Македонската политичка елита, без разлика дали припаѓа на левицата или на десницата, треба кончено да разбере дека нејзина должност е да работи за интересите на нацијата и ништо повеќе. Кога политичките сили во Собранието се поделени и кога целото општество е политизирано, разбирањето и синергијата по стратегиските прашања, во рамките на институционалната процедурална соработка помеѓу најголемите политички партии, се клучни. Само на овој начин може да се решат проблемите на државата, а дополнителната поларизација само ги влошува проблемите
Собранието на Македонија како највисок претставнички орган на македонските граѓани донесува закони, ги донесува буџетот и завршната сметка на буџетот, одлучува за војна и мир, избира влада, избира уставни судии, врши избори, именува и разрешува носители на јавни функции, врши политичка контрола и надзор на владата и сѐ така до бесконечност. Ако ги земеме предвид споменатите надлежности, неоспорно е дека нефункционалноста на Собранието значи и нефункционалност на државата.
Последните случувања во македонското собрание се во тој правец. Имено, по час и половина обид да се изгласаат законите од 32-та седница за да се започне 36-та седница, на која требаше да се изгласа пакетот економски мерки, собранискиот спикер Талат Џафери ја затвори седницата. На крајот, Џафери им соопшти на пратениците: „Очигледно како што одат вака бројките на инфекцијата, веројатно утре на седницата на претседателството на Собранието, ќе биде точка на дневен ред и за карантин на Собранието. Мора да објавиме карантин.“ По овие зборови на Талат Џафери остана нејасно кога ќе започне 32-та седница, на која требаше да се изгласаат неколку закони, и кога ќе биде свикана 36-та седница, на која треба да се изгласаат и законите за економските мерки.
Во состојба кога повеќе економски сектори се погодени од корона-кризата, кога компаниите и фирмите имаат проблем со ликвидноста и кога илјадници граѓани ги губат своите работни места, однесувањето на Собранието е несериозно. Донесувањето на законите за економските мерки треба да бидат приоритет, бидејќи имаат егзистенцијално значење за државата, а не политичко-партиските пресметки.
Најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ако ја разбраа сериозноста и се обидоа да најдат решение, требаше и институционално да го сторат тоа, со договор за изгласувањето на економските мерки. Но последните случувања повторно покажуваат дека теснопартиските се ставаат над државните интереси. Мора да потсетиме дека ваквото однесување е непрофесионално, особено за држава што претендира еден ден да стане членка на Европската Унија.
Македонската политичка елита, без разлика дали припаѓа на левицата или на десницата, треба кончено да разбере дека нејзина должност е да работи за интересите на нацијата и ништо повеќе. Кога политичките сили во Собранието се поделени и кога целото општество е политизирано, разбирањето и синергијата по стратегиските прашања, во рамките на институционалната процедурална соработка помеѓу најголемите политички партии, се клучни. Само на овој начин може да се решат проблемите на државата, а дополнителната поларизација само ги влошува проблемите.
Очигледно е дека Собранието на Македонија е нефункционално, а причините за тоа лежат во голите обиди на политичките партии на секој начин да го зголемат својот рејтинг пред гласачите, притоа не се избираат средствата за остварување на таа теснограда цел. Затоа не треба да се зачудуваме од искажувањето на Талат Џафери за карантин, искажување што треба да го разбереме како обид за деблокада на Собранието. Меѓутоа настојувањата за објавувањето карантин на Собранието не се решение за проблемот.
Решението на проблемот го знаат и малите деца. Сѐ додека партиите токму во Собранието не научат да соработуваат за суштинските проблеми на општеството, блокадите ќе продолжат.
Ниту карантинот на Собранието, ниту предвремените избори, ниту експертската влада се решение на сегашните проблеми. Сѐ додека Собранието е арена на теснопартиски кусогледи борби, нема да излеземе од оваа состојба. Политичката соработка и разбирање на партиите за генералните стратегиски насоки на државата се клучни за иднината на нацијата, особено сега, кога се соочуваме со последиците од коронавирусот. Лидерите од левицата и десницата мора да разберат дека од нивниот конструктивен дијалог и наоѓање заедничка политичка резултанта зависи функционирањето на државата, а вжештувањето на политичките дискусии само ја усложнува состојбата од која зависат илјадници работни места и стотина компании.
Да завршиме со Цицерон, кој вели: „Исправно е човек да ја задржи сериозноста и да ја отфрли лутината дури и во споровите во кои доаѓа со непријателите, а дури и тогаш кога ќе чуе недостојни зборови за самиот себеси.“