Во Македонија сега владее закон што веќе е извор на голема конфузија, неправичност и неправедност спрема македонските национални интереси. Јазикот е еден од тие интереси
Имам впечаток дека екстремните барања за институционализација на албанскиот јазик не се веќе никакви политики на подобрување на јазичните права на Албанците, туку попрво политики на дезинтеграција на македонската држава и на нејзиниот национален интегритет (тој е надетнички).
Во Апелот против Законот за јазиците од 16 ноември 2017 година, што – јас и колешките Гордана Силјановска Давкова и Симона Маџоска Груевска – го објавивме во јавноста и го испративме до Собранието на Р Македонија, точно укажавме на проблематичноста на овој закон и местата на кои тој се коси со Уставот и со веќе важечките законски одредби за македонскиот јазик и за јазиците на помалите заедници во Македонија. Укажавме на фактот дека „во мултиетничко и мултијазично општество, политички и стратегиски е спорно да се донесе закон со кој на национално ниво се промовираат една (регионална) етничка и јазична заедница во РМ (албанската), нејзините симболи и нејзиниот јазик, наспроти другите јазични заедници со кои треба да се гради соживот“ и наспроти уставниот статус на македонскиот јазик како единствен државен или национален јазик во Македонија.
Ја користевме терминологијата на ЕУ од нејзината Повелба за државните и регионалните јазици.
Како што и очекувавме, Собранието на РМ не ги уважи нашите ставови и критички забелешки. Подоцна, нашите ставови беа потврдени во препораките и експертските ставови на Венецијанската комисија. Ни препораките на оваа угледна комисија не беа земени предвид. Во Македонија како да има некои недопирливи инстанци, кои одлучуваат надвор од важечките меѓународни и европски стандарди. Со тоа е направена неповратна штета по однос на историски легитимниот статус на македонскиот јазик да биде јазик на разбирање и интегративен чинител за целата нација и на територијата на целата држава, а е доведена во прашање и функционалноста на институциите на македонската држава, како и правата на етничките Македонци, кои се ревидирани и подредени на новопрокламираните права за употреба на албанскиот јазик како јазик на државно рамниште, задолжителен за сите институции и граѓани на Македонија.
Се случи едно предавство на националните, историските и актуелните човекови и национални права на Македонците. Посредно, со овој Закон за јазиците е поместен и дестабилизиран идентитетскиот и институционалниот стожер на македонската држава. Јазичните права на малцинските заедници во Македонија се решени со Уставот на РМ од 1991 година, како и со законите на Р Македонија во составот на југословенската федерација. Радикализацијата на тие барања не е основана. Можеше да се подобруваат технички и во склад со современите нови и информатички технологии, граѓанските права од гледна точка на јазичните практики и политики, но не на сметка на стекнатиот статус на македонскиот јазик и на Македонците.
Имам впечаток дека екстремните барања за институционализација на албанскиот јазик не се веќе никакви политики на подобрување на јазичните права на Албанците, туку попрво политики на дезинтеграција на македонската држава и на нејзиниот национален интегритет (тој е надетнички).
Осуетен е, значи спречен процесот на создавање македонска нација започнат не само по Втората светска војна туку многу порано во минатото. Тоа е процес на „балканизација“ на Македонија, нејзина систематска фрагментација, најпрвин етнополитичка (со партиите по етнички, а не по демотички принцип), потем регионална (со Законот за територијална реорганизација од 2004 г.), натаму со јазичниот паралелизам на државно и национално рамниште (со законот од 2008 г. и особено со овој најновиов). Веќе имаме навестување на парадоксална и гротескна ситуација, албанскиот јазик да биде заштитен и промовиран со инспекторати и други институции со далеку поголеми овластувања од Советот за македонски јазик при Министерството за култура.
Јазикот стана хибридно средство за нечии експанзионистички цели. Наместо да бидат културна придобивка на граѓаните, јазичните права станаа алатка за поткопување на државата и монета за поткусурување.
Врз основа на површни, конфузно и пристрасно толкувани примери од некои европски држави, македонскиот парламент усвои закон што не е во согласност со европските стандарди. Нарушени се од темел јазичната и културната економичност. Станавме лукративна држава, многу финансии за мала добивка, всушност за загуба во една филозофска и антрополошка смисла на зборот. Во историјата на човештвото се почитувало секогаш правилото на еден јазик за разбирање во медицината, војската, полицијата. Во Македонија сега владее закон што веќе е извор на голема конфузија, неправичност и неправедност спрема македонските национални интереси. Јазикот е еден од тие интереси. Ако во Македонија има два еднакво силни јазика, тоа ќе се преслика и во нејзините идентитетски карти во ОН и во странство. Јазичните права служат на граѓаните, а во Македонија јазичните права служат за наметнување политичка волја врз македонскиот народ и за редизајнирање на суверенитетот и интегритетот на македонската држава.