Мора да признаам дека оваа политичка вежба за национално ребрендирање отиде предалеку. Лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија неодамна повика на предупредувачки протест во одбрана на македонските црвени линии за одбрана на идентитетот во преговорите со Бугарија, за набргу да ги блокира градовите во државата, барајќи од власта јавно да соопшти за што преговара со Бугарија и какви отстапки се нудат во делот на идентитетските прашања за одблокирање на нашиот пат кон ЕУ. Се прашувам зашто договорот со Бугарија е пострашен од договорот со Грција по прашањето на македонскиот идентитет, за да предизвика ваква жестока реакција од опозицијата. Која, за жал, изостана при промената на името на државата со Грција.
Откажувањето од името на државата и неговата промена беше првиот индикатор за создавање нов идентитет за заедницата (читај нацијата). Зар некој помисли дека прифаќајќи ја промената на името на државата, нема да се соочиме со барањето да го промениме сеќавањето на минатото, онакво какво што го познаваме? Да ја пресоздадеме нашата сопствена историја. А кога ќе тргнете во ваков процес на редефинирање на сопственото историско минато и бришење на колективната меморија на еден народ, ја менувате неговата идентитетска матрица. За оние што имаат проблем да го разберат ова, да потсетам на христијанските мислители, за кои давањето и менување на името претставува почеток на нова личност, бидејќи веруваат дека имињата ги „расплетуваат“ суштината и идентификацијата на една личност. Затоа барањата на Бугарија се само природно продолжение на еден процес, кој нам, на Македонците, треба да ни даде нов идентитет, заснован на измислена територијална визија, историја и јазик, вкоренета во минатото на другите држави во опкружувањето. Сега станува повеќе од јасно дека името на државата беше браната што го штитеше идентитетот на заедницата, како и создавање нов идентитет во случај на неговата промена. Што би забележал Хегел: давањето имиња не е само посед, туку и создавање. Во нашиов случај, создавање преку заборавање. Затоа да не се правиме мутави: дозволивме официјално да го смениме името по кое се нарекувавме и името по кое светот нѐ препознаваше како такви. Три години потоа ги исцртуваме црвените линии. По свадба тапани. Времето потврди дека промената на името на државата без какво било отворено и разумно оправдување, го трасира патот за обезличување на државата и нацијата.
Ова што ни се случува со Бугарија има цел да ни „помогне“ повторно да се „пресоздадеме“ во историјата и културата, надминувајќи ги поедноставените сфаќања на нашите соседи за македонската држава како добро дефиниран и униформен географски, социјален, политички или културен субјект. Тезите за (не)постоењето на македонската држава и нација и на Грција и на Бугарија претставуваат две лица на иста монета: базирани на неисториска и лажно конструирана визија за минатото на Македонија, ги отсликуваат нивните интереси повеќе од реалностите во регионот. Затоа е толкав притисокот врз нацијата и јазикот, за да докажат дека сме вештачки создадени, поради што треба да бидеме лишени од своето историски наследство. Кое не ни припаѓа. Повторно се ставаат на маса старите заборавени мапи, кои треба да бидат искористени уште еднаш за покривање на комплексната регионална реалност на Балканот. Намерно заборавајќи дека културната и политичката еволуција на македонската држава во регионот покажува многу покомплексен историски развој отколку што би сугерирал нивниот наратив.
За да нема забуна за сериозноста на бугарските барања кон Македонија и жестокоста со која одговара опозицијата на нив е врската помеѓу културната меморија и идентитетот на една нација. Културна меморија се однесува на објективизирани и институционализирани сеќавања, кои може да се чуваат, пренесуваат и реинкорпорираат низ генерациите. Културната меморија го зачувува симболичното институционализирано наследство на кое го градите сопствениот идентитет.
Културната меморија на еден народ е способност што ни овозможува да изградиме наративна слика за сопственото минато и преку овој процес да развиеме слика и идентитет за нас самите, во чија основа е јазикот. Баш таму каде што цели Бугарија. Јазикот, всушност, е културната меморија. Затоа, кога го одрекувате јазикот, се обидувате еден народ да го сведете на табула раса, т.е. неговата култура да стане празна плоча за да се започне со испишување нов идентитет на тој народ. Во случајов македонскиот. Ова е едноставна, опасна и деструктивна стратегија на Бугарија, која доколку ја прифатиме (под уцена и притисок), ќе се разбудиме како новосоздадени на Балканот. Го изгубиме ли јазикот, ја губиме културната меморија на овој народ. Без неа стануваме безидентитетски. На тој начин процесот што го започна Грција ќе биде затворен со Бугарија.
Очигледно оваа власт не знае каде оди пазарејќи се со македонскиот идентитет и држава. По толку изречени лаги, не знаеш на што веќе да веруваш. Политичките гарнитури доаѓаат и си одат. Ние, македонскиот народ, остануваме да ги живееме нивните промашувања. Сè додека ја одржуваме и негуваме заедничката културна меморија, дотогаш ќе постоиме. Кога ќе ја изгубиме, стануваме минато, без оглед на околноста дали ќе бидеме или нема да бидеме запишани во историските книги. Гледајќи како политиката си поигрува и е подготвена да се испазари со нашата културна меморија, сѐ повеќе се плашам дека нашата иднина е на пат да биде без минато.