Тоа што се наѕира од првичните настапи на политичките партии е негативна кампања, каде што нема да има дебата ниту за план А ниту за план Б, туку за негативна кампања за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ и „неспособната“ СДСМ, со кокетирање од двете страни со тезите за „популистички“ и „корумпирани“ и, секако, можни се и други валкани трикови
Со објавата на договорот на политичките партии за предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година, веројатно влегуваме ако не во најдолгиот, тогаш во еден од најдолгите предизборни периоди. И ова може да се спори, бидејќи Никола Груевски применуваше континуирана кампања, но еве тука сме, иако кампањите се законски ограничени на 20 дена, се соочуваме со шестмесечна кампања. Како ќе се одвива кампањата, веројатно веќе се наѕира од првичните настапи на политичките партии?
Додека моите и очекувањата на други се продолжената изборна кампања да биде одлична можност за дебатирање за планот Б, за ЕУ (стандарди) без ЕУ-членство, се чини дека таа одлична можност ќе биде пропуштена. Тоа што се наѕира од првичните настапи на политичките партии е негативна кампања, каде што нема да има дебата ниту за план А ниту за план Б, туку за негативна кампања за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ и „неспособната“ СДСМ, со кокетирање од двете страни со тезите за „популистички“ и „корумпирани“ и, секако, можни се и други валкани трикови.
Зоран Заев и СДСМ веќе со „На прав пат“ и со почетните изјави најавија дека клучен дел од кампањата ќе биде за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ. Оваа порака ќе биде наменета за умерените гласачи од урбаните центри, етничките Албанци и другите етнички заедници и за меѓународната заедница.
Примарна цел се умерените гласачи што ќе ги одлучат изборите. За потсетување дека историски поради истиот „националистички“ имиџ на претходните избори ВМРО-ДПМНЕ и во 1998 година и 2006 година, дојде на власт преку коалиции со Демократската алтернатива на Васил Тупурковски и потоа со НСДП на Тито Петковски. Самостојната победа што ВМРО-ДПМНЕ ја обезбеди во 2008 година не е заснована на постбукурешки национализам туку на довербата во ново десно кон центар позиционираното ВМРО-ДПМНЕ водена од технократот и реформатор Груевски. СДСМ тука постојано ќе потсетува на црни настани, особено на 27 април, и секако на Никола Груевски. Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ се свесни за тоа и се чини дека својот пристап го пробаа на претседателските избори со својата кандидатка Гордана Силјановска-Давкова. За Гордана Силјановска-Давкова може да се води различна негативна кампања, но не и дека е националистка. Таа веќе ги освои Скопје и големите урбани центри на претседателските избори, па за очекување е дека ќе биде носечки кандидат во Скопје (ИЕ 1). Гордана Силјановска-Давкова во 2020 година може да биде тоа што Васил Тупурковски беше во 1998 година.
Втора цел се етничките Албанци и другите етнички заедници. И доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во 2020 година, дури и да освои 61 пратеник, не ќе може да формира влада без коалициски партнер, веројатно Беса и Алијансата, или ДУИ. Во Македонија има воспоставено практика за меѓуетнички коалиции, дури и кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имале мнозинство во Собранието. Така ќе биде и по изборите во 2020 година. СДСМ тука не само што ќе потсетува на Никола Груевски, омразен кај повеќето етнички Албанци, туку ќе го лови ВМРО-ДПМНЕ на секоја постапка што ќе изгледа антиалбанска. Тоа треба да ја подигне цената за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ на која било политичка партија на етничките Албанци на највисоко ниво, а со тоа драстично да го намали коалицискиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ.
И трета цел е меѓународната заедница. Сѐ уште водечки западни медиуми и угледни политичари, вклучувајќи од десниот центар, кога ја опишуваат и анализираат ситуацијата во Македонија говорат за ризикот од победа на „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ. Тука СДСМ ќе го употребува Договорот од Преспа за компромитација на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тука со претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ усвои позиција на политичко неприфаќање на договорот, паралелно со негово правно прифаќање.
СДСМ ќе притиска на „национализмот“ на ВМРО-ДПМНЕ, а тој ќе треба да се брани. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе го имаат предизвикот колку да свртат кон десниот центар, а да не изгубат премногу на десницата. Тие направија еден чекор со дистанцирањето од екстремно антизападната и антиалбанската група околу некои интернет-портали и новинари. Но тоа не е доволно. Ќе треба дополнителни чекори, пред сѐ за дистанцирање од Никола Груевски, за почеток укинување на неговото почесно претседателствување. Враќањето на ВМРО-ДПМНЕ кон десниот центар е барање оптимален баланс колку поместување да се направи кон умерените гласачи, етничките Албанци и меѓународната заедница, без да се загрозат позициите кон десно.
(продолжува).
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ #ДатумБез
Датум #ПланБ #ЕУБезЕУЧленство