На 10 април 1898 година, умре еден јазик на планетата: далматскиот. Не далматинскиот, зашто тоа е словенско наречје. Станува збор за романски јазик, потомок на латинскиот, кој се говорел на крајбрежјето на источен Јадран. Хрватските лингвисти велат дека на тој датум умрел последниот говорител на тој јазик. Со тоа, завршиле „генетиката“ на далматскиот јазик и неговиот пренос по „крвна линија“. Никој не се погрижил да го заштити тој јазик како социјално-историски конструкт, со закон. Тој јазик, едноставно, никому повеќе не му бил потребен: од општествен спаднал на семеен, а од семеен на индивидуален. Така гаснат само уште ѕвездите во астрономијата: сами, со имплозија. Најновите истражувања велат дека илјадници јазици се во брз процес на изумирање. Даниел М. Абрамс и Стивен Х. Строгац тврдат дека 90 отсто од нив ќе изумрат токму со оваа генерација. Она што важи за јазикот, важи и за книжевноста: и книгата не постои ако нема барем еден читател. Можеби претпоставената Аристотелова расправа за комедијата лежи во некој неископан археолошки слој, но таа ќе почне да постои само кога ќе ја прочита првиот читател. Така учи прагматската семиотика: нешто постои само кога ќе стане ПРОЧИТАН знак.
Затоа, внимателно следев сѐ што се случуваше изминативе две седмици во расправата за опстанокот на Катедрата за македонски јазик и на Катедрата за македонска книжевност при Филолошкиот факултет (ги користам скратените називи). Тие две катедри, некогаш една, се родното место на првиот македонски Универзитет: таму, во 1946 година е одржано првото предавање (за сесловенските просветители), од кое и настана денешниот УКИМ. Расправата отвори прашање: дали се планира укинување или само трансформација на катедрите што се онаа праматерија, пред големиот „бенг“ на целиот UNIVERSUM, од кој се создале галаксии, сонца и планети: различни факултети, отсеци, катедри… На јавноста ѝ се познати деталите од таа расправа и јас нема да се задржувам на нив. Сакам да му честитам на академик Коцарев за храброста што го постави прашањето, иако знаеше дека врз себе ќе го навлече гневот и на стручни (а исплашени) луѓе, но и на осоколени интелектуални арабаџии што секогаш ѝ слугуваат на политиката што е во мода, а знаат дека нешто е во мода по тоа што е на власт. И сакам да кажам дека прашањето што се постави е варијанта на прашањето што јас со години веќе го поставувам, станувајќи досаден: дали, дури и НИКОЈ да не планира укинување на овие две катедри, правиме ДОВОЛНО за тие самите од себе да не згаснат, како што изумрел далматскиот јазик? Зошто дозволивме да ги доведеме овие две катедри до тоа дереџе да разговараме (пред да разговараме за евентуалното „укинување“ или „трансформација“) за нивно ПРЕЖИВУВАЊЕ, со десетина-петнаесет студенти, говорители на тој јазик? Мисирковски кажано: шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред за тие две историски катедри?
Вегетирањето не е живот за еден јазик: јазикот е организам, јазикот е човекот самиот, јазикот е неговиот говорител. Многумина мислат дека човекот говори јазици, ама точно е и дека јазиците го изговараат човекот. Јазикот е раѓање на човекот. Филозофите велат: вистински се раѓаме во јазикот, не во акушерската клиника. Затоа, со години, во интервјуа, колумни, на собири по разни поводи повторувам: ДРЖАВАТА мора да ги заштити овие две катедри со специјален закон со кој ќе го гарантира нивниот опстанок! Да ги постави во образовниот пантеон на нивното СВЕТО МЕСТО, на врвот! Со тоа ќе докажеме дека имаме свест дека македонскиот јазик не е само лингвистички феномен (како другите јазици), туку наше прво НАЦИОНАЛНО БОГАТСТВО. Истото важи за книжевноста: таа не е само естетски феномен, таа е национално богатство, зашто не само што јазикот ја создава неа, туку таа го создава јазикот. Јазикот не се создава на улица или во Собранието. Конески нѐ учеше дека јазикот и книжевноста се две страни на ист лист хартија: не можеш да го скинеш едното, а да не го скинеш другото. Со години повторувам, ама никој не слуша. Пишував и писма до влади, декани, па ништо. Ја имам таа преписка.
Да се вратам на преживувањето. Неодамна, во разговор за еден портал, на прашањето дали тоа што од година на година се смалува бројот на заинтересирани да студираат македонски јазик или македонска книжевност го сметам за пораз на државата, реков: „Се разбира, тоа е пораз само на политиката, не на филологијата. Државниците (а не филолозите и книжевниците) немаат јасна свест за тоа што значи мајчиниот јазик.
Државата мора да го заштити македонскиот јазик како да е ендемски вид во изумирање, како македонскиот рис (оној на монетата од пет денари; има само уште триесетина примероци). Стварноста денес е таква: глобализацијата, бришењето на малите култури, војната меѓу светски империјалните јазици не оставаат простор македонскиот јазик и македонската книжевност да ги третирате како конкурентни за студирање со другите колонизирачки јазици и книжевности. Морате да понудите ’царски‘ стипендии за оние што сакаат да студираат македонска книжевност и јазик. Да ги цените како ретки проповедници на нешто што не е за пуштање на ’слободен пазар‘ со другите јазици. Треба да ги изберете најдобрите, да направите од нив македонисти што знаат светски јазици, да им гарантирате вработување ако исполнат висок просек, а најдобрите од нив да ги пуштите по светот да ја предаваат нашата книжевност, култура и јазик на сите јазици, а пред сѐ на македонски. Уморен сум, на глуви уши не вреди да им пееш.“
Токму така: исто како што нацијата е социјален конструкт, а не само „крвна“ поврзаност на племиња, така и македонскиот јазик се конституира и одржува во тесна врска со државата: тој е државотворен атрибут. Македонскиот јазик не е јазик без држава, како далматскиот, па да дозволиме да изумре. Да имал далматскиот јазик своја држава, би опстанал. Македонскиот јазик има, а ние се однесуваме кон него како да нема држава. Што му е оваа држава на македонскиот јазик? Маштеа? Не ли ни е срам, во државава, македонска книжевност и јазик да студираат 10 до 15 луѓе, а во Риека, Хрватска, да имаме 61 студент, во Истанбул 78, во Будимпешта 25, во Ниш, преку границана 25?! Кога нашите државници ќе сфатат дека јазикот е ПРВА државотворна културна институција? Кога нашите раководители на факултети ќе сфатат дека не треба да се гордеат кога ќе речат: па, ете, на нашиот факултет, македонскиот јазик е рамноправен со големите светски јазици: англискиот, францускиот, германскиот… НЕ ТРЕБА ДА Е РАМНОПРАВЕН. Треба да е НАДРЕДЕН и привилегиран овде.
Затоа што англиски, француски, германски можете и да студирате и да предавате во сите земји во светот, а македонски може да изучувате и да предавате само овде. И никаде на друго место! Освен тоа, нашите англисти, романисти, германисти – се прво македонисти. Метајазикот на кој даваат објаснувања за странскиот јазик што го предаваат е – македонски. Преводите на делата од светските книжевности ги прават – на македонски. Зарем е толку очигледно што не се гледа?
Големиот Анте Поповски испеа стих: „И ѕвездите шепотат на македонски“. Веројатно знаеше дека еден ден некому ќе му пречи и тој шепот. Ако е проблем ПРИДАВКАТА на која шепотиме сите, тогаш нешто не е во ред со нас. Зашто филозофијата на граматиките (Ото Јесперсен, на пример) тврди нешто суштинско: придавката е во извесна ИДЕНТИТЕТСКА смисла поважна од именката. Но за тоа – следниот пат.