Од ветувањето дека оваа година ќе биде година на економија до повлекување на прогресивниот данок и на клучниот човек на Владата за економија, разликата е огромна и ВМРО-ДПМНЕ ќе става сол на таа тема
Неколку седмици сме во, веројатно, една од најдолгите предизборни кампањи, како што пишував во претходниот коментар, и веќе се наѕира од првичните настапи на политичките партии како ќе се одвива оваа кампања. Додека моите и очекувањата на другите е продолжената изборна кампања да биде одлична можност за дебатирање за планот Б, за ЕУ (стандарди) без ЕУ-членство, се чини дека таа одлична можност ќе биде пропуштена. Тоа што се наѕира од првичните настапи на политичките партии е негативна кампања, каде што нема да има дебата ниту за план А, ниту за план Б, туку за негативна кампања за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ и за „неспособната“ СДСМ, со кокетирање од двете страни со тезите за „популистички“ и „корумпирани“ и, секако, се можни и други валкани трикови.
Зоран Заев и СДСМ веќе со „На прав пат“ и со почетните изјави, најавија дека клучен дел од кампањата ќе биде за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ. Оваа порака ќе биде наменета за умерените гласачи од урбаните центри, етничките Албанци и другите етнички заедници и за меѓународната заедница. Примарната цел се умерените гласачи, кои ќе ги одлучат изборите и истите тие СДСМ ќе се обиде да ги одврати од ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ се свесни за тоа и се чини дека својот пристап го пробаа на претседателските избори со својата кандидатка Гордана Силјановска-Давкова. Гордана Силјановска-Давкова во 2020 година може да биде тоа што Васил Тупурковски беше во 1998 година. Втората цел се етничките Албанци и другите етнички заедници, со што треба драстично да се намали коалицискиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ. И трета цел е меѓународната заедница, која ќе се убедува во ризикот од победа на „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ќе притиска на „национализмот“ на ВМРО-ДПМНЕ, а тој ќе треба да се брани. Ќе треба дополнителни чекори пред сѐ за дистанцирање од Никола Груевски, за почеток укинување на неговото почесно претседателствување. Враќањето на ВМРО-ДПМНЕ кон десниот центар е барање на оптимален баланс, колку да се направи поместување кон умерените гласачи, етничките Албанци и меѓународната заедница, без да се загрозат позициите кон десно.
ВМРО-ДПМНЕ нема само да се брани, туку и ќе напаѓа, генерално на линијата за „неспособната“ СДСМ. На неколку медиумски дуели и дебати, и во овој период ВМРО-ДПМНЕ ги фокусира сите можни примери за непостигнувањата на СДСМ од министри за странски вложувања, кои не знаат да набројат ниту едно странско вложување до пратеници на СДСМ, кои не знаат да наведат пример за еден километар изграден автопат. Се чини дека посебна цел ќе биде економијата и што се СДСМ нема постигнато од предизборните ветувања. Тука СДСМ е дополнително ослабена со најавата за повлекување на Кочо Анѓушев, вицепремиер за економија. Од ветувањето дека оваа година ќе биде година на економија до повлекување на прогресивниот данок и на клучниот човек на Владата за економија, разликата е огромна и ВМРО-ДПМНЕ ќе става сол на таа тема. Индиректно ќе се употребуваат и темите за локална самоуправа (урбанизам) и животна средина, а тука примери за потфрлувања има колку се сака. Од новите ДУП-ови во Скопје за десетици, стотици згради и илјадници нови жители до непоставувањето мерни инструменти за загадувањето на воздухот. Минатата недела го следев на дебата министерот за животна средина, колку материјал за целосно потфрлање даде. Урбанизмот и животната средина ќе бидат индиректно целени, бидејќи на тие теми, за разлика од економија и странски вложувања, ВМРО-ДПМНЕ нема добра историја.
А што е со „нема правда, нема мир“. Ако некаде СДСМ целосно потфрли во ветувањата и очекувањата тоа е темата за владеењето на правото. Од амнестијата за промена на име, преку „Рекет“, и скандалозните бегства на еден куп осомничени или осудени, има мноштво слаби точки што ВМРО-ДПМНЕ може да ги употреби во негативна кампања. Но засега, надвор од општите обвинувања и промоцијата на етички кодекси, ВМРО-ДПМНЕ не ја употребува многу оваа тема. Секако употребата на оваа тема не е многу продуктивно, сѐ дури ВМРО-ДПМНЕ го има Никола Груевски за почесен претседател. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе оди докрај, ќе раскине со претходното раководство, останува да се види.
СДСМ тенка на претходните подрачја се сврте кон класичен популизам: зголемување на минимална плата (во предизборен период е проблематична легитимноста), зголемување пензии, ветување на сите можни социодемографски групи. За жал, низ овој популизам се дискредитираат и оправдани барања на социјални интересни групи, синдикати и сл., но сите знаат дека единствен момент кога овие барања имаат тежина и Владата ќе ги прифати се предизборие.
Надвор од популизмот ала Груевски, СДСМ се чини ќе употреби и други валкани трикови од неговиот арсенал, иако за волја на вистината тие валкани трикови први ги употребија од СДСМ во зачетоците на демократијата. А тоа е формирање и употреба на нови политички партии. Ќе има обид со нова пупет-партија на десницата да се отцепи дел од гласачкото тело, како што порано се правеше со еден куп вмро-партиички. Доколку ова не успее, може да се очекува некои должници од амнестија за име, да работат на терен за намалување на одзивот на гласачи за ВМРО-ДПМНЕ. На другата страна ќе има обид за нова пупет-партија на центарот, која треба да ги привлече разочараните од СДСМ. Секако и ВМРО-ДПМНЕ може да активира дел од опциите за пупет-партии. Но просторот за ова е сѐ помал и помал, и можеби и двете партии ќе се откажат од вакви скапи, а неефективни активности.
Негативните кампањи генерално имаат цел да ги обесхрабрат гласачите за ривалската опција од гласање и така да влијаат на изборите, и ако партиите го стават акцентот на тоа може да очекуваме намален интерес и одзив на гласачите. Дали ќе биде така? Сѐ уште има време за промена на правецот на кампањата кон позитивна и аргументирана.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2020