останат разочарани.

Значи – да се расчисти со заблудата дека нешто не постои ако не се гледа, и дека постои ако се гледа. Тоа е најкобната заблуда на која подлегнува човекот. Заблуда што ја користат дури и тоталитарните идеологии за да владеат. Најперфектните тоталитаризми на дваесеттиот век направија она што е најголемо да не се гледа, па според тоа и да не постои – за геноцидот на Евреите многу доцна дознаа светот и големите светски сили, а некои Германци што им беа соседи на големите концентрациони логори го дочекаа и крајот на војната убедени дека во „кампот отспротива“ се сместени Евреи работници, кои по истекот на работното време седат во кантината, пијат ладен сок и читаат книга, или играат кошарка – така велеа пропагандните народни филмови на Гебелс. „Не постои ако не се гледа“ е максимата и на економско-политичкиот криминал – ако документите и пресметките се во ред, нема криминал, иако се краде, а народот гладува. „Не постои ако не се гледа“ е максимата и на книжевните критичари и слабите писатели, кога во нивна околина ќе се појави талент што се обидува да си го најде патот. Ќе сторат сè да го смалат, со негативни критики, омаловажувања, недоделувања награди. Идиотската идеја на тие бедници е дека ако го смалиш големиот, ти стануваш поголем.

Се разбира, тоа е само заблуда: и да успееш да го смалиш, да го направиш помал од себе (со тоа што себеси ќе си ги наместиш и доделиш сите награди и општествени почести, а нему ќе му ги оневозможиш и „расипеш“ и оние што ги заслужува), ти не си пораснал ни за милиметар, па дури и си се смалил во морална смисла. Тоа, за жал, го прават сите едни со други – од политичари до бизнисмени, од естрадни ѕвезди до спортисти. Тие се како оној вирусолог, кој знае дека и најситното постои иако не се гледа, ама упорно тврдат дека ако нешто доволно се смали да не се гледа – тогаш ќе престане да постои.
Последната реченица, „ако нешто доволно се смали ќе престане да постои“, е максима и на Грција и на белиот свет, кога станува збор за нивниот однос кон „македонското прашање“. Оти, ако Грција навистина се смета за голема (во секоја смисла, и културно и политички и економски), зошто тогаш би се трудела да ја смали уште повеќе малата Македонија? Зошто кога тоа е спротивно на здравиот разум? Па имаше случаи и во Библијата, а и во историските книги – на народи на кои целосно им била смалена територијата, станале невидливи како држави на глобусот, ама сепак – постоеле и постојат. Микроскопски, дијаспорично, во егзил или во малцинство, како „република во воздух“ меѓу два авионски лета на нејзините иселеници, не е важно!

Овој наш народ има проблем со видот, во секој случај. Многу често му се случува да не го види најголемото (ајде, за малото ќе простиме, поразбирливо е). Никако не сфаќаме дека нешто е невидливо не само ако е мало, туку и ако е многу, многу големо. Планината не се гледа ако го залепите носот на карпа од нејзиното подножје. Во таа смисла, Македонија навистина имаше „свои големи синови и ќерки“ (да влеземе малку во наративот на политичкиот фолклор), кои воопшто не ги забележа, како да не постоеле. НАЈГОЛЕМИТЕ НЕ ГИ ВИДЕ, ГОЛЕМИТЕ УПОРНО ГИ СМАЛУВАШЕ, А МАЛИТЕ ГИ ЗГОЛЕМУВАШЕ. Слепилото е главна метафора за овој народ и во неговото книжевно наследство. А за слепилото постојат две причини: работите не ги гледаме или од премалку светлина, или од премногу. Премалку светлина одговара на необразование и непросветеност. Тоа е хронична состојба овде, на Балканот. Мислам на мнозинството, се разбира. Кога на такво слепило на кое му треба просвета ќе му се придружи она другото, политичкото (заслепеност од самиот себеси, нарцизам, Аристотеловиот „хибрис“ од античката трагедија), се добива убиствена комбинација – незнаење, кое не само што не може и не САКА да ги види ГОЛЕМИТЕ, туку не може да се види ни себеси, зашто како и секое незнаење се гордее со себе како со знаење.

Пред некој ден излегував од МАНУ и случајно, првпат, се загледав во бистата на Блаже Конески. Можеби сто пати сум поминал оттаму, а не сум ја загледал. Мала, скромна, во споредба со „Воинот на коњ“ кој ја претставува лакомоста на Александар Македонски да го покори светот. И си помислив: „Е, Блаже, Блаже! Сега, кога дојде зорт од Грците околу името, сите се повикуваат на тебе и на оние твои две: ’смачкано племе’ и ’големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат’. Никој не се повикува ни на ’воинот’ ни на коњот, иако имаат големи споменици, а ти мал“. Големината на спомениците, според тоа, во оваа држава не ѝ одговара на големината на луѓето што ги претставуваат: скромноста е поголема човечка доблест од лакомоста. Јас, за разлика од оние што мислат според девизата „голем човек – голем споменик“, се радувам што Конески има помал споменик од Александар. Колку помало, толку поневидливо. А колку поневидливо, толку поголемо. Да беше поинаку, и да требаше да биде поинаку, и најголемото нешто, Бог ќе се гледаше. И на фото. И на самослик.
Така што, работите си се токму онака како што треба да бидат. Подобро е малите луѓе да имаат најголеми споменици, а големите – речиси невидливи, подобро е малите луѓе да се најгласни и најпискотливи (во медиумите и општеството), а големите – тивки. Добро е кога злото самото се озвучува, зашто тогаш и се гледа и се слуша. Добро е тоа заради сопствена одбрана и заштита од злото. А друга, поважна задача во овој миг никој од нас нема. Дотаму дојдовме, до чување на сопствената глава, душа и образ. Каков колектив, какви бакрачи! Тој нема ни глава, ни душа ни образ, за да може да ги загуби! Такви му се живите споменици што го водат.