Во ретките пригоди кога сме заедно, ги слушам разговорите меѓу внукот (6) и неговите родители: можност да видам како му се шират хоризонтите додека расте далеку од мене. Градбите од лего-коцки, надвор и наспроти инструкциите, зборуваат за исклучителна имагинација и способност неа да ја материјализира. Математички задачи решава од забава, множејќи напамет двоцифрени броеви. Најинтересен ми беше разговорот за тоа што ќе биде кога ќе порасне: астроном! (Патем, познавам двајца врвни астрономи со македонско потекло, кои ја освојуваат вселената од институции надвор од Македонија. Едниот, кој од малечок се стремел кон ѕвездите, денес работи на универзитетот „Колумбија“ и за НАСА. Затоа, желбите на децата треба да се земат многу сериозно. Роден е на ист ден со Александар, ама Славко е поголем и поблагороден од него додека ја освојува вселената). Прашува Дарио за вселената, а родителите му објаснуваат колку многу тајни крие таа. (Мајка му, всушност, ги истражува условите за живот во екстремни услови, откривајќи ја тајната на потеклото на животот на Земјата, ама и за животот во вселената.) Тој е решителен: „Кога ќе станам астроном, јас ќе ги откријам сите непознаници“. Слуша дека луѓето се подготвуваат за првата експедиција на Марс, па додава: „Кога ќе станам татко, моите деца сигурно ќе слетаат на Сатурн“!
Целата сцена е толку симпатична, забавна и трогателна – но, и толку отрезнувачки тажна (гледано низ македонска, и особено илинденска перспектива). Дарио ги има сите услови да биде тоа што сака и да се стреми кон височините, ама далеку од тука. Во Македонија се раѓаат сѐ помалку деца, а и да се родени најбрилијантни ги имаат сите „шанси“ иднината да им ја закопаат уште пред да зачекорат, освен ако не се изборат да излезат од оваа замка. Од НАСА стигнаа вести дека е откриена „суперпланета“ на „само“ 31 светлосна година, со услови за живот слични како на Земјата.
Како глувци во ротирачки кафез овде го чиниме единствено она што го знаеме: се гониме едни со други, се вртиме во круг, се гриземе и не само што не гледаме, туку и не бараме излез од проклетијата. Чуден пример на зависност од сопствениот чемер! Илинден е само трагична слика на еден народ/држава во изумирање, кој веќе и не знае како ни сам со себе, ни со другите, ниту си го знае минатото, ниту ја гледа иднината. Партиски војски војуваат околу голите коски и корките леб што им ги потфрлаат вождовите, а „слободарското Крушево“ (запустено, и кое божем живнува еднаш годишно) личи на симулација на настаните од 1903-та. Со таа разлика што сега полициските сили се „аскерот“, кој „ригорозно“ го чува угледот на вождот (новиот султан или негов намесник). Не ми се зборува за Илинден, бидејќи нема ни што ново да се каже. По сиот изнасилен патриотизам, лицемерно колнење во коските на паднатите и лагите дека „сјаеме“, останува празната сцена илустрирана низ две суштински констатации. Првата е содржана во духовит, ама болно точен твит: платата од вчера, се надевам дека ќе ми трае барем 10 дена, колку што траела Крушевската Република.
Втората е содржана во фотографиите по „големото чествување“ на Мечкин Камен: купишта смет, пластика, неред оставени во подножјето на споменикот. Непочит ни кон местото, ни кон природата! Џиновскиот кип на илинденецот со подигнатата карпа над глава останува немоќно да сведочи на сиот циркус божем во негова чест. Пелинце е новокомпониран шунд, реплика на историскиот „Прохор Пчињски“, и никогаш и нема/ше шанси да прирасне при срце. Но Мечкин Камен е местото што навистина сведочи за лична саможртва и сон за слобода и подобар живот, дури и за републиканските и социјалистичките идеали на востаниците од 1903-та. Во право е едно брилијантно момче, кое на Фејсбук напиша дека да знаеле илинденците кој ќе ги наследи, наместо востание ќе си дигнеле по една ракиичка. Навистина, чиј сон може да биде оваа запустена земја? Во ретроспектива, без оглед на наводната национална гордост, време е да си кажеме дека чествувањето на Илинден е промашена работа; патувачкиот циркус на партиски „војски“, вклучувајќи ги и политичко-етничките ротации во естаблишментот за тоа кој каде ќе однесе народ и ќе му чита неинспиративен, празен и партиски обоен говор, е огледало на срамот и поразот. Идеалите на Илинден (1903 и 1944) не се стварност, ами карикатура, која прераснува во орвеловштина и распродажба, пазарења со секој јабанџија како на ат-пазар…
Затоа овој ден станува бесмислен и гол (и лош) декор на историскиот пораз на многу генерации. На врв на сѐ, со патетична дрскост една безрбетна клика бара „со едноминутно молчење да им оддадеме почест на сите што паднале за Северна Македонија“?! Идејата на ваквите празници не е протоколарно положување цвеќе (и смет) пред споменици, туку мора да биде разговор меѓу живите и со иднината надградена врз делото на тие од минатото. Македонија распродаде сѐ што беше вредно (и материјално и нематеријално богатство) за „влез во НАСА и Елон Маск“ (да ја цитирам доцентката од Правниот факултет, која за награда стигна во грчко-северната комисија за историјата), а останува закопана длабоко во калта и криминалот на професионалните патриоти и слепи вождови. Празникот е одамна киднапиран од политичарите, па народот не само што не е присутен, туку и не гледа што би барал таму, особено ако не сака да скандира: „Зоки, Зоки“ и „Северна, Северна“ (за да умрат душманите што скандираат: „Никогаш Северна, само Македонија“). Кој и да победи во надвикувањето, стварноста е безмилосна: нема бегање од сопствената беда, страшливост и запуштеност.
Нашите потомци се оневозможени да гледаат кон ѕвездите, да се стремат кон извонредност, бидејќи глупчовци им врзале синџири и им ги скастриле крилјата и на имагинацијата и на разумот. Стара е идејата дека треба да се направи исчекор и да се престане со овие стерилни, старомодни и бесмислени (божем народни) собири во 21 век. Но не е до начинот на славење, туку во отсуството на каков било успех и прогрес за одбележување. Што има да се слави? Сѐ е фарса (како и истрагите за криминалот, кои стојат поради летни одмори!?). Попуста е смртта и на Гоце и на Даме и на Питу и на Јане, и на сите знајни и незнајни партизани, дури и ако случајно и под притисок на јавноста, останат во химната. Најголемиот дострел на нивните потомци е вработување по партиска или семејна заслуга и евентуално некоја добивка в џеб.
Стиховите на Дис (од 1910) како да се за нас напишани: „Распослано е црно време на опаѓањето. Надошле ѓубрето, развратот и пороците. Се шири гнилата смрдеа на пропаѓањето, умрени се хероите и пророците. Ни остана уште само прашина на хартијата, ко последен спомен на некогашните џинови. Целата сила сега ја најдовме во партијата. Пирот на подбивот ги зафатил сите синови. Срамно живее нашето поколение. Не се слушаат ни протести ни лелеци. Срамно живее нашето јавно мнение. Генерации што цицаат како пајаци.“ И ако веќе не си купил карта во еден правец, ти останува на своето дете во очајнички обид да му ги повторуваш стиховите на Киплинг како да (о)стане човек – иако знаеш дека човештината не е на цена во овој темен вилает: „Ако можеш да сонуваш, а сништата да не завладеат со тебе, ако можеш да размислуваш, а да не останеш само на мислите, ако можеш да им погледнеш в очи и на Победата и на Поразот и непоколебливо да ги втераш во лага, ако можеш да поднесеш да ја слушаш вистината што си ја изговорил како е изопачена од подлеци во замката за будалите, ако можеш да го гледаш своето животно дело урнато в прав, и повторно да се зафатиш за работа со скршените алатки; ако си во состојба да ги натераш срцето, нервите и жилите да те служат долго, иако одамна те издале, и ако така истраеш на место, и кога во тебе веќе не останало ништо, освен волјата која им вели ’Истрај!‘… Тогаш сиот свет е твој и сѐ што е во него, и уште поважно од тоа: тогаш ќе бидеш голем Човек, сине мој“!
Овие стихови од 1895 година, само потврдуваат дека да се стане Човек секогаш барало многу внатрешна сила, која нема да ти ја дадат ни народот, ни државата, ни политичарите – туку чиј извор е длабоко во тебе, и наспроти сѐ што те влече удолу, назад, во „нашите денови на пропаѓање“. Изборот е едноставен: или ќе се препуштиш на инерцијата на времето на плиткоумни и корумпирани до коска вождови, или ќе работиш на себе и ќе те инспирираат ѕвездите. Или ќе им веруваш на оние божем мажишта кога на говорница зборуваат за слободата и идеалите, а се опкружени со телохранители и се испотени од страв (од сопствениот народ), или ќе веруваш во себе! Од младоста ми остана врежана мислата на омилениот Томас Вулф, за тоа дека човекот е секогаш сам: „Сета увереност на мојот живот почива на мислата дека самотијата, далеку од тоа дека е редок или чуден феномен, карактеристична за мене и некои други осамени луѓе, е централен и неизбежен факт на човековата егзистенција…“ И: „Прави сопствени грешки, користи ги шансите, изгледај будалесто, но продолжи да чекориш. Не се парализирај!“. Најмалку вреди да се парализираш во земја што не го очекува тоа од тебе, и која те влече надолу во (пот)просечност и беда, во име на некакви (изневерени) идеали и лажна иднина.