(Вакцини, срце, култура, пријателство)
Се чудиш, драг читателу, од кај пак сега наеднаш тој мој восхит и почит за Србија. Не ти противречам. Сфаќаш дека мотивот за нив е во беневолентните неколку наврати, српски донации на вакцини против модерната чума на Македонија и Македонците, чија влада, премиерот и министерот за здравство се покажаа заспани и аморфни кон судбината на луѓето од оваа жална држава во оваа светска катастрофа. Да. Но тоа е само повод за ретроспективно светло на моите, во овој случај, речи ги драг читателу, српски чувства. Тие имаат генеза во југословенскиот период, во Југославија пред истата таа да ja декомпонира крваво ЦИА, заедно и со нејзините западни европски со канибалистички нарав сојузници. Како што го прави, ненаситна за зло, сега тоа и со Македонија и Македонците. Југославија, што ја паметам јас, тој златен остров во европскиот и планетарниот океан на народите. Нека простат антијугословените, но јас отворено кажувам дека сум југоносталгичар. Покрај другото и затоа што Македонија и Македонците во Југославија, и покрај различните мислења кај нас, беа еднакви меѓу единките во неа. Македонското национално и културно благо беше стопати позаштитено во неа отколку денес во Македонија, имот на султанот од Муртино, неговата СС-фирерова партија и на рамковните, сега политички терористи во владата и власта. Да. Оти Лазар Колишевски по кого сè уште фрламе дрвја и камења ни најмалку не направи штета и злосторства за Македонците како тој од Муртино, сојузен со идејата на Брисел, Вашингтон, балканските сатрапи и Призренската лига за потоморување на Македонија и Македонците. Оти немаше во Југославија договори за нивна смрт, какви што се сега Преспанскиот договор, договорот со бугарската хиена и хиената со име Тиранска платформа, изготвена конкретно за нашите рамковни „браќа“, кои Македонија ја сонуваат како Илирида.
Тоа, иако во југословенскиот период бев антикомунист и антититоист, за што плаќав соодветна цена, но сега сум конечно сигурен откако на самото место го запознав либералкапитализмот (во феудална форма) и кај нас, дека ако има нешто полошо од комунизмот (и не во југословенската, туку во источната сталинистичка варијанта) тоа е капитализмот. Така, донекаде и од антимарксист денес сум посветен марксист.
Малку долга воведна рефлексија. Но за да не се оддалечиме од контекстот, сега in medias res да се соочиме со суровата реалност. Имено, дека од нашето опкружување со кое се граничиме, за жал, единствено Србија ни е искрен пријател. Ни Бугарија (чувај Боже), ни Грција, ни Албанија, ни Косово, а со тоа ни нашите рамковни внатре.
Со Србија, која од одамна, во убавата смисла на зборот, има европски дух и култура, имам не само убави мисли туку и убаво автентично искуство. Во неа, во пробирливата и со строг естетски критериум издавачка куќа „Нолит“, ми излезе избор од мојата поезија („Извор над Негревом“), уште на самото мое поетско деби, во избор и со белешка и оценка на Душан Радовиќ. A потоа следуваа моите избори во, исто така белградската, „Народна книга“ во превод на Цвета Котеска, амбасадорка на македонската литература и култура во Србија, и во Нови Сад и Смедерево. Еден избор се појави и во Подгорица во Црна Гора. Исто така, по покана, за српскиот читател направив и две антологии на современата македонска поезија: една голема за белградска „Просвета“, заедно со Цвета Котеска, која имаше голем одек во Југославија, и една за поетскиот фестивал „Смедеревска поетска есен“ во Смедерево. Не знам дали на тоа се должи и мојата застапеност во новото тритомно издание на енциклопедијата на „Просвета“, за што всушност ме извести еден мој пријател. Туку не е ни време ни место за нарцизам, да не ме разбереш погрешно, драг читателу. Оти јас никогаш не сум го посматрал митот за Нарцис слично на Фројд како зона на суетата, туку како Жид и Вајлд како поглед во себе, односно како саморефлексија. Да. Оти и Нарцис, како и сите преостанати свети знаци и митови се обесветени во модерната западна цивилизација на капиталот.
Ако, притоа, се повикавме на колективната длабинска психологија, пак, на Јунг ќе видиме дека тој первертиран нарцизам, како еден вид супрематизам над другите, е карактеристичен не само за поединци туку и за цели народи. Посебно за моќните какви што се Америка и западните: Англија, Франција, Германија, па и за Холандија, а дури и за малата нарцистичка Белгија, чиј крал Леополд ги колеше Конгоанците за да им ги краде дијамантите од рудниците за кревање на белгиските палати во кои сега е заседната Вавилонската ороспија. Јасна ти е шифрата, драг читателу. Ороспијата што и покрај двете светски војни кои, лакома, самата ги конструира, сè уште не е „омозгана“, да ја употребам сјајната дијагностичка формулација на мојот омилен германски експресионист Готфрид Бен. А и нејзиното „омозгување“, во контекстот на овој поим како што го сфаќа тој, е само несреќа. Ништо друго.
Е, ама тоа не важи ни за Србија, ни за Македонија. И не затоа што тие не се занимаваат со колонијалистички походи и грабежи, карактеристични за моќните западни нации, туку и затоа што едноставно психолошката структура на нивното битие не е таква. Да. Оти тие отворено застанаа на исправната страна во борбата против „оската на злото“ во Втората светска војна иницирана од материјалната лакомост на колонијалистичка Европа. Од нашите блиски соседи само тие беа безрезервно застанати на фронтот на правдата и вистината. Бугарија, Албанија и Грција (која кокетираше и со злото и со доброто во таа војна) беа на страната на оската. Но како им врати Вавилонската ороспија за тоа на Србите и Македонците, драг читателу? Им врати, за жал, фашистички, па ја потврди јанѕата на големиот германски писател и хуманист Томас Ман, кој по завршувањето на Втората светска војна пророчки рече: „Хитлер е победен, но не и фашизмот“. Им врати на Македонците со бомбардерите на Черчил, европскиот англосаксонски „демократски“ фирер, кои ги исчистија во 1948 г. Македонците од Егејска Македонија за да јадат Грците крвав леб од нивните ниви и полиња. А потоа дојде и евроамериканскиот идентитетски погром врз нив во Преспа под зенитот на летната светлина на 18 јуни 2018 г.
А за Србија, за неа, по ист „цивилизациски“ фашистички терк тоа се случи во 1999 г. со нејзиното бомбардирање од страна на бомбардерите на НАТО полни со смрт, а сè со цел да се создаде на нејзината автентична културна, историска и онтолошка територија една нова дивоградба од држава. Да. И со етничкото држење, храброст и достоинство за време на тоа кукавичко божем „цивилизациско“ бомбардирање им се восхитував на Србите, драг читателу. Смртоносните бомбардери на либералкапиталистичкиот колонијалистички запад убиваа недолжни жени, деца и старци, а Србите, немајќи атомско оружје како Северна Кореја (а требаше и ние Македонците да го имаме) пееја по плоштадите и мостовите. Неверојатно! Против западните варвари тие се бранеа среде очајот со песна! Едноставно, на сета мака и ги понижија убијците. Им поставуваа картонски населби, мостови и патишта (колку што знам братски изум на еден македонски офицер), а тие маваа по нив, планетарни идиоти од кои паѓа во екстаза нашата Шеќеринска, па им даде уште како поклон неодамна од сиромашна Македонија цели 210 милиони евра за воено железо. Боже мил, како да се преболи сево ова?
Така. Од храброто држење на Србите под смртоносните бомби на НАТО беше восхитен и еден француски поет, па крикна: „Тоа не е народ, тоа е мистерија“. Истата ноќ кога НАТО ја бомбардираше кукавички од Авијано со бомбардерите на 19 фашизирани нации Србија, јас, драг читателу, го напишав текстот „Варвари“ како еден вид варијација на тезата на грчкиот поет Кавафис дека и варварите се некое решение. Да. И без за неговите Грци на кои тие со крвничко насилство им ја фрлија во прегратка целокупната македонска историска меморија и повеќе од половината (53 отсто) македонска територија. Европските цивилизациски варвари. Туку, за мојот антинатовски текст. Имав проблем да го објавам кај нас, бидејќи тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, претходник на Шеќеринска во НАТО-љубовта, даде јавно заканувачко соопштение никој да не го гиба тој планетарен воен монструм. Текстот, со перфиден изговор дека е со есеистички стил (Боже мил, колку се разбираат тие од есеј и стил) ми беше одбиен од „Дневник“, за потоа широкоградиот и неиндоктриниран Мирче Томовски него да го објави во неделникот „Пулс“. Истовремено тој беше објавен во превод на Цвета Котеска и во белградска „Политика“. Така, и испадна дека најновите жртви на западното евроамериканско варварство се, имено, Србите и Македонците. Тие што беа, заедно со Русите, најпосветени во борбата против „оската на злото“ во Втората светска војна. Оската што сега е прегрупирана во новите западни варвари. Тие што, како што вели и Ниче, се посреќни од човекот на културата.
Да. И Србите, драг читателу, одлично ја знаат и чувствуваат таа современа судбинска врска со Македонците по основа на болката и страдањето нанесени од Брисел и од Вашингтон, чија политика се покажа не само целосно исчашена кон нив и кон нас туку и пошироко, дури и кон титанските нации и народи, како што се тоа Русите и Кинезите. Глупави колонијалистички супрематисти. Да. И тука е сè јасно. Јасно е и зошто во оваа катастрофа на планетарната короновирусна чума (а произведена од некои темни западни лаборатории) Србите безрезервно решија со нивните неколкукратни подароци на вакцини да им помогнат на браќата по срце и по душа Македонци. Да. И токму затоа не требаше да избрзува северниот претседател Пендаровски со она „Љубави моја“ кон телохранителот на Тодор Живков, оџачар по професија (ама специјалист за пожар) Борисов, а притоа за да му се додвори фрлајќи му го во прегратка уште и нашиот јунак над јунаци Гоце Делчев како „етнички Бугарин“, па сега не знаеме како да си го вратиме него од загработ на бугарската хиена. А требаше таа изјава на екстатична љубов нашиот претседател, ако беше попаметен и поинтелигентен, имено, да ја чува за Вучиќ. Па и Заев, кој коленичеше низ Бугарија и кој едно време не знам какви зелени тресна за Србите (кој може да ги следи сите негови гафови и политички перверзии), па Дачиќ, брзозборец и нагол, изјави дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното генеричко име. Но ветрот дува, а и ни Македонците ни Србите не се злопамтила и не им обраќаат внимание на ретките националистички ексцеси.
Така, па кога беа поплавите во Србија и Македонците, како сега Србите со вакцините, одговорија експресно на српската несреќа и од срце помагаа. А што е со Бугарите, драг читателу, кои тврдат дека сме с’шти народ, само во две држави. Ветија една грска вакцини донација и до ден-денес нигде ги нема, оти условот за да ги добиеме е да кажеме дека сме Бугари. Не им е доволна изјавата на Пендаровски за Гоце Делчев, ни она перверзно интервју на фирерот од Муртино за БНТ, кој го подели него со нив. Тоа, а мене еднаш ме праша мојот бугарски пријател поетот Роман Кисјов, искрен македонски пријател и обожавател на македонската поезија за која мисли дека е една од најубавите во светот и ја преведува на бугарски, зошто ние Македонците многу повеќе ги сакаме Србите од Бугарите. Јас некако успеав да го одбегнам одговорот, со јанѕа, оти ќе му беше многу непријатно ако дадам искрен одговор на неговото прашање. А не можам да дадам поинаков. Оти ќе му го издиктирав истото што го содржат и редовите на оваа колумна. Да. Ама гледам ти ме провоцираш, драг читателу, и како од ведро небо ми велиш: „А тоа што српската не ја признава македонската црква? Да. Но тоа прашање е далеку од контекстот на книгата на срцето, која е поважна од политичката на црквата меѓу Македонците и Србите. Па, по таа логика на црквата би требало нашето срце да е оддалечено и од срцето и душата и на рускиот народ, кого искрено го сакаме ние. Да. па, да те потсетам, драг читателу; синодот на руската православна црква фрли анатема и врз Лав Николаевич Толстој, кој жестоко ја критикуваше неа и воопшто црковното институционално христијанство (руски Ниче во тој поглед), па неа тој не му ја симна до денес, не му прости (а кој е тој за да му прости?), иако институцијата проштевање е централна во институциите на љубовта што ги воспостави Исус Христос. Но баш му е гајле и во гробот на Лав Николаевич, христијански будист, за таа синодска перверзија. Оти тој, како и јас и ти, драг читателу, знаеше дека и на Запад и на Исток црквата го користи Христос само како маска за својот фарисејски лик. На Запад повеќе отколку на Исток. Но гревот и на Запад и на Исток е ист: невестата Христова е проституирана.
Тоа. И тука би ја завршиле нашата колумна, драг читатели, со надеж дека ги разбра мојот восхит и почит кон Србија и Србите. Оти и Македонците и Србите се бореа, заедно и со не баш омилените од нашата НАТО-вска власт и влада Руси (нека ни противречат ако имаат цврсти аргументи) против оската на злото. И пак ќе се борат ако треба против новиот западен фашизам, начнат со Хирошима и Нагасаки. Оти мислам дека на тој план се непоправливи и Македонците и Србите и Русите. А, се разбира и Кинезите. Колку да се знае, оти сите тие, и уште некои, и денес ја пеат песната „Пролетери од сите земји обединете се“ и ја исфрлаат обновена како ракета во просторот и времето паролата: „Смрт на фашизмот слобода на народот“, многу слична на светиот слоган на знамето на македонските комити и војводи „Слобода или смрт“.
Крај. Само уште еднаш: восхит од длабочините на срцето и почит за Србија и Србите. До следната наша средба бескрајни поздрави, драг читателу. Биди секогаш со борците против новата „оска на злото“. Остави ги настрана Бугарите и преостанатите соработници со таа оска. Тие во новата катастрофа пак ќе соработуваат со неа. Дај Боже да грешам, ама ме јаде јанѕа дека не грешам, оти историското искуство го говори тоа.