Една од болните карактеристики на Македонија е што на ниво на држава е запоставен, не се цени минатиот труд на луѓето. Не како стаж поминат во некоја канцеларија и зад бучна машина, туку вложен труд како знаење, направено дело, авторство, како научно достигнување, но и како пожртвуваност, посветеност на работата и така натаму. Како умствен напор и како практична стручност
Уште на почетокот на текстот сакам да дадам едно кратко појаснување за читателите. Имено, текстов им го посветувам на луѓе од мојата генерација, на оние што се пред мојата и особено на оние по мојата. Низ неколку пренесени разговори правам обид да ја опишам реалната состојба во која се наоѓаме. Човечки, не политички. Некои од читателите, ако сакаат, може да го примат и како незадолжителен наук, бесплатен совет или како четиво за потсетување што биле некогаш, а што им се случува сега.
Најпрво ќе наведам една лична исповед. Кога пешачам по патеките на Водно, а најчесто одам сам, некои од луѓето посакуваат да ми се приближат заради муабет и друштво. Иако на некој начин, културен, се разбира, ставам до знаење дека не сакам воднодружници, сепак и во тој краток период се отвора некој вид разговор. Почетниот дијалог речиси секогаш е околу временските услови, а потоа, како обид за поблиско запознавање, следува едно простосмртно прашање: Кај си работел и што си работел? Мојот одговор најчесто гласи: Никаде не сум работел и ништо не сум работел. Одговорот го давам искрено, иако на прво слушање изгледа иронично или лажно. Не лажам, зашто и по педесет години работа, чувството ми е дека не сум работел ништо и никаде. Ме теши што не сум единствен со таков мисловен статус. Не е тоа некоја разочараност или некакво незадоволство. Напротив. Само е чувство, лично и општествено.
Сопатникот, новопознајникот се чуди, а на неговото лице забележувам една подбивна гримаса, која ми го сугерира неговото мислење дека нешто не е во ред со мене. Уште ме допрашува дали имам некаков минат труд или немам. Му одговорам дека немам. Стаж имам, тој ми е признаен, ама минат труд немам, него нигде не го пишува, него ретко кој го признава. Човекот, малку по малку самиот го поднамалува чекорот, заостанува, видливо збунет од она што искрено го кажувам.
Значи, станува збор за минатиот труд, некаква неодредена, фиктивна професионална категорија или вид на придонес, кои, освен во бирократска графа за стаж или за пензија, навистина нигде не ги пишува, а обично на човека му се читаат на судниот ден пред вратите на свети Петар. Но и тој чин е под услов некој да сака да го напише и да го прочита тоа, или усно, низ неколку реченици да го каже. Притоа, простувајќи се од оној што заминува, или ќе се претера или, пак, нешто важно сепак ќе скрие, доколку тој факт не е соодветен на актуелната политичка ситуација и на распоредот на силите (партиите) во власта.
Ми се жали еден комшиски пријател, поранешен висок службеник во Собранието на тогашна Република Македонија и во други организации на законодавната власт. Ми кажува дека децата, сега возрасни и со фамилии, не се задоволни од него, го обвинувале дека не направил во животот ништо, бил неспособен, не им обезбедил побогат живот, како што обезбедиле некои други негови пријатели. Во контекстот на тие обвинувања значи дека не крадел, но не може ниту своите деца да ги убеди дека во тоа време ниту можел, ниту сакал да ја краде државата, како што на големо се краде во последните дваесетина години. Има зад себе голем минат труд, пишувал закони, водел седници, советувал и штител високи политичари, но пари не спечалил. Сега, самиот потиштен, за смирување на нервите шета куче, но се теши што му е чиста совеста и што останал чесен граѓанин.
Неговата мака ме потсетува на семејните односи. Децата не им ги признаваат заслугите на родителите, родителите се разочаруваат од децата. Жената не му го признава минатиот труд на мажот, мажот на сопругата и еве ги на видело семејните караници. Да не ги спомнувам старечките секојдневни лутеници, меѓусебни префрлања кој за што е виновен, кој што правел а што не направил. Зрела доба, зелени муабети, кавги за сешто, дури и за купените пиперки од пазар.
Еден друг пријател, поранешен технолог во ОХИС, се чуди деновиве за кренатиот прав за отровните материи во кругот на фабриката. Па, тие материи, тие цистерни, буриња, канти, вреќи и разни други предмети се таму триесет-четириесет години, вели тој, никој не кревал паника. Никаде во светот ниту една хемиска индустрија не е „паркови и зеленило“. Сите работат со отровни или канцерогени материи. Друга е приказната со ОХИС, кој бил правен со капацитети за југословенски пазар и пропаднал по растурањето на таа држава. И прашува зошто по телевизии не викаат некој што има минат труд во таа проблематика, што има практично искуство, туку незнајковци или фалбаџии, кои, наместо стручно да објаснат, со своите незнаења шират катастрофични сценарија. Кому му е потребно тоа кога ништо не може да се реши набрзина. И дали зад тапаните на целиот случај не се крие некој нов мултимилионски експрес-бизнис се основните сомневања што ги поткрева овој случај. И ми посочува дека речиси по правило кога се крева на високо ниво некој сличен проблем, не станува збор за здравјето на луѓето, туку за големи пари што некој треба да ги земе.
Знаеш зошто пропадна СЈО, цинично ме прашува еден познат адвокат. Затоа што во него влегоа судии и обвинители што немаа минат труд. Можеби имаа некоја година стаж, но немаа вистински минат труд, што подразбира искуство, знаење, опробана практика. Обвинителите, собрани одовде-одонде, најпрвин се пофалија, потоа се уплашија од сопственото незнаење. Не ги познаваа орудијата на трудот, не ги дочитуваа како што треба законите. Затоа специјалното јавно обвинителство, наместо брана, стана широка мрежа низ која испливаа сите големи риби. Приказната дека некој ќе одговара за сторените криминали е завршена. Тоа е слика на целото судство, на целиот правен систем во Македонија, кој е заснован само на еден стратешки принцип – нема суд за големите криминални „фаци“. Ќе се гони и ќе се осудува само ситната боранија од престапници. Само врз тој принцип може да бидат на слобода, заради застареност на предметот, луѓе спомнувани за земени провизии во милиони евра, а да страдаат поради „трајна незастареност“ илјадници сиромашни, кои плаќаат преку извршители огромни камати за неплатени сметки. Од основен долг од 500 до 600 денари, сосе камати до 10-20 илјади. Не застарува нивната мака.
Една од болните карактеристики на Македонија е што на ниво на држава е запоставен, не се цени минатиот труд на луѓето. Не како стаж поминат во некоја канцеларија и зад бучна машина, туку вложен труд како знаење, направено дело, авторство, како научно достигнување, но и како пожртвуваност, посветеност на работата и така натаму. Како умствен напор и како практична стручност. Во најголем дел во таа сфера дејствуваат имитати, политички филозофи, празни биографии, некадарни насилници со полни џебови. Новосоздадените газди, умислени раководители и неизживеани шефови не почитуваат ниту минат, ниту пак дневен, актуелен труд. Тие своите вработени сѐ повеќе ги доближуваат до животински, одошто до човечки, хуман статус. Бегаат младите од земјава и поради тоа: никој не ги цени, никого не ценат, не почитуваат стручни авторитети, а ништо не можат да сторат против главно неписмени партиски поставени шефови, како во државна служба така и во приватна фирма. Младите ги изгази лошата политика во последниве триесетина години. Кај што гази политиката таму способни и паметни ретко никнат.