Мојот прекрасен Охрид!

По расправата за статусот на Охрид во УНЕСКО, како и во екот на туристичката сезона, проследена со вообичаени критики, ги реобјавувам моите три написи посветени на Охрид, првично објавени во август 2014 година. По пет години тие се можеби уште поактуелни бидејќи насочуваат кон стратегиски пристап за развојот на туризмот во Охрид

Само што започна летово, започнаа и летните расправии за успешноста на туристичката сезона во Охрид. Наводно туристичката сезона била пропадната, хотелите и сместувачките капацитети биле празни и градските власти планирале мерки за спас на сезоната. Пишувам наводно, бидејќи успешноста може да се мери само доколку постојат јасни очекувања и планови (број на гости и ноќевања) и јасни извештаи, а не ми е познато да постојат јасни очекувања. Секако самото спомнување неуспешна туристичка сезона предизвика голем број коментари, секако најголем дел засновани на ривалитетот меѓу Охрид и Скопје. Критичките гласови беа за високите цени и неуслужливоста во Охрид. Секако на таа тема сите сме експерти и сите имаме свои ставови, а моето лично искуство е дека Охрид не е поскап од Скопје или од други споредбени туристички дестинации, а за услужливоста имам и добри и лоши лични искуства, како во повеќето дестинации каде што сум патувал. Но, точно, расправата за цените покажува колку спротивни очекувања имаме за туристичката стратегија на Охрид. Каква стратегија сакаме? Масовен, културен, врвен или каков туризам ќе се развива?

Една дигресија, ми се чини дека од исти извори на новите медиуми се критикуваат и цените во Охрид и ниските плати во странските фирми во економските зони. Истовремено тие извори не го поставуваат прашањето дали пониски туристички цени во Охрид ќе значат и пониски плати за вработените во туризмот? И додека сите знаеме колку се платени работниците во странските фирми дали знаеме колку се платени тие во туристичкиот сектор? Дали знаеме дека просечната плата на работниците во угостителството е околу 13.000 македонски денари, и тоа за работа што вклучува работа во смени, ноќна работа и работа во викенди и празници.

Ќе споделам мои согледувања за туристичката стратегија на Охрид, иако оваа сезона можеби главниот проблем е виша сила – силното невреме во текот на целото лето, не само во Охрид и Македонија туку и во поширокиот регион. Кога е толку лошо времето не само во туристичките места туку и во местата што се главни извори на туристи, како Скопје или нашите соседи Србија и Бугарија, за очекување е дека ќе има и намален број туристи.

Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам или, пак, со привлекувањето повремени жители (масовна градба на станови), во која насока треба да се работи?

Лично за мене Охрид (Охридско Езеро) е мојот прекрасен Охрид. Од Канео, „Св. Наум“ и Калишта, Галичица и рибарските Трпејца и Радожда, преку бисерно чистата вода во Лагадин, Пештани и Градиште, гордото Вевчани, до Јабланица, Црн Дрим и Варош, и уште многу други места, се местата каде што се чувствувам убаво. И не е само за мене прекрасен, Охрид е неоспорно најврвната туристичка дестинација во Македонија, според многу релевантни извори од Нешнл џиографик до Лонли планет.
Од друга страна, Македонија се соочува со тренд на намалување на домашните туристи и раст на странските туристи. И овој тренд најверојатно ќе продолжи во следните години. Растот на странските туристи најверојатно се должи на владините мерки за подобрување на авиотранспортот и на субвенциите за странски туристи. Во недостиг од истражувања и анкети за причините за намалување на домашните туристи мојата претпоставка е сегментацијата на интересот на домашните туристи, односно сѐ повеќе наши граѓани што можат да си дозволат одмор ќе имаат различни – сегментирани интереси за патувања во странство.

Тогаш која стратегија да се спроведе понатаму?
Владините субвенции за странски туристи можат да бидат дел само од стратегијата за најниска цена и за привлекување посиромашни туристи. Ваквата стратегија може да функционира само на средни патеки, повеќе како мерка за преживување, отколку како мерка за развој, затоа што мора да се прашаме дали сакаме македонската најврвна туристичка дестинација да развива стратегија за пониско ниво на туристи и дали со таквата стратегија воопшто може да им бидеме конкурентни на масовниот туризам, во кој е вклучено сѐ, на Турција или на Бугарија, или на апартманскиот туризам на Грција.
Од друга страна, додека во Охрид е реткост изградбата на нов хотел, градбата на станови е видлива. Таквата стратегија е подобна за привлекување повремени жители, најчесто се опфатени две екстреми во однос на возраста: млади, средношколци и студенти, и пензионери. И додека таа стратегија е добра за градежниот сектор, не мора да биде добра за туризмот. Изградбата на станови, особено масовната, може да биде деградирачка за природата и пејзажот. Од друга страна, ваквите повремени жители имаат ограничено влијание на туристичките приходи.
Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам или, пак, со привлекувањето повремени жители (масовна градба на станови), во која насока треба да се работи? Може да се размислува за два можни стратегиски пристапи: лесна пристапност и врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи. И двата пристапа имаат предност бидејќи не се засноваат на најниска цена, но бараат сеопфатен пристап.
(продолжува)
***
Честит Ден на републиката! Честит Илинден!
Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mk @sklek #Охрид