Нема да пишувам за вакцините. Јас нема да се бодам. Не затоа што сум антиваксер. Ако веќе се бодам, постојат ствари за бодење што имаат многу поинтересни нуспојави од треска, болки и импотенција. А антиваксер не сум. Ме нервираат. И ваксерите исто. Како што ме нервира и самото име. Ваксери! Звучи како поджанр на транс-музика. А трансот отсекогаш ми бил турбофолк во електронската музика
Џулијан Асанж откри воени злосторства извршени низ светот каде што окупатори се САД и коалицијата. Затоа е во затвор. Го чека екстрадиција во „штатите“. Таму ќе добие доживотна робија. Бидејќи откри злосторства против човештвото. Западните медиуми молчат.
Едвард Сноуден откри како западната моќ прислушува. Не само телефоните. Ја прислушуваат и класифицираат нашата интимност. Сноуден мораше да бега. Доби азил во Русија. САД бараат екстрадиција. Дома го чека доживотен затвор. Или смртна казна. Западните медиуми молчат.
Алексај Навални го откри скриениот замок на Путин. Рече дека замокот е во Русија. Излезе дека е во Црна Гора. И нема никаква врска со Путин. Западните медиуми врескаат.
Затоа Лех Валенса го предлага Алексеј Навални за Нобелова награда за мир. Неупатен човек ќе се запраша што тоа Навални направи за мирот и човештвото. Навални го порази страшниот ИСИС во Сирија. Ги седна Ерменија и Азербејџан на преговарачка маса. Со тоа ги запре крвопролевањата во Нагорно Карабах. Прв испрати воена и медицинска помош во најпогодениот регион на Италија за време на пандемијата на коронавирусот.
Навални е фантастичен предлог. Иако ќе биде тешко да се одлучи меѓу него и „Блек лајвс медер“. Тие се веќе кандидати. Мирољубиво палеа дуќани на свои сограѓани, меѓу кои и многу Афроамериканци. Но мене ми недостигаат уште неколку битни фактори заслужни за светската благосостојба. Како „Антифа“. Тие ги рушеа спомениците на човекот што го укина робовладетелството, на најголемиот борец против Кју клукс клан, го осквернавија меморијалниот музеј на првата афроамериканска воена единица од граѓанската војна. Недостига и Џо Бајден. Го спаси светот од Доналд Трамп. Како и Бил Гејтс, кој го откри и победи ковид-19.
Добре дојдовте во новата нормалност!
Во неа тепа полицијата на Путин. Низ два руски града, зашто протестираат 10.000 луѓе. Ако се земе предвид дека има 150 милиони Руси, 10.000 се две третини население. За разлика од Холандија. Таму протестираат во сите градови. Стотици илјади луѓе. Ама Холандија има 17 милиони жители, 100.000 на 17 милиони е ништожна бројка. Проблем е што полицијата на Путин тепа и низ Холандија.
Таква е новата нормалност.
А во неа, Нордистан иѝ воведе санкции на Никарагва.
А ха, нели рече дека нема веќе да пишуваш за домашна политика?
Ако ова е политика, јас сум Аладин. Ние сме лоша гротеска. Нордистан ѝ воведе санкции на Никарагва. А зошто? Веројатно добиле таква директива од „повисоките“. Некој им се јавил. Воведете ѝ санкции на Никарагва! Така им заповедале. Вован и Лексус. Руските пранкери.
Што ли е следно? Нордистан воведе санкции за Месопотамија. Љубоморни сме. Месопотамија има повеќе вакцини од нас. Сеедно што не постојат.
Нема да пишувам за вакцините. Јас нема да се бодам. Не затоа што сум антиваксер. Ако веќе се бодам, постојат ствари за бодење што имаат многу поинтересни нуспојави од треска, болки и импотенција. А антиваксер не сум. Ме нервираат. И ваксерите исто. Како што ме нервира и самото име. Ваксери! Звучи како поджанр на транс-музика. А трансот отсекогаш ми бил турбофолк во електронската музика.
Како и да е, здодевни ми се сите оние ваксер/антиваксер муабети. Не ги разбирам. Ако си ваксер, се плашиш од вирус, одиш и се вакцинираш. Толку е едноставно. Кога си вакциниран, не се плашиш ни од вирус ни од невакцинирани. Затоа што си вакциниран. Ако си антиваксер, се плашиш од вакцини, не се вакцинираш. Толку е едноставно. Така си заштитен од нуспојавите. Вакцинираните не ти се проблем.
Затоа, сосема ми е нејасна потребата на ваксерот да го убедува антиваксерот да се вакцинира. И обратно.
Да, ама ако моето дете е вакцинирано, а неговото не, тогаш може да ми го зарази детето.
Прости ми боже, ама многу си глуп!
Или тоа е само до перцепцијата. Тешко да разбереш нешто, оти гадно си заглавил во сопствената перцепција. Така заглавен, стануваш хибриден. Среќа што има доволно безумни околу тебе, па и тие заглавиле во твојата хибридна перцепција. Уште ти аплаудираат.
Бегај од таквата перцепција. Најдобро бегство е сексот. Водењето љубов. Нормално, ако не си бегал од часови по сексуално образование, па немаш поим што е секс.
Туку ми текна една блесава идеја. Сега е модерно да се спојуваат предмети. Е па, зошто да не споиме географија, историја, граѓанско и сексуално образование? Совршено ќе биде. Може нема да е како во Финска, ама нека биде како во „Емануела“.
Денес ќе учиме како да се искачиме на Венериниот брег.
Ајде ти, кажи ми што е потребно за да се инвестира во ерогената зона?
Денешната писмена ќе биде со наслов „Клеопатра и полиандрија“.
Ти, кај беше вчера со умот кога јас дрдорев за историјата на хомосексуалноста со географска одредница?
Вики престани да се бакнуваш со Марко кога предавам во какви сè пози може државата да го секса поединецот или колективот, а ако веќе не можеш да издржиш да се бакнуваш, бакнувај ја и Ана.
На денешниот натпревар по сексуално образование за средношколци победи седмоодделенец од нашето училиште. Сите средношколки го пофалија. Министерството за секс и пропаганда ќе му додели парична награда.
Знам, не е смешно.
Ние како копиљаци бегавме од часови за да ја гледаме „Емануела“. Идниве копиљаци не мора од ништо да бегаат. Сè си имаат во мобилните. Сега уште ќе им додева на часови некој хистеричен невладин активист што станал професор, на тема секс, гениталии и полово преносливи болести. Знаејќи го нашиов образовен систем, сигурно нема да се појави Џон Клис со жена му за да им спроведат практична настава.