Менталитет – ментална слика (1) Скица за ментален портрет на Македонецот

Колку луѓе, толку карактери, вели една поговорка. Но на крајот сите тие се варијации, варијанти што заедно ја чинат големата ментална слика на едно племе, народ, нација, па и раса. Тоа звучи, драг читателу, како метафизика или езотерија, но не е така, иако кај секоја теорија поставена на толку лизгава хипотеза покрај аргументи ЗА постојат исто толку, ако не и повеќе, и аргументи против. Темата како што е поставена во колумнава во облик на есеј не е толку деликатна од филозофски, колку од психолошки и онтолошки аспект. Иако понекогаш се чини дека и психологијата и филозофијата еднакво учествуваат во компонирањето, дефинирањето и објаснувањето на оваа тема, на психата и битието не само на индивидуата, туку истовремено и на заедницата на која ѝ припаѓа таа. Со оваа тема во поново време сериозно се занимавале некои мислители што ги интересирала таа, како што би рекол Јунг, науката за душата, според него, наука што ѝ припаѓа на иднината. Во нејзиниот епицентар како најенигматична е психолошката слика на колективната душа.
Психоанализата ги подотвори вратите за истражување и толкување на таа душа. Фројд секако инвестираше во тоа истражување, но тој многу повеќе беше зафатен со психата на индивидуата и неговата речиси патолошка опсесија со либидото како клуч/калауз за објаснување на целокупниот сложен механизам на функционирање на човековата психа. Јунг, неговиот ингениозен ученик, кој него го критикуваше дека го затворил човекот во темната соба на либидото, многу повеќе и со голема научена акрибија ѝ се посвети на оваа тема. Тој едноставно во неа се надоврза на сличните истражувања пред него на Иполит Тен и неговата на изглед едноставна, конструктивна, но фасцинантна теорија за расата, средината и моментот како три клучни фактори за бојата на некоја историска и културолошка епоха, нејзиниот естетски и психолошки лик, при што тој своите (хипо)тези ги базира главно најмногу врз примерот на уметноста. Најмногу врз примерот на сликарството.

Така, Јунг, пак, за разлика од Тен, чија слика на тој план е сепак екстровертна, оди подлабоко, трудејќи се да ги открие во колективната душа скриените тешко видливи атоми на нејзината деликатна психолошка структура, импулсите и симптомите карактеристични за неа. Врз база на тие истражувања, имено, тој и ја разви својата сугестивна и психолошки моќна теорија за архетиповите, сликите карактеристични за колективната душа и битие на човекот. За таа цел тој дури акрибично ги истражуваше и сликите на мандалата на кинеските архетипови, која го сугерира и рефлектира психолошкото средиште, Јаството на колективната душа. Во неговото можеби најзначајно дело „Психологија и алхемија“.
Толку. Но што се однесува, пак, до темата во овој есеј, драг читателу, таа е енормно, на свој начин, присутна и во литературата, кај писателите, кои, како што е добро познато во своите хипотези многу повеќе, според карактерот и на нивната уметност, се служат со алатката на интуицијата отколку со алатката на рациото и строгата научна анализа. Но и така, небаре се посветени во зенбудистичката вештина на стрелање, одлично ја погодуваат целта. Така, имено, читајќи ги некои расни писатели и можеме да ја согледаме, повеќе отколку кај филозофите битната јукстапозиција, разлика меѓу едно и друго племе, па дури и меѓу една и друга раса. Како пример за ова ја земаме на тој план менталната разлика меѓу словенската и англосаксонската раса. Ајде, да не звучи, како што може да го протолкуваат некои, на расизам, на словенскиот и англосаксонскиот општ човек. Предвид за првата како пример, архетип, ги земаме Русите, рускиот човек, а за втората Англичаните и Американците (не Јужноамериканците). Американците што се вонбрачно, одметнато дете на Англичаните. Пред сè, оти тие и ја формираа жестоката ментална слика на американскиот човек составен од многу други етнички ентитети.

Но да преминеме на нашата хипотеза. Во случајот станува збор за колективната душа на словенската раса како меланхолична и емотивна, наспроти англосаксонската, на Британците и Американците, како енормно витална и со супрематистички менталитет, докрај рационална, логичка. Секако, пак, и тука има некои раритетни исклучоци, како што е тоа на пример Е.А. По целиот заглавен, небаре американски Гогољ, во мочуриштето на филозофијата на смртта и, следствено на тоа, во една безнадежна крајно депресивна меланхолија. А и неговата биопсихолошка генеза, пак, не е чисто англосаксонска. Англосаксонскиот витализам, лишен од константна меланхолија како онтолошка карактеристика и потпрен главно врз силата на виталните дионизиски сокови на животот го гледаме во англосаксонските автори какви што се Мелвил, Штајнбек или Мајлер, според мене, драг читателу, најкарактеристичните на тој план. Тука можеме да ја придодадеме и мојата до бескрај омилена поетеса Емили Дикинсон, која вели дека „Животот е екстаза“, типична егзистенцијална формула за Англосаксонците, која тие, сепак, надвор од прекрасната хиперсензибилна душа на Емили, ја остваруваат без пардон за да уживаат во неа и со бомбардери полни со смрт. А Емили Дикинсон секако не е виновна за таквиот исчашен витализам на егзистенција.
Но кога станува збор за англосаксонскиот „сензибилитет“ него на психолошки план, драг читателу, најдобро, маестрално го дефинира дијагностички и без анестезија Норман Мајлер во неговиот култен роман „Голи и мртви“. Сум пишувал за тоа, но сега контекстот налага на нова варијација на иста тема. Имено, Мајлер во него ја изнесува по малку шокантната тема за нас, дека импотентните Германци се неспособни за фашизам за разлика од виталните Американци. И навистина оваа „рискантна“ негова (хипо)теза се покажа сурово исправна, а неа ја потврдија американските атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки 1945 г., со што и буквално фашизмот на Хитлер и на Германците беше заменет со новиот, според Мајлер, многу повитален фашизам на Американците.

И можеби е тоа, драг читателу, еден вид, како што би рекол и Ниче, освојување на индивидуалната и колективната среќа на едно варварско племе. Оти ингениозниот германски мислител, близнак на Достоевски, посматрајќи го и анализирајќи го депресивно човекот на модерната цивилизација дојде до едно негово, ама веројатно и исправно откритие, дека варварите се посреќни од човекот на културата. Да. Иако е проблематична во овој контекст, хипотезата на омилениот од Европа грчки поет Кавафис, која како и неа ја трупа античка Македонија во Дројзеновата грчка вреќа, а која вели дека „варварите се некое решение“ за изморената цивилизација. Но за тоа во некоја друга наша колумна, оти навистина од тоа варварство, а најмногу и пред сè над Македонија и Македонците, ѝ се офајди неговата Грција, која епохата на македонизмот на Александар Македонски бескрупулозно ја натрупа во својата екстремно лакома варварска вреќа.

Значи, јас оваа смела, аналитичка дистинкција, драг читателу, како хипотеза, меѓу словенската и англосаксонската раса се осмелив да ја повлечам од аспект на литературата како сведок за тоа, пред сѐ, да не кријам, и од фактот дека тука сум најупатен и на некој начин се чувствувам како риба во вода. Како биологот во биологијата, физичарот во физиката, социологот во социологијата итн. Ама сепак литературата е нешто пошироко и посеопфатно од нив. Ја одбрав руската литература, класиката, затоа што ми изгледа таа како најадекватна во случајот за илустрација на мојата хипотеза. Првин на ум ми паѓаат Гогољевите „Мртви души“, па кои, откако ги прочитал, Пушкин во длабока меланхолија ќе крикне: „Боже, колку е жална нашата Русија“. Во „Обломов“ на Гончаров таа голема слика на руската меланхолија е уште попрецизно дефинирана и речиси на некој начин теориски дефинирана како романсиерски дискурс. А е главно дефинирана со главниот лик Обломов кај кого отсуствува каква било волја за дејствување и излегување надвор од длабокото мочуриште на меланхолијата. Кај Тургењев е истиот случај со Базаров во „Татковци и деца“, биолог и меланхоличен нихилист. А во таа и таквата нихилистичка струја се вклопуваат и Пушкиновиот Онегин од истоимениот Роман, Лермонтовиот Печорин од „Херој на нашето време“, Чацки на Грибоедов од „Неволја заради умот“ и некои други.

Една цела галерија антијунаци, кои ѝ припаѓаат на таканаречената галерија излишни луѓе, недејствени, идиосинкратични неврастеници и малодушници, иако сите до еден се полни со енергија што само чека да се стави во погон. Лишниј человек. Излишен човек, кој се убива во досада и меланхолија додека животот е некаде надвор од него. Сите негови мечти, благородни чувства и намери едноставно пропаѓаат во дупката на меланхолијата.
Така и таква е литерарната антрополошка слика, врз руски пример, не само сликата на руската душа како што ја опишале нејзините писатели во 19 век, емотивна и длабоко меланхолична, нешто што е најoпшт план карактеристично како психолошки образец, да се изразиме теновски, и за длабинската ментална слика на словенската раса. И кога го велиме тоа, се разбира, го имаме предвид жестокиот и агресивен витализам на англосаксонската раса. Тука се Британците и Американците, чиј империјалистички нагон и денес врие, кои патем извршија за да го докажат својот цивилизациски супрематизам редица геноцидни злосторства. Кај нив подрачјето на чувствата е речиси целосно запоставено, а меланхолијата им е непозната.
И пак, во заклучок, примерот од руската реалистичка литература, која е неподмитлива и рендгенска во снимањето на душата го зедов како образец за мојата хипотеза во овој есеј, драг читателу, и од фактот дека како најголемо словенско племе што се зачувало, за разлика од македонското најмало, во историјата е и најкарактеристично за општата ментална слика на словенската колективна душа. Но таа слика исто така може, колку и да ни изгледа замаглена, да се види и во делата на руските религиозни филозофи: Берѓаев, Мерешковски, Лоски и Шестов во чиј епицентар е монументалното дело на Достоевски, тој што и самиот е оличение на руската емоција и меланхолија, на руската православна душа заглавена во христијанската етика на страдањето и понизноста како есенцијални доблести на битието, а не како негова патолошка црта и недостаток.

Таа негова, пак, во основа меланхолиска филозофија е присутна уште во неговиот прв роман „Бедни луѓе“, во кој нејзини претставници се главните ликови Варвара Добросјолова и Макар Девушкин. Дури потоа доаѓаат на сцена монашки модифицираните во „Браќа Карамазови“ Зосима и Алјоша. А потоа и кнез Мишкин во „Идиот“, кој е портретиран според ликот на Исус Христос. Да. Но парадоксално, сепак е „идиот“. Но не е, туку е наивен и безрезервен добродушник, оти и поимот идиот во поархаичната варијанта на рускиот јазик значи наивен, простодушен. Јас и така би го превел тој роман, драг читателу, кој погрешно се преведува, и без фуснота, како „Идиот“.
А, имено, поимот идиот во смисла на ликот на Достоевски од неговиот истоимен роман, драг читателу, е карактеристичен пошироко и за портретот на балканскиот човек, homo balkanicus, во чиjа рамка сме вглобени и ние Македонците, и за кого сега ќе стане збор.

(продолжува)