Во последниве години честопати се сретнуваат нови публикации напишани од доктори, историчари или публицисти за суспектни ментални болести кај одамна починати историски личности. Многу од ваквите експертски мислења привлекуваат големо внимание од страна на читателите, особено кога се работи за омразени личности, како што биле Хитлер, Гебелс, Химлер, Сталин и други. Една од најпопуларните творби со овој контекст, секако, е „Анатомија на човековата деструктивност“ (1973) на Ерик Фром. Во ова обемно психолошко-социолошко дело авторот прецизно анализира како би можеле да се објаснат постапките на големи луѓе од историјата, кои со својата деструктивност му нанеле големи зла на човештвото. Фром вели дека недостигот од љубов, незаинтересираноста да се сака, прави ваквите личности да развијат спротивна емоција, да ги контролираат другите луѓе, да станат груби, деструктивни и полни со зло не само кон другите туку и кон себе.
Што е целта на ваквите ретроспективни дијагнози, зошто тие ја привлекуваат публиката, што ни откриваат за нивните автори, општеството, медицината и како би требало да им приоѓаме?
Основната цел на историчарите е да ги реконструираат минатите настани, но со највисоко ниво на точност и врз основа на традиционални извори. Така, за ваква намера се користат зачувани оригинални писма, лични работи, дневници и сл. и се збогатуваат со соодветни современи илустрации. Од друга страна, медицинските историчари неретко се ограничени во нивните настојувања за реконструкција на болестите, особено во историографијата на реално болни личности.
Меѓутоа, понекогаш е навистина тешко да се најдат извори на валидна медицинска документација и ретроспективно да се постави дијагноза.
Ваквите ограничувања важат особено кога се работи за ментални болести, токму поради фактот што кај нив нема објективен наод каков што е лабораторија, рендген, некакви генетски анализи итн., туку дијагнозата се поставува спрема субјективна процена од лекарите. За жал, и денес во психијатријата дијагнозата е главно субјективна, но сепак современите технологии даваат можност за подлабоки докази (генетика, имиџинг-техники итн.). На пример, во минатото, кога бил раширен сифилисот, појавата на генерална пареза се сметала како ментална болест, а не како доцна форма на органската болест предизвикана од бактерија. Токму затоа, ретроспективната дијагноза е доста тешка задача и подложна на многу шпекулации, конспиративни теории или претставува едноставно озборување. Во случај на ментална болест, интернационалната унифицирана дијагностика се базира на критериуми содржани во статистички водичи, какви што се Меѓународната класификација на болестите (МКБ) или Дијагностички статистички мануел за ментални растројства (ДМС). И покрај тоа, критериумите во овие помагала за дијагноза постојано се менуваат, излегуваат сѐ понови ревизии на овие класификации, па тоа уште повеќе ја отежнува ретроспективната дијагноза.
Дијагнозата не зависи само од духот на времето туку и од социјалниот контекст во кој таа е поставена. Обичаите, околината, работните услови, исхраната, медицинските знаења и практика, социјалните интеракции и други фактори имале и имаат влијание врз сфаќањето за болестите. Или, поинаку кажано, медицинското знаење се трансформира социјално и културно. Затоа, проектирање на категориите болести и нивни дефиниции во минатото е недозволива симплификација и претставува еден вид анахронизам.
На пример, посттрауматското стресно растројство (ПТСД) не може со точност да се проектира во минатото, кога термините за трауми поврзани со војна биле сосема поинакви, на пример замор од војување, стресна реакција во борба, заштитен шок, втренчен поглед од илјадници милји итн.
Во најдобар случај, можеме да правиме некакви паралели, но не и ставање знак за еднаквост. Во тој случај, минатото би било сменето ретроактивно. Таков пример се војниците што дезертирале во текот на Првата светска војна и кои ретроактивно биле дијагностицирани како посттрауматско стресно растројство. Ваков приод е невозможен, затоа што дијагнозата на ПТСД се темели на јасни клинички знаци, кои во случајот ретроактивно не се можни.
Конечно, пишаните текстови не се објективен извор на податоци, зашто тие се субјективни, како што претставуваат писмата, автобиографските записи или, поинаку кажано, его-документи. Најмногу од историските документи се собирани за поинакви намери, а не поради овој интерес кај модерните истражувачи во хуманистичките или социјални полиња. Стандардите на доказите исто така се сосема различни, особено кога се работи за дијагноза и третирање на менталните болести. Несомнено е дека цел на историчарите е да ги анализираат и интерпретираат минатото и процесите што се случувале тогаш, како и формирање сопствени историски толкувања. Но тоа значи дека историските истражувања не се база за донесување ретроактивни дијагнози на конкретни личности. Тие се наменети да разјаснат од современа перспектива за условите на живот на одредена личност, како таа би се проценувала и како би се справувала со тие услови.
Поради тоа, медицинските информации во историските извори не треба да се поедноставуваат или инструментализираат. Современите медицински термини за состојбата на умот на одредени историски личности се ненаучни, зашто сугерираат историска точност која де факто не постои. Дијагнозите се конструирани и понекогаш базирани на извори што потекнуваат од автори што со одредена намера сакаат да произведат одредена слика за некоја личност. Токму затоа, историите или историчарите треба да поседуваат силна самокритичност кога поставуваат ретроспективни дијагнози.
Нема совесен доктор што би поставил дијагноза без да ја прегледа конкретната личност, особено ако нема медицински податоци што би биле релевантни. Затоа Американската психијатриска асоцијација експлицитно налага да се почитува Голдвотеровото правило (1973), кое гласи: „Не е етички за психијатарот да дава професионално мислење без да спроведе детален преглед и да добие авторизација за ваквиот наод од страна на конкретната личност“. Да појаснам, ова правило потекнува од претседателската кампања на Бари Голдвотер, кога медиумите поставиле прашање дали тој е ментално компетентен за позицијата претседател на САД. Поточно, се сметало дека Голдвотер страдал од хронична психоза, или со денешни термини параноидна шизофренија, која повремено декомпензирала.
Слично на тоа, секој историчар треба да внимава на сопственото критичко толкување на некои известувања и мемоари од современи сведочења. Особено лекарите или историчарите не треба да ги прескокнуваат овие базични стандарди.
Дополнително, ставовите, изјавите може да се еднодимензионални, зашто имаат цел да објаснат мултикаузални историски развои на монокаузален начин, редуцирајќи многу комплексни социјални зависности.
Понатаму, медицинскиот наод може да биде неодговорен од морален аспект, особено ако дава објаснувања за некои далечни политички случувања. На пример, мислењето дека Хитлер бил ментално болен, всушност ја редуцира одговорноста на германскиот народ. Во таа насока, историчарот Хан Хер ја сумира оваа претпоставка во насловот на својата книга за Хитлер: „Тој беше Хитлер. Изземање на Германците од нивното сопствено минато“.
Во понатамошните размисли се наметнува прашањето што ако Хитлер ја предизвикал Втората светска војна поради претпоставена состојба на делузија. Ваквото прашање, познато како виртуелна историја, не придонесува во истражувањето на историските случувања.
Затоа, психијатријата и историјата најдобро ќе работат на одредена дијагноза ако се користат со оптимални методи во двете дисциплини, а и докторите и историчарите да бидат свесни за нивната одговорност на толкувањата.
Во насока на слични непочитувања на Голдвотеровото правило се современите толкувања за психолошките карактеристики на Доналд Трамп, кој наводно пројавува елементи на грандиозност, недостиг од емпатија и еден вид малигнен нарцизам. Сепак, ова се само толкувања, без некој да има направено соодветен медицински преглед. Овие мислења се и поттик за импичментот што се води за овој американски претседател.
Останува на секој истражувач во ова поле да се води од примарниот етички принцип: најпрвин да не се наштети! Можеби е подобро историските личности да ги оставиме да почиваат во мир и нивните психолошки карактеристики да не ги користиме за оправдувања на нивните постапки. Сепак, како лекар и психолог, моето лично мислење е без детален преглед да нема назначувања на какви било функции и во современото општество. Зашто, грешките може да причинат ненадоместливи штети по други луѓе или на пошироката заедница.