„Ја слушаше ли онаа Екатерина Захариева, жити мајка? Треба да се интернира во некој санаториум со назнака ’УРГЕНТНО‘“, ми вели на телефон една пријателка, лекарка специјалистка, очигледно до бес иритирана од изјавите на бугарската министерка. Најпрочуената беше дека Македонија нема да биде блокирана од Бугарија за ЕУ, ако си ги признае бугарските корени. Јас се смеам и ѝ велам на шега: „Па што скокаш ти, ти си жена, а вие сте поитри од мажите. Ако нѐ убеди да признаеме дека сме ’с’штиот‘ народ, со еден удар убива две муви: ем ќе биде подобра министерка од сите досегашни мажи, ем ние ќе мора самите себеси да си се извиниме и за стреланите ваташки младинци, и за депортацијата на Евреите и за сите паднати партизани“. А таа ми вели: „Се мајтапиш, а сериозно е! Треба хируршки рез!“ „Се смеам зашто ти во една реченица и даде дијагноза и понуди инвазивна терапија – лудница! Среќа што не си политичар, половина колеги ќе си ги оковаше за кревет“, ѝ реков.
А што ако мојата пријателка е навистина во право? Што ако нашите политичари попусто си ја траскаат главата барајќи ПОЛИТИЧКО решение за проблем што НЕ Е ПОЛИТИЧКИ? Има тука зрно вистина, во идејата за лудницата. Неверојатно како нашите ја грешат работата, сфаќајќи ги испадите на госпоѓа Екатерина (и нејзе слични) како легален политички чин, само затоа што е јавен.
Небаре дискурсот на невротичарот не може да биде јавен. Па денес токму тој дискурс и доминира во глобалните медиуми и политичката комуникација! За возачка дозвола уште бараат лекарско уверение, ама за вклучување во политика и на социјални мрежи – не. Ако е така, смешно е што на грандоман му одговараат рационално и политички – демек, сме имале право на самоопределување?! Какво бре самоопределување, тоа е скорешна политичка финта! Се самоопределува оној што не е ОПРЕДЕЛЕН. Ние веќе сме, и тоа со векови пред Тито. А „екатеринистите“ тврдат дека допрва тој нѐ создал. Јас само знам дека Гане Тодоровски докажа: првата печатена македонска книга, во која со грчко писмо е „дадена основата на современиот македонски литературен јазик“ и во која „македонската литература е обврзана да го согледа својот почеток“ е објавена во 1802 година во Венеција, од свештеникот и учител Даниил Москополец. А Тито е роден дури 90 години подоцна.
Од друга страна, добро е ако проблемот на Захариева (и на неа слични) е медицински, и затоа, индивидуален, зашто тогаш не можеме да генерализираме дека „Бугарите ги мразат Македонците“. Не сите Бугари се заразени од вирусот на шовинизмот. На социјалните мрежи кружи еден клип со бугарскиот новинар Михаил Михајлов, кој облечен во маица со ликот на македонскиот поет Никола Јонков Вапцаров ги именува таквите како Борисов и „наша“ Екатерина „селски фашисти“. И тврди дека Македонци постојат и во Бугарија. И дека затоа ја носи маичката со македонскиот поет, стрелан од неговите, бугарски фашисти.
Но ако кај Екатерина (и на неа слични) станува збор за индивидуална грандоманија, како тогаш тоа станува КОЛЕКТИВНА норма за однесување на цели бугарски институции? Ако е тоа само индивидуално психолошко нарушување при кое некој за своето сопствено „јас“ мисли дека е толку големо што го опфаќа целиот свет (а таквите Бугари како Екатерина мислат дека и дел од Србија, не само Македонија говори на бугарски дијалект), како тоа нарушување станува ДРЖАВНА политика? Одговорот е едноставен: макроманијата и фикс-идеите за личното величие наоѓаат одлична храна во колективните национал-романтичарски идеи за величината на сопствениот народ. А патот до таа храна е политиката. Таа, кога се злоупотребува, станува специфична психијатриска дисциплина на наведување, која преку идеологијата (миењето мозоци), може секое индивидуално лудило да го претвори во колективно. И да го легализира, обезбедувајќи му дури и „научна аргументација“. Притоа, може милиони луѓе да заболат од таа нечија лична психичка неурамнотеженост. Приватното лудило не е заразно само по себе, ама кога ќе стане политичко лудило, станува најконтагиозниот вирус што постои. Како дете, кога ги гледав оние геометриски построени слет-формации од милиони Германци, со крената лева рака пред нивниот фирер (кој очигледно не беше баш „под винкла“, па затоа и Чаплин онака живописно го исмеваше во својот славен филм), се прашував: што им е на овие луѓе?! Па тие сигурно не се СИТЕ луди како оној нивниот!
А не се ни необразовани, зашто меѓу нив има и професори, уметници, научници… Зошто се преправаат дека тоа што тој го зборува е разумно и вистинито? Зошто никој нема храброст да извика: „Овој е луд, да му облечеме кошула со еден ракав и да го водиме таму каде што му е местото?“
Денес ми е тоа јасно: штом лудилото ја облече одората на политиката, тоа станува РЕЛИГИЈА, политички опиум. Тој опиум „се покрива“ со длабоки „рационални докази“ што за психијатрите се само делузивни идеи (како онаа дека Евреите „се штетни“, па треба да се истребат, или дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот). Ефектите од тој колективен делузивен опиум се страшни: по Втората светска војна (има сјајни документарци на оваа тема), милиони Германци страдаа од „комплексот на жртвата“. Беа убедени дека тие биле цел на агресија на сојузниците, а не обратно, и дека брутално биле нападнати и окупирани. Тврдеа дека никогаш не слушнале за депортацијата на Евреите и веруваа дека Хитлер ги водел не само Германците туку и целото човештвото кон поправеден свет. Дури со повоените генерации германски писатели и интелектуалци (Гинтер Грас, Ханс Магнус Енценсбергер), почна отрезнувањето: тие покажаа морална свест (=срам) и го доживеаја Хитлер како трансисториска фрустрација на Германците. Тврдеа дека судот „Германците се убијци“ ќе остане длабоко вкодиран запис во германската колективна потсвест, но и како предрасуда кај другите народи. Енценсбергер, со „мачнина до блуење“, се сеќаваше како марширал во хитлерјугенд, без свест дека прави нешто лошо. А Грас на совест ја имаше младоста помината со СС.
Значи, господа наши политичари, не сфаќајте ги толку сериозно работите што очигледно не може да ги реши политичар, туку само психоаналитичар од сој. Со тоа, се разбира, не сакам да кажам дека сите политичари се луди и дека секоја политика се базира на лудило. Има умни политичари, ама тие се тивки, не се чаталат да кажат по секоја цена нешто од што на светот ќе му се стресат гаќите. Старците од Света Гора имаат одамна кажано: на потковицата што ѕвечка, очигледно ѝ фали некој клинец. Оној што сака да се перчи, оној кому секоја реченица му почнува со „јас“ е обичен параден коњ (или кобила) ама лошо поткован: во потковиците му недостига некој клинец. Му недостига или знаење (незнаењето често се воодушевува себеси), или некоја штица. Но кога ѕвечка потковицата, ѕвечка и оружјето на коњаникот. Впрочем, само на тоа треба да се внимава: лудите започнуваат војни, а умните гинат во нив.
И да завршам: жално е за една дама да ѝ ѕвечкаат потковиците. За дамите се измислени, ако веќе сакаат да привлечат внимание и пошироко од „Витошка“ – пенчиња на секси чизмички. Не мора веднаш да се кренат нозете. За потковување, како што правела и жабата од поговорката.