Повторно се огласија фанфарите на македонскиот внатрешен антимакедонизам. Фанфарошката гарда облечена во цивил или во професорски одежди и овој пат продува силно во инструментите, ширејќи ги плунките од писките како што се шири коронавирусот. Стекнатата омраза, потребата за одмазда, фрустрираноста од неуспешната професионална кариера и проблематичниот приватен живот испливаа на површина. Таа гарда позната од порано и овој пат учествуваше во првите редови на маршот, со кој се влева страв што може да се случи ако некој мисли поинаку од нив. Се фатија за сидрото плукајќи по оние на кои не може да им бидат ни до колена. Повод им даде научниот собир насловен „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година“, одржан во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Институтот за национална историја, а под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Во секоја разумна, демократска, стабилна и сериозна држава, собир организиран од највисоката научна установа, со учество на двајца поранешни и еден актуелен претседател, би добил третман на политички настан од посебно значење. Дозата нa важноста би била неколкукратно зголемена ако во центарот е жешка тема како што беше насловената – Република Македонија, од 1941 до денес, со посебна нагласка на последните 30 години. За жал, фанфарошите, меѓу нив некои познати по длабоки грла, на настанот му припишаа елементи на заговор против актуелната власт, иако никој од учесниците не кажа нешто што е ново, непознато или некажано, што го нема секојдневно на телевизија, во весници и на портали.
Сумирајќи ги бројките на оние што беа и на оние што не беа, може да се донесе заклучок дека собирот не постигна голем ефект по број на луѓе, но доби сила во звучност, за едни како чукање на камбана, за други како сирена што предупредува на опасност. Таа сонарност трепереше и во салата каде што, со исклучок на Пендаровски, другите не го употребуваа новото име на државата, туку говореа за Република Македонија.
Ширејќи ги однапред слуховите дека во МАНУ се спрема „бомба“ што треба да експлодира во лицето на премиерот Зоран Заев, собирот уште пред да почне беше класиран во фасцикла каде што се архивираат сомнителни и антидржавни организации, личности и дејности. Во таа поширока листа на суспектни непријатели на државата, освен МАНУ како институција, во списокот на чаршијата се запишани и имињата на тројцата антидржавни елементи: претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, и поранешните претседатели на државата, Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов, не исклучувајќи ја можноста во него, во некоја скора иднина, да се најде и Пендаровски. Најверојатно поведени од тие сознанија не беа присутни многумина што и по својата должност и по функцијата би требало да седнат во црвените фотелји во свечената сала на МАНУ. Макар како на клинци. Таму не беа оние што и во оган би се фрлиле само да им угодат на Заев и на Али Ахмети.
Едно е сигурно: на власт и на народ никогаш не можеш да им угодиш, како што е сигурно дека на народ и на власт не можеш секогаш да им веруваш.
Сумирано и сублимирано, реакциите може да се сместат во кутијата на која би пишувало: „Архива на стари болки и нови пресметки“. На Коцарев му се зема за зло константното тврдење дека македонскиот народ се наоѓа во критична фаза за својот опстанок и дека не се добри договорите со Грција и со Бугарија, ставови најчесто изразувани преку текстови објавувани во весникот „Нова Македонија“.
И на собирот неговиот краток уводен говор одеше по тие насоки, изнесувајќи дека македонскиот национален идентитет се препознава најмалку 150 години во историјата и дека македонската политика мора да истрае на тој историски став, бранејќи ги идентитетот, јазикот и писмото. Впрочем, тој став не е измислица на Коцарев, тој е научно поткрепен во целата македонска историска и лингвистичка наука и не е спорен за кој било свесен Македонец.
Црвенковски се потруди да елаборира прашања и дилеми присутни во сегашноста, истовремено, попатно, критикувајќи ја и сопствената улога додека бил на државнички функции. Сепак, во еден поширок опсег, не спомнувајќи ничие име, изрече критики за договорот со Бугарија, изрази загриженост за преголемиот јавен долг, а посебно ја нагласи корупцијата како рак-рана на општеството, велејќи дословно дека Македонија е корумпирана држава. Како предлог изнесе потреба од формирање некаква си државна (народна) платформа за иднината на Македонија што би била направена во согласност на сите партии и институции, а под патронат на претседателот на државата и на МАНУ. Реакциите за неговиот говор покажуваат дека тој ја доживува непријатната судбина да биде жртва на децата што самиот ги изнедрил, одгледал, изучил, збогатил, политички ги исфорсирал, им направил кариери. Сега неговата кожа е табла за играње пикадо во која гаѓаат со стрелички намачкани со отров, несвесен која змија што ја чувал во пазуви е поопасна и поотровна. Токму од оние што ги хранеше и бранеше. Тие својот некогашен неприкосновен партиски лидер и идол сега го користат како пепелник во кој ги гаснат догорчињата од скапите цигари, пластична метафора во чие создавање и самиот има дадено голем придонес. Аветот за неговите наводни сплетки и интриги постојано лебди во воздухот над зградата на улицата Бихаќка без број.
Ако се земе предвид карактерот, ако се одземат видливата лутина и гневот во онлајн обраќањето на Ѓорѓе Иванов, кој невакциниран виртуелно се појави на собирот, забележливо е дека колку и да се труди да докаже дека бил за некои работи во право, неговиот глас е глас во пустина. Ѓорѓе Иванов, како и Црвенковски се обвиени со црниот облак на незадоволство кај дел од граѓаните за времето на нивното владеење, обвивка што не им дава големо право да даваат оцени за сегашноста, а да го забораваат минатото. Оттаму и реакциите во стилот – „зошто солат памет сега, кога можеле тогаш?“. Тоа право може да им се оспорува, но никој не може да им го одземе, колку и да се нивните ставови контра и непријатни за ушите на владејачката гарнитура, сегашна или идна. Сепак, какви-такви, биле претседатели на државата, во која не само што не се почитуваат личностите туку и државните институции. Општество, држава, што на својата највисока научна институција, во случајов МАНУ, и на двајца свои претходни претседатели им даваат форма на крпа за бришење под нема што да бараат во списокот на демократски, разумни, толерантни и паметни земји и народи.
Но она што не е забележано и она што го нема соопштено во наводните анализи по медиуми и портали е совпаѓањето на гледиштата меѓу Коцарев, Црвенковски и Иванов, од една страна и претседателот Пендаровски, од друга. Ако се прочитаат четирите излагања, драстична разлика во нив ќе се забележи околу договорите со Грција и со Бугарија и последиците за Македонија по нив. Иако и во нив има нијанси, вклучувајќи ги и грубите формулации на Иванов, никој од прокрибираната тројка, во принцип, не се изјасни против НАТО и ЕУ. Другите искази беа исти или слични, посоголено кажани од едната страна, а во нужна и пристојна обланда изнесени од Пендаровски. Тројцата зборуваа за доброто, не за лошото на Македонија, се разбира секој на свој начин. Изразија исти мислења за корупцијата, за (не)правната држава, за иселувањето на младите, за безмилосното приграбување и користење на власта од победничката партија и елиминирање на луѓето од поразената, за влошената економска ситуација. Не изостана и дел од согласноста за поделениот македонски народ, за раскараните партии, за потребата од национално единство и граѓанско помирување, како и за опасностите по идентитетот на Македонците.
Во контекстот на македонското национално прашање најсилно прозвучи, но, за жал, не одекна во јавноста, изјавата на Пендаровски дека „ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“ (наводот е цитат). И Пендаровски јасно кажа дека „на Македонија ѝ е потребен нов, широк, национален и државен консензус за развој, кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа секоја следна годишнина од независноста ќе ја одбележуваме без да имаме што да прославуваме“.
Така беседеше актуелниот шеф на државата, господинот Стево Пендаровски. Читајќи ги овие цитирани редови, следува прашањето каде некои професори, коментатори, пропагатори, колумнистички брадести хохштаплери и други дежурни пазачи на системот, видоа демонстрација на национализам, ревизионизам и реакционерство, изрази извадени од устата на Сталин. Дури и објава на војна, како што заклучи еден високоумен пензиониран професор. И чуму нивните дупли фанфари со кои повеќе ја плашат одошто ја бранат сегашната идеална власт од критиките на еден физичар по струка и од политички пензионери и партиски изолирани личности, макар биле и поранешни претседатели на државата. И кому му треба храмот на македонската наука и уметности да го изедначува со националистичко дувло. Психопатската опсесија да се ништи сѐ што е македонско и патриотско шири размери без контрола. Тој дожд од антимакедонизам во сопствената земја носи неизвесни плодови.