Еден од најпознатите вицеви во политичката наука е дека кога не се има идеја што да се прави во политиката се пристапува кон изборна реформа. Нашата реалност, пак, зборува дека се пристапува и кон изборна реформа за диспропорционално да се зголеми победата на актуелната владејачка партија или да се создаде хаос каде што најрасипаните политички актери може коруптивно да ловат пратеници. Нималку безначајна улога имаат и разните домашни и странски ловци на внимание и на хонорари
Како треба да изгледа идниот македонски изборен модел? Оваа серија колумни се обиде да ги изложи клучните прашања за кои ќе треба да се усогласат партиите при идната реформа на изборниот модел. Ако правилно се чита македонскиот Устав, тогаш одредбата дека избирачкото право е „еднакво“ упатува кон пропорционален изборен систем, со стремеж за максимално отсликување на процентот на гласовите во процент на мандати (простата математика докажува дека никогаш не може да се добие идеална пропорција). Првото прашање се однесува на големината на изборниот округ. Македонскиот изборен модел се придвижи од чист двокружен мнозински модел, со 120 изборни окрузи, кон мешан модел со 85 изборни окрузи по мнозински модел и Македонија како една изборна единица, со 35 пратеници и петпроцентен изборен праг, кон чист пропорционален модел во шест изборни единици, каде што се избираат по 20 пратеници. Најлогичен тек на реформата би било Македонија да има само една изборна единица, со чист пропорционален модел, но со задржување определени регионални специфики, за да се овозможи географска претставеност на сите значајни области во земјата.
Овие регионални урамнотежувања може да се движат по две насоки. Првата, и многу појасна за избирачите, би била да се усвои персонализираниот пропорционален модел, според урнекот од Германија и од Нов Зеланд. Тоа ќе значи постоење на една национална изборна листа, но и на едночленски изборни окрузи, каде што кандидатите во окрузите би биле истовремено и рангирани на националната изборна листа. Притоа, може да се следи германскиот пример, каде што половина од парламентарците се избираат во едночленските изборни окрузи (60 во нашиот случај), но може да се направи и друга логична географска поделба (поранешните 34 општини може да бидат почетен модел, со евентуално нивно зголемување со новите урбани скопски општини). Имајќи предвид дека пропорционалноста е постигната со националната изборна листа, едночленските изборни окрузи не мора да бидат еднакви по бројност. Граѓанинот би имал два гласа, еден на национално ниво и еден во едночленските изборни окрузи. Прво би се пресметале гласовите на партиите на национално ниво и бројот на пратеници по партија. Потоа, во парламентот ќе влезе секој пратеник избран во едночленските окрузи. Доколку партијата добила повеќе пратеници отколку што се избрани во едночленските изборни окрузи, тогаш преостанатите пратеници влегуваат преку утврдениот редослед на затворените национални партиски листи. Со употребата на овој изборен модел се урамнотежува потребата од застапеност на сите региони во една заедница, со принципот на пропорционално претставување на национално ниво, а нема подобро преференцијално гласање од победата на кандидатите за пратеници во нивните локални едночленски изборни окрузи. Втората насока би била да се искористат планските региони како изборни единици, со различен број на пратеници избрани по изборна единица (определени со истата изборна формула што би се користела и за определување на бројот на мандатите по партија). Притоа, за да се испеглаат нееднаквостите што се забележуваат од актуелниот модел, би се пристапило кон воведување на бипропорционалниот изборен модел, преземен од швајцарскиот урнек. Тука може да се експериментира и со преференцијални гласови, кои кај нас се нарекуваат „отворени листи“.
Втората дилема при реформата би била изборната формула. Досега кај нас се користеше Донтовиот метод за распределба на мандатите. Доколку се следи уставната одредба за еднакво избирачко право, тогаш и тука треба да се пристапи кон реформа. Најблиску до потполна пропорционалност се доаѓа со Сентлаговиот модел на изборни количници (тука секој изборен резултат се дели со 1, 3, 5 и така натаму).
Третата точка при изборната реформа треба да биде воведувањето на изборниот праг. Во претходната колумна ја образложив, во најгруби црти, дебатата околу изборниот праг. Клучно е дека националните парламенти немаат само претставувачка туку и одлучувачка ролја во политичкиот систем. Собранието е и израз на народниот суверенитет, односно владеењето на граѓаните. Оттука, нужно е воведување изборен праг и во Македонија, а следејќи ја компаративната политичка наука, препораките на Венецијанската комисија и македонските специфики, изборен праг од три отсто ќе биде доволна брана за екстремистите и популистите, како и можност за создавање ефективен парламент. Секако, изборниот праг ќе влијае да се оневозможи трговијата со пратеничките мандати. Исто така, сметам дека треба да се разгледа и мексиканскиот модел за самото постоење на партиите, па автоматски да се распушта секоја партија што нема да добие повеќе од еден процент на гласовите на национално ниво. На овој начин не се попречува правото за слободно здружување, затоа што граѓаните може и натаму да продолжат организирано да дејствуваат како невладина организација или да предлагаат независни изборни листи, кои, исто така, треба да подлежат на посебни правила што ќе оневозможат изборни манипулации.
Во делот на непосредните избори за градоначалници и претседател на државата треба да се пристапи кон рационализација и воведување решенија за завршување на целата постапка во еден изборен круг, било преку употреба на единствен пренослив глас или преку дополнителниот глас, како на изборите за градоначалник на Лондон. Дополнителниот глас, каде што граѓанинот може да искаже само две преференции, е многу поразбирлив и не се коси со актуелните уставни одредби.
Покрај овие клучни точки, реформата може да ја разгледа и потребата од постоење на партиски предизбори, спроведувани од Државната изборна комисија, потоа можноста избраниот пратеник да си го реактивира мандатот, во рамките на истиот избран парламент, доколку бил кооптиран во извршната власт, како и различните прашања за предизборните коалиции. Некои земји познаваат повисоки прагови за предизборните коалиции, во други граѓанинот е должен да ѝ го даде гласот на самата политичка партија, па по завршувањето на изборите се пресметува бројот на мандати по изборна коалиција, а потоа и бројот на мандати за секоја членка на коалиција поединечно, со употреба на истата изборна формула.
Еден од најпознатите вицеви во политичката наука е дека кога не се има идеја што да се прави во политиката се пристапува кон изборна реформа. Нашата реалност, пак, зборува дека се пристапува и кон изборна реформа за диспропорционално да се зголеми победата на актуелната владејачка партија или да се создаде хаос каде што најрасипаните политички актери може коруптивно да ловат пратеници. Нималку безначајна улога имаат и разните домашни и странски ловци на внимание и на хонорари. Затоа, одговорот на прашањето за изборната реформа треба да произлезе од македонските политички партии, низ една широка и отворена дебата во Собранието, каде што своето мислење ќе го образложат и експертите од политичката наука, математиката и од другите области што ја допираат оваа тематика. Изборната реформа е потребна и неопходна, како еден од чекорите за обнова на македонската република и за обнова на македонската демократија.