Нема интрига, нема афера, нема скандал што ќе се посее, а што не ќе изникне и расцвета. Така е во Библијата, така било во Античка Грција, во стариот и новиот Рим, така било и така е од времето на Античка Македонија до денешнава Република Македонија, Северна по Устав. Нешто слично може да се каже и за понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче, која веќе никој не може од ортома во влакно да ја претвори.
Докторот Венко Филипче не го познавам, ниту тој мене. Сум слушал за него најубави зборови како лекар, како врвен стручњак во македонската неврохирургија, посветен на професијата и пациентите, за неговата колегијалност и комуникативност. Имам мои пријатели што се негови пријатели или биле негови учители во клиничката пракса. Не ужива углед само по професијата, туку и по семејното окружување и во поширока смисла. Двајцата родители доктори, татко му од Охрид, поранешен министер за здравство, мајка му по потекло од Ресен. Со стрико му, починатиот доктор Добри Филипче, имав пријатни односи неколку децении. Се познававме уште од раните гимназиски денови кога ми беше командант на бригада на работна акција на Јадранската магистрала, во делот на Црна Гора. Филипчеви се угледна, почитувана и влијателна охридска фамилија од старо време. Слично и во Скопје.
По трагедијата во Тетово, по пожарот во модуларната болница во која живи изгореа 14 пациенти, Филипче со неговата понудена оставка е главната цел во која се стрела од сите опозициски и граѓански оружја. Сосема нормално, зашто тој е на чело на системот одговорен за здравјето на граѓаните на оваа сиромашна и мошне заболена држава. Понуди оставка од морални мотиви. Да не понудеше ќе беше уште полошо. И тој и претседателот на Владата, со кого најверојатно однапред е договорен форматот на оставката, ќе беа уште пожестоко напаѓани и обвинувани. Со полно право, се разбира.
И без трагичниот настан во тетовската болница, Филипче беше на удар на јавноста, пред сѐ поради последиците предизвикани со појавата и ширењето на пандемијата на ковид-19. Не треба многу да се набројува, доволно е да се споменат збунетоста и неорганизираноста на здравството на територијата на целата држава, сомневањата за финансиски шпекулации при набавката на вакцини, па сѐ до бројките што ја наредија Македонија на врвот на светската листа по бројот на починати по жител. Тетовскиот пожар и жртвите во него му дојдоа како исфрлен капак од лонецот со врела мрсна вода што претходно вриеше на висока температура.
Без да се става во регистарот на неговата работа загубата на 14 лица во Тетово, Венко Филипче беше лицето број 1, човек на годината во Македонија, вреднуван и медиумски славен од медицински и од политички аспект. Тоа го велат фактите. Фален од дел јавноста, критикуван од другиот дел од истата јавност, Филипче беше секојдневна слика на надеж, македонскиот Бетмен во борбата со непознатиот вирус. Не може да му се одречат ангажираноста, посветеноста, пристапноста до јавноста, нешто што се гледаше ден за ден. Сигурно не му беше лесно да ги издржи сите физички напори, да не зборуваме за професионалните и моралните дилеми што го следеа цело време и кој самиот си ги знае. Истовремено со славата го натоваруваа со интригите, шпекулациите, обвинувањата, не толку за професионалните неспособности, колку за финансиските способности.
Ударите од тој вид добиваат сила затоа што Филипче повеќе од две години раководи со министерство, со сектор во кој или за кој во тој период се дадени (потрошени) најголеми пари од буџетот на Република Македонија (сега Северна). Завртени се милијарди евра што поминале низ негови раце и низ рацете на претседателот на Владата. Кога спомнувам раце, не мислам дека ги зеле тие пари, туку со своите потписи на владини одлуки, решенија и одобрени фактури распоредиле една или две милијарди евра, што буџетски средства што донации во пари или во подарени материјални средства. Во држава каква што е нашата, оценета како корумпирана и криминогена, во држава во кое здравството е повеќе познато по мито одошто по обезбедување вистински медицински услови и давање соодветни услуги, не може човек да биде министер за здравство (кој и да е), а да не го следат приказни за легендарни суми на кеш-провизии. Провизии за државни зделки и тендери, провизии со (од) приватни фирми што царуваат над државниот здравствен систем и кои услугите ги наплатуваат десеткратно повеќе од нормалните цени. Оној од власта и обвинителството покриен и скриен случај со Ден Дончев, поранешниот директор на Фондот за здравство, кој беше фатен инфлагранти како зема провизиски рекет, е само капка вода, зрно песок во морето на медицинско-фармацевтските бизниси. Белата мафија не е ништо побела од црната и од подземната.
Докторот Филипче направи еленски скок и во политиката. Успешно, со виртуозност на уметнички гимнастичар, се премости од поранешен советник за здравство на Никола Груевски во најблизок соработник на Зоран Заев. Од еден претседател на влада се префрли на друг, циниците би рекле од еден скут седна во друг.
Бидејќи во политиката сѐ е можно и оправдано, Филипче со Заев ги доживеа ѕвездените мигови во својата кариера. Избран за министер, експресно и со акламација назначен за потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз, речиси без ден членство стана миленик на партиската полтронска бирократија. Истовремено доби статус на десна рака и верен другар, викенд-совозач на квадрицикли, речиси побратим на претседателот на Владата и претседател на владејачката партија. Ако е за волја на вистината, вакви тандеми на „громовни браќа“ не се новост во македонската повеќепартиска политика, во една или во друга смисла. Такви се примерите со Бранко и Ханџо (Црвенковски и Ханџиски), Љупчо и Љубе (Георгиевски и Бошковски), Циле и Вања (Тупурковски и Битољану), Грујо и Сашо (Груевски и братучед му Мијалков). Измешани пријателски, партиски, роднински, професионални, приватни и лични бизнис-интереси беа карактеристики на овие политички парови.
На јавноста ѝ е познато дека оставката не е неотповиклива туку е понудена. Клучното прашање е дали ќе биде прифатена од претседателот на Владата. Прифатена или одбиена, Филипче како министер ќе го нема околу себе истиот штит што го поседуваше, над него ќе виси моралната дилема за евентуалната лична вина или невиност, тоа ќе го следи до крајот на животот. Иако е доктор што знае која болка како се лечи, исто така знае дека има болки за кои нема лек. Тие лични, емотивни, морални преиспитувања, сакал не сакал, ќе станат дел од неговиот секојдневен живот, дел од неговите непроспиени ноќи.
Настрана што му е нарушен кредибилитетот, што му е начнат личниот, политичкиот, професионалниот и општествениот интегритет. Над него веќе виси Дамокловиот меч на отчетноста, транспарентноста и одговорноста. Колку што судбината на оставката ќе се одолжува, колку што други околу него ќе го вовлекуваат во подлабока вода, толку кај јавноста ќе преовладува мислењето дека политичарите, носителите на извршните, политички и други функции не се еднакво одговорни како преостанатите граѓани, дека се привилегирани пред Уставот и законите. Постапките на неносење одговорност го минираат моделот на едно општество за сите – еднаква одговорност за секого, излегува дека се празни флоскули за мачкање очи пред стварноста. Товарот со кој е нагрбен министерот ќе биде сѐ потежок и потежок, ќе го клекнува морално и професионално. Каде и да се појави, освен во својот тесен круг, ќе лебди во воздухот сознанието дека тој е човекот во чиј мандат на министерување во една болница живи изгореа 14 луѓе.
Не тврдам дека сум во право, но нема да бидам далеку од вистината, имајќи го во обѕир и сопственото искуство, дека ќе дојде момент кога одмазда ќе бараат негови колеги – противници на кои за нешто им се замерил. Не е исклучено некоја „чачка“ да извлечат и негови сопартијци, незадоволници од СДСМ што сѐ уште се чудат кои се начинот и методот, кои се средствата така експресно да се напредува. Да не зборуваме за опозицијата, која во Филипче не бара само жртвено јагне туку жива крв преку инсистирањата за одговорност и преку вестите, лажни или вистински, за склучуваните зделки и за неговата финансиска состојба. На крајот, да не се заборават и искуствата што ги имаат и многумина политичари и раководители, дека, ако не победат во трката, остануваат напуштени и предадени дури и од оние со кои биле најблиски.
Венко Филипче ја понуди оставката од морални причини. Таква категорија на одговорност нема во ниту еден акт, во ниту еден закон што важи за Собранието и за Владата. Такво нешто нема ниту во Законот за влада, ниту во нејзиниот Деловник. Прашањето за морална или која било друга одговорност, за големо чудо, воопшто не е допрено и во славно пропагираниот Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, донесен пред една година. Во тој кодекс, кој во основа треба да го има политичкиот морал, нема да го сретнете зборот оставка, чин што никаде не е прецизно регулиран. Според тие официјални акти гледано, министерот Венко Филипче е без вина и чист. Не како солза, но е чист. Но од човечки, од морален, од општествен и од чесен аспект, колку и да биде бранет од други, повеќе ќе биде оптоварен од себе и од својата совест. За жал, и не по своја директна вина, никогаш нема да биде истиот Венко Филипче, стамен, недопирлив доктор, министер што ќе биде запаметен по најдолгата, најнеизвесна и најсурова медицинска битка на државата со коронавирусот.