Ние сме нашите приказни. Ние ги раскажуваме приказните за нашето постоење како народ, за да го одржиме сонот за тоа што сме и кои сме и ја имаме единствената привилегија да бидеме дел од долгата приказна за животот на овој народ. Ние сме тие што ја водат битката за душата на овој народ во овој момент, која се обидуваат да му ја земат. Оваа власт којзнае по кој пат ме потсетува колку е важно да им се дадат на луѓето достоинство и мир. Изгубени и продадени во нејзиниот понижувачко стерилен поход на Европската Унија.
Со години ги живееме понижувањата на власта. Како народ и како поединци. Понижувањето нѐ направи нација без достоинство и интегритет, чувствувајќи се крајно беспомошно омаловажени во очите на другите. Срамот се појавува одново и одново, зашто власта ја повторува понижувачката ситуација во која ја доведува државата. Срамот нѐ фрла во очај и безнадежност и е длабоко дезориентирачки. Велат дека ритуалите за иницијација понекогаш користат понижување. Како во нашиот случај со отворањето на пристапните преговори со ЕУ.
Оваа власт прифати да учествува во консензуално понижување во садомазохистичките игри на доминација и ментално дисциплинирање од Европската Унија кон нашата држава. Нашата понизност и сервилност и годините на понижување со власт без самопочит и самодоверба нѐ направија деконструирана држава, со која секој може да си поигрува и спрдачи. Држава за потсмев и уцени.
Не е ново дека земјите во потрага по моќ вообичаено ги понижуваат своите соседи, обидувајќи се да ги доведат во инфериорна позиција со политички и економски реперкусии по нивните односи. Македонија е жртва на страста на соседните нации за моќ, а нивната надворешна политика ги рефлектира ефектите на понижувањето врз нашата национална гордост. Присилното потчинување ни ја соголе гордоста и ни го одзеде достоинството како македонски народ. Честа е инхерентно поврзана со идентитетот, затоа понижувањето е толку поразително за националниот идентитет. Нација без чувство на гордост е ранлива на надворешното мешање во нејзините внатрешни работи и ја нема потребната отпорност кон силите што ја фрагментираат националната кохезија. Власта мораше да биде свесна за ова, а не да продолжи самата да го потхранува понижувањето и да зададе само уништувачки удар врз самодовербата на нацијата и нејзиното достоинство.
При креирање политика, актерите се потпираат на „знаењето во заднина“ за да ги протолкуваат и предвидат реакциите на една држава.
Реалната политика претпоставува дека нациите се објективни чинители способни да донесуваат рационални одлуки. Ова очигледно не се однесува за нас. Заев и неговите следбеници не можат да ја разберат важноста на понижувањето како емоционален стимуланс во политиката. Нивниот паланечки ум не може да сфати дека политизираното, конструирано групно понижување вообичено води кон преформулирање на реалноста, за да се вооружи понижувањето што го доживеала групата и да се вовлече во приказната за избраната траума што може да предизвика реактивност, а во некои случаи и насилство. Историјата нѐ учи дека во вакви времиња повредата, лутината, конфузијата и очајот на групата раѓаат радикална ревизијата на реалноста. Таа нова радикална ревизија на реалноста ја ревидира и проширува на драматичен начин желбата да се надмине тоа централно болно искуство на групата. Ништо друго веќе нема да биде важно. Оваа нова приказна за понижувањето, сега конструирана на начини што ја прави лесно достапна и лесно разбирлива, бара одмазда. Со последното вето од ЕУ веќе реално е очекувањето дека идната политика лесно може да биде мотивирана од желбата на нацијата да се одмазди за долготрајното понижувачко искуство на кое нѐ изложи оваа власт, или да се постигне статус каде што понижувањето од странските сили веќе не е можно. Од ваквите настани излегоа некои од најболните искуства на насилство во историјата на човештвото. Затоа мора да се учи од историјата. А не од маалски седенки во Владата. И чорби за педесет денари.
Една од основните одговорности на секоја избрана влада, политичар или групи на граѓанско општество, кои ѝ служат на јавноста, е промовирање на достоинството на нацијата и нејзините граѓани. Преку стремежот за достоинството на нацијата ние создаваме респектабилно општество, респектабилна нација. Очигледно дека оваа влада не е способна да го испорача тој стремеж на македонската нација. Ама затоа ја направи македонската нација веројатно најуникатниот експеримент во историјата на современите нации држави чие достоинство е жртвувано за невозвратената љубов од ЕУ. Го истегна терминот „понижување“ во „политика без образ“, до епски размери.
Изгледа дека е крајно време да се разбудиме и размислиме како да дејствуваме самостојно, за да ги елиминираме причините за понижувањата на нацијата и луѓето без образ и лично достоинство во политиката. Време е да ги направиме одговорни оние на кои им ја даваме нашата доверба. Зашто во реалноста, националната гордост е sine qua non на македонизмот. Без неа тешко ќе ги вратиме вредностите и идеалите што нѐ одржуваат заедно.