Од 13 јуни до 13 јули 1878 година во Берлин, под потронат на патријархот на обединета Германија, Ото фон Бизмарк, се одржал таканаречениот Берлински конгрес, на кој е укинат договорот од Сан Стефано, каде што четири месеци порано, во таа бања на отоманската смрдеа, била конституирана таканаречената голема Бугарија. Знаете веќе, да не ве одвлекувам со тие приказни. Тоа се тие славни три-четири месеци национален романтизам, кој денес во европска Бугарија се прославува како официјален празник и момент на најголемото национално достигнување на бугарскиот народ. Во картата на таа неостварена санстефанска империја влегуваат Македонија сосе северот, центарот, истокот, западот и „Пирино Северниот“ дел, цела јужна Србија, половина денешна Албанија и делови од западна Турција и нешто од Тракија во Грција денес. Фино едно пространство, кое секоја година е предмет на државни прослави, како дел од историското наследство на современата бугарска држава, која со зачленувањето во ЕУ ова достигнување го има трансферирано и како заедничко и општоевропско. И толку за тоа.
Го напишав ова за Берлинскиот конгрес, колку толку да ве пренесам во едно време и еден процес што траел цел месец, како што гледате, па логично е да биде наречен процес, нели, и некако да повлечам линија не како политичка аксиома, туку повеќе како една линија во современа смисла, како линија од популарната песна „Кокаин“, која вообичаено се повлекува кога денес се прават такви процеси што се нарекуваат забава, журка, купон, вради, ивиент, парти или некако поинаку, сосема неважно како или на кој балкански или европски јазик ќе го кажете, освен на македонски јазик, затоа што сите јазици освен македонскиот се признаени и дозволени во Европа.
Е, таква една забава, во политичка смисла трае околу две години и сега, наместо Берлински конгрес, се нарекува Берлински процес. Главен спонзор на таа забава, логично е од насловот да се заклучи дека по примерот на онаа првата, и на оваа втората пак е Германија, повторно со патрон што во многу нешта го нарекуваат современ Бизмарк, а тоа е денешната канцеларка на сојузната германска република, госпоѓата Меркел Ангела и, како што е обичајот, таа забава се одржува во кафеаната Македонија. Нема подобро место за вакви собири, верувајте ми. Широко е, има место за сите, се свири различна музика, се јаде богата храна, се пие убаво вино и се лумпува до сабајле. Местенцето е супер за опуштање, особено ако доаѓате од Европа, каде што „бирцусите“ им се, брате, здодевно место. Седат сите воспитано на клупа, во редица, културно, со по една кригличка во рака, и здружено, речиси во еден глас и во еден ритам лево-десно, се клатат и пеат, да бидеме искрени, здодевни песни во кои се слават планини, реки, езера и понекоја убава русокоса девојка со долги плетенки. И тоа е сѐ.
А во меаната Македонија нема правила, па во согласност со владеењето на обичаите (како право тоа е утврдено со римското право многу порано, молам убаво!), кои разбирливо е дека се различни, па секој, брате мили, може да си се однесува според своите си „обичајности“, па е дозволено сѐ што не е забрането. Па, така, сосема по законот (и тоа е утврдено со римското право, ве молам да не го забораваме тоа како европска вредност!), во кафеаната Македонија се одвива Берлинскиот процес, мора да бидам искрен, здодевно и сосема, ама сосема, без оној дух на вистинска балканска крчма. И долго време се прашувам каде е проблемот.
Што се случува? Зошто го нема оној вистински, мрсен, кафеански штимунг, дами и господа? И како бе не забележавте дека ги нема Србија и Србите?! Не знам јас што се случува со тој братски северен народ (сега тоа со страните на светот е малку збунувачко, оти ние цело време бевме југот, а сега сме северот!), ама навистина се плашам дека како што тргнала работава во меана Македонија, веќе е безмалку полноќ, а Србија и Србите ги нема! Музиката е летаргична, завршија сите парчиња што традиционално се свират на баклама, бузуки, чифтелија и гусли, па на сцената се истопорени бугарски пејачки, на кои, извинете ама мора да го забележам ова, повеќе им се загледуваме во облините отколку да им се заслушуваме во песните, кои и онака се препеви на грчки турбофолк-рефрени сосила интерпретирани, со оној српски назален амбажур. Ја нема бре, брате мил,и онаа српска жестина на моментот кога од појас се вадат револвери, се креваат здравици, се пука бре од радост и се кршат шишиња и чаши од главите на гостите, бре! Да бидам најискрен, забавата, драга Ангела, ти е никаква и навистина не знам како ти се доседува докрај?! Искрено, ти ја видов јас киселата фаца, а знаете како се вели: уна фаца уна раца, кога кажа дека иднината на Европа и Балканот е во правење забава во меана Македонија, за негување на заедничките вредности, достигнувања и европерспективи, кои сите нас ќе нѐ обединат во рамките на Берлинскиот процес, кој ќе започне и заврши со општа љубов, братство, еднаквост и слобода, по примерот на германо-француската ресторанска романса и идила што во хотел Европа, во цивилизиран дух, со валцери и полки се прославува, ете, од педесетите години на минатиот век, па до денешен ден.
Но, да се вратам јас кај нашава приказна и да утврдиме што е тоа што браќата Срби ги задржало по пат, па по примерот на Македонците што патувале на заседанието на АВНОЈ во четириесет и третата година се изгубиле „негде око Босне“, па не можеле да стигнат навреме за да бидат дел од онаа историска забава во таа сега веќе непостојна кафеана Југославија?! Се плашам да не ми ве измакедончиле овие германиве бре, браќа Срби, па затоа така летаргично и невешто се однесувате во овој историски кафеански момент! Ми недостига бре онаа српска самоувереност, која ќе поттикне еден друг кафеански ритам, па на виделина ќе излезат сите традиционални вредности од средниот век преку „Цара Душана, Краљевича Марка и Битци на Марици“, па потоа на битката на Брегалница, па Солунскиот фронт, а тука си е богами и оној славен период на стара Србија и вардарска бановина! Кај сте „бре брачо срби“ да испратите ако треба и попови (не знам кај се изгубија оние владици и панагирици на архиепископот Јован Вранишковски?!) и да ги запеете оние стари добри рефрени што мора да ве предупредам, доколку што поскоро не се појавите во меаната Македонија, бугарскиот оркестар ќе ги отсвири како свои народни стихови, а за што, кај и да е, ќе добие и признание со тапија од Зоран (српско име!), кој јавно призна дека својот историски поход го почнал на пазарот во Горњи Милановац, каде што продавал „парадајаз, паприке, бели лук и црни лук“! Бадијала таму сте дале, кога оној бугарскиот Бојкович, Борисов Бојко, веќе се таксал и сфатосал невестата Македонија богато да ја венчава со Бугарија! Да не испадне, браќа Срби, после дека не сме ви кажале и не сте знаеле, па да ми се правдате во иднината за минатото со флоскулата „касно стиже Марко на Косово Поље“! Ете, за последен пат апелирам, да се отрезнете и веднаш да се појавите на забавата во меана Македонија, затоа што сте повторно на прагот на уште една историска грешка, која во учебниците по историја и хрестоматија добрите српчиња ќе ја учат како второ историско доцнење и во умните глави на академиците од САНУ ќе претставува ново и неоткриено пространство за идни меморандуми и повици за национално трезнење.
Но, ве молам господо српски академици, имајте предвид: не може да се биде трезен ако претходно не се биде пијан! Тие причинско-последични врски се и другпат утврдени, па ве молам, да се закаже и одржи голема и трезвена академска расправа на која ќе се дебатира зошто сега сосема е јасно претседателот Вучиќ, по примерот на неговиот идол Милошевиќ, ги игнорира српските претензии за активна партиципација во утврдувањето на историското мени и музичкиот репертоар на кафеаната Македонија?! Молам убаво, еве ќе ви речам и на српски: „мољим љепо“ да не испадне после не сте знаеле дека Бугарија ви се распашала низ бановината како да е ова триесет и четвртата година од минатиот век, па оној Александар (ко да е Крал Александар, богати!) се плаши да дојде во Скопје, безбели тука го очекува некое ВМРО и некој нов Марсеј! Не бре, тука власт се вашите, децата на УДБА, и ве гледам чудни како ви избегала командата?! И еве, сосема за крај на ова, сега претпоставувам, секому му е јасно мој отворен и јавен повик да ни „учините дужно поштовање“ со вашето присуство на нашава прослава, ви го испраќам овој чокалиски поздрав од кафеаната Македонија: „Фалите, бре будале“!
П.С. Се мислам само дали со поздравот да ја нарачам песната „И тебе сам сит кафано“ од Харис Џиновиќ или, пак, „Кукавица“ од Цеца Ражњатовиќ? Ете, во духот на европските демократски вредности оставам публиката да реши сама, па своите гласови може да ги праќа на следната адреса: „Амбасада Републике Србије у Северној Македонии, улица Питу Гули број 8, Скопље, Северна Македонија“, или на електронска пошта: [email protected].
П.П.С. Да не имате некоја информација дека и овој лумперај на Бугариве во „Механа Македонија“ ќе трае три-четири месеци по примерот на оној замислен бугарски лумперај во „Механа Сан Стефано“, па вие Србите мудро чекате да заврши забавата, на која „освободителите“ по обичај ќе се напијат и расположат непримерно, ќе направат пир на кој ќе ги навредат домаќините и ќе искршат сѐ околу себе, па ќе се појавите вие на готово како „ослободитељи“ од оваа сега веќе сосема е јасно „трета бугарска кафеанска окупација“?! Да му се сневиди, знам, историјата се повторува, особено на оние што не ја паметат. И сѐ си мислам, да не вистина Македонците и Бугарите се еден народ? Оти, ај што не паметат Македонците, гледам оти не паметат и Бугарите како завршија прославите во балканските кафеански лумпераи во „Меана Македонија“ од Балканските до Првата и Втората светска војна, кога бугарските воени оркестри од меаната Македонија двапати заминувале збегом, со пцости и омраза што се памети со децении?! Нејсе, само прашувам. Ако некој има одговор, во духот на европските демократски вредности, може да го испрати на следната адреса: „Република Северна Македония, Скопие, Посолство на Република България, улица Златко Шнайдер 2, Скопие, Република Северна Македония“ или на електронска пошта: [email protected].
Авторот е режисер и универзитетски професор