„Форбс“ ја објави годинашната листа на највлијателни луѓе во светот. Кај нас такви ранг-листи не се прават. Не оти нема луѓе што заслужуваат да се најдат во такво рангирање, туку од друга причина. Оние што би биле одбрани, наредната година ќе ги нема. Од лична завист или од други побуди набрзо ќе им ја расплачат мајката, ќе ги посрамотат, ќе ги сотрат да не може да кренат глава и нивните наследници.
За жал, на делот од нацијата што се занимава со македонскиот пласман на „Евровизија“, Македонија не влезе во финалето, што покажува дека Европа нема милост за Македонија. Нереалните оптимисти се разочарани, песимистите неуспехот може да го протолкуваат како лош знак, како пророштво дека и во иднина ќе бидеме исфрлувани како партал од други, поинакви, европски натпреварувања. Рангирањето на Македонија, по заслуга на самите Македонци, секогаш ќе почнува од дното на Европа, прашање е дали некогаш ќе се помрдне оттаму. Во секој случај, случајот со „Ај кју“ може да послужи како индикатор за политичарите чии очи се заслепени од блескавата, во основа лажлива европска сцена.
Како што многу нешта во Македонија се иронични, пародични, алегорични, извртени и превртени, особено во преговорите со Грција за името, така и јас решив да се движам во таа насока, да бидам во тренд. Да напишам нешто што ем ќе биде алегорично, ем вистинито, ем пародично, безмалку трагично. Нешто слично како што се изјавите на македонските политичари, нашите водачи, нешто ги разбираш, нешто или ништо не ти е јасно.
Значи, во тој дух и во духот на рангирањето на Македонија по разни основи решив да направам ранг-листа на најглупавите луѓе што живееле во Македонија, некогаш и денес. Не само што биле најглупави, туку биле и прости, неписмени, немале „сенс“ за своето време, а најмалку биле визионери што ќе се случува во иднина. Основен критериум за рангирањето ми беше нивното сфаќање, нивното дело и нивниот придонес за Македонија, поточно, нивните грешки со неа, во неа и околу неа. И тоа гледано од денешен аспект, од тоа како нив ги третираат сегашните актуелни политичари и поголем дел новинари, навалени на јаслите на странски грантови и фондации.
Да не одиме во подалечната праисторија, да почнеме од антиката. Дури сега гледаме какви тешки последици ни оставиле кралевите Филип Втори и Александар Велики со самото тоа што се нарекувале Македонци, а не Грци. Биле навистина слепи и глупи зашто не можеле да претпостават што ќе се случува две и пол илјади години подоцна и на каква голгота ќе бидат изложувани нивните имењаци. Да не ја направеа таа глупава грешка за името, да се наречеа горњанци, вардарци или северници, денеска македонскиот народ ќе уживаше во нивните плодови.
Векови подоцна на виделина се појави плејада глупи луѓе што почнале да зборуваат и да пишуваат дека на Балканот живеат луѓе, Словени, што се викаат Македонци, што не се ниту Бугари, Грци или Срби, луѓе прости, ама имаат свој јазик различен од другите, различни обичаи, песни и ора.. На чело на таа редица луѓе што глупо инсистирале нивниот јазик и писмо да се викаат македонски застанал Крсте Петков Мисирков и тука, според критериумите на денешните наши лидери, ја направил основната грешка – јазикот го крстил погрешно, не смислил некоја креативна варијанта што ќе ги задоволи барањата на сите што тој народ и тој јазик го негирале. Бил глуп, таков и останал. Иако шетал по разни земји, не можел да сфати што грешка направил трудејќи се да ги објасни македонските работи, кои до ден-денешен се тешки за објаснување.
И Гоце Делчев бил глуп зашто Македонија не ја сфатил како широко поле за меѓусебно ништење на Македонците. Загина млад и не разбра дека ќе дојде некое ново време, нов живот, во кое ќе се смета за голема глупост ако само помислиш да ја браниш, а камоли да загинеш за Македонија, во одбрана на нејзиното име. Прости, неписмени, необразовани биле и редица револуционери од крајот на 19 и почеток на 20 век, кои се школувале и докторирале по европски земји и во тие земји ширеле вистини за Македонија и македонскиот народ, тогаш под јаремот на Турците. Пишувале писма до цареви и влади на европски земји барајќи признавање на нивната национална посебност, отворале весници и списанија што ги носеле називите Македонија или македонски.
Уште поглупи биле и поголеми штети направиле комунистите и партизаните, кои преку Народноослободителна борба ги остварија соништата на илинденците и на оние пред нив и по нив. Тие, поразувајќи ги Бугарите во војната, дефинитивно основаа држава што се вика Македонија, што македонскиот народ првпат во својата вековна историја заокружи и фиксира територија, нација, јазик, писмо, државно уредување. Според некои денешни македонски проевропски настроени политичари и аналитичари, АСНОМ постапил многу глупаво кога дефинитивно ги верификувал, со меѓународна согласност, сите права и слободи на својот народ, тој да има своја сувереност, своја власт, свои народни претставници. Со сите мани, својствени за македонската политика, непоправени до ден-денешен, но мани македонски, не туѓи.
Ранг-листата на глупите не може да биде комплетна без Јосип Броз Тито, кој од којзнае каде дознал дека Македонците се посебен народ и дека заслужуваат своја држава. Не само што рекол, туку и остварил. Глуп бил Лазар Колишевски во чие време се основани македонски факултети и универзитети, отворани библиотеки, описменувани илјадници, сѐ во намера да зајакнува, да се бетонира македонската национална свест. Глуп бил и Крсте Црвенковски во чие време е основана Македонската академија на науките (МАНУ), а Македонската православна црква ја поврати својата автокефалност. Денес излегува дека сите наредени биле глупи што секаде и секогаш инсистирале да се нагласува именката Македонија и придавката – македонски. Читајќи и слушајќи некои актуелни коментари излегува дека со таквото инсистирање, направиле голема грешка и му нанеле голема штета на сопствениот народ, давајќи му вештачки и измислени имиња, кои мора да се сменат. Од светска афирмација да доживеат домашна трансформација во негација.
Што да кажеме за Киро Глигоров, првиот претседател на суверена и независна Македонија, доследна наследничка на независната социјалистичка Република Македонија. На барањата на Грците и на притисоците од другите странци за промена на името на државата тој, глупо, ама редовно одговараше. Велеше: (цитирам): „Никој нема поединечно право во Република Македонија, ниту јас како претседател, ниту Владата, ниту парламентот да одлучи за елементарното и неприкосновено право на нашиот народ за неговото име и за името на државата, со исклучување на зборот Македонија, збор, кој ја означува територијата на која живееме и е дел од нашата историја“. Плус додаваше една глупава, неразумна сентенција: „Македонија е сѐ што имаме“.
Не знам што зборуваше Борис Трајковски, но сигурно и тој го делел милењето на својот претходник, Бранко Црвенковски, како претседател на државата и како претседател на СДСМ, не можеше да поверува дека во Македонија ќе се најде некој ербап човек (според неговиот речник), кој би се осмелил да потпише некаков договор за промена на името. Значи и тој, глупаво и наивно, веруваше дека таков ербап, способен и напернат, не ќе роди мајка, најмалку од неговите редови, од оние што произлегоа од неговиот шинел. Кога викале дека нема да дозволат промена на името тешки глупости изговарале и Љубчо Георгиевски (иако кај него во секоја изјава има нешто сомнително), Никола Груевски, особено Ѓорге Иванов, чија палета глупи потези и изјави е доста широка.
Имајќи предвид што се случува и предлага околу името на Македонија, со името на народот и неговиот јазик, писмо, достоинство и така натаму, во горниот дел на ранг-листата на глупавите секако ќе се најдат и Блаже Конески, кодификаторот на македонската азбука (писмо) и сите слависти и македонисти, кои низ целиот свет ја ширеа вистината за посебноста на македонскиот јазик. И тука излегува дека овие луѓе биле во тешка заблуда и постапувале крајно глупаво афирмирајќи и бранејќи нешто што самите Македонци го даваат на крчмење без пари. Глупави биле и многубројни творци: бадијала за земјата и на нејзиниот македонски јазик пееле Славко Јаневски, Ацо Шопов, Анте Поповски, Гане Тодоровски, попусто Петре М. Андреевски го раскажувал тоа што го раскажувал. А не се само тие, не се само тука. Во елитата на глупите нема да остане незабележан и Таки Фити, претседателот на МАНУ и цел МАНУ, што во иднина ќе го носи името БАНУ или НАНУ, што и да значи тоа. И оттаму стигнуваат глупи вести – да не се сменело името ерга омнес зашто било штетно за државата, за народот, за неговиот идентитет.
Значи, да сумирам, да резимирам. Според толкувањето на официјалната политика и на водечките провладини и проевропски наклонети медиуми и новинари, секој оној што е на страната да не се менуваат името, јазикот и Уставот е глупав, тупав, старомоден, роб на минатото. Оние што се за промена се модерни, визионери, далековиди, храбри и паметни. Интересно е што сите анкети покажуваат дека овие вторите во Македонија се во убедливо малцинство. Тоа ти е: глуп народ – силна држава! Или обратно, силен народ – глупава држава, како и да се викала или ќе ја викаат во иднина.