Војдан Чернодрински, своето најпознато драмско дело од жанрот трагедија, „Македонска крвава свадба“, го објавил во 1900 година во Софија. Приказната е инспирирана од краток новинарски извештај објавен во весникот „Реформа“. Интересно за случајот е што по закажувањето на поставката на делото во Софија, странски дипломат во Бугарија побарал од официјалните бугарски власти да бидат прекинати пробите на оваа драма. Реакционерната власт во Софија издала наредба да се прекине со работата за подготовка на сценската изведба на драмата на Чернодрински. Претставата сепак ја доживеала својата премиерна изведба пред зградата на „Славјанската беседа“ во Софија.
Првиот дел од воведот беше историски. Вториот дел од воведот ќе биде современ.
Бугарија вели Илинденското востание е и бугарска историја. Грција вели во нивната држава, во делот Егејска Македонија, односно според нивно поимање Македонија, Македонци нема. Сите, според грчкиот устав, се Грци. Договорот меѓу првата и втората страна, во членот 7, вели дека Македонија за втората страна (м.з. нашата татковина) претставува само нејзината територија. Понатаму во договорот стои дека ќе ги почитуваме официјалните географски имиња и топоними на територијата на другата страна. Тоа значи дека веќе нема да можеме да зборуваме за Солун, туку ќе зборуваме за Тесалоники. Нема да говориме за Кутлеш, туку за Вергина. Нема да говориме за Воден, туку за Едеса.
За да се спроведува договореното, потписниците предвиделе и механизми за преземање „делотворни мерки“ за обесхрабрување и спречување какви било дејства од приватни ентитети, дејства што многу веројатно би поттикнале насилство, омраза и непријателство против другата страна.
Македонската радио-телевизија во последниве денови е „дисциплинирана“ за да не емитува македонски народни песни.
Велат, песната зближува. Тоа го докажа Тоше. Тоше пееше за македонските репрезентативци „Македонија навива за вас“. Ја пееше „Зајди, зајди“ на своите настапи, со која ги освои срцата на цел Балкан. Ги отпеа и „Јано мори“, „Јовано, Јованке“, „Има ли песна“, „Бор садила мома Евгенија“, „Си заљубив едно моме“, „Се посврши сербез Донка“, „Калеш Анѓа“. Го почитуваше и сакаше целиот Балкан, го сакаше и Европа.
Толку за воведот. Сега за македонските свадби што ќе станат северномакедонски свадби. Мојата „трагедија“ ќе ја „опеам“ во четири чина.
Чин „Љубов“
Пред матичарот, младоженците, некој современ Спасе и некоја современа „Цвета“. Пресреќни ја официјализираат својата љубов. Матичарот им издава документ за склучен брак во Република Северна Македонија. Сватовите им честитаат. Ги благословуваат за среќа, љубов, пород… Агендата продолжува со неофицијалниот дел во некој ресторан/хотел, каде што ќе се случи прославата. На прославата маси за сватовите, на една страна сватови од страна на Цвета, на друга страна сватови од страната на Спасе. Свадбените софри подготвени за угостување на сватовите. На нив и вино, ракија, виски, вотка… За младите шампањ. Ред е да се наздрави за иднината на љубовта. Тука е и музиката што треба да се погрижи прославата да е богата со звуци и танци на радост и веселба. Младите на подиумот први танцуваат на романтичните звуци на некој валцер. Можеби и со „Билјана платно белеше“. Сватовите им ракоплескаат и се воодушевуваат на новата заедница на љубовта. Една или повеќе камери ги снимаат сите детали за да го овековечат „нивниот ден“. На младите им се придружуваат и сватовите, меѓу кои секогаш и некој дедо или татко игра со својата внука/ќерка.
Чин „Веселба“
Време е за традиционалните свадбарски песни. Бендот свири музика за македонски ора: „Правото“, „Пајдушкото“, „Елено моме“… Расположението убаво, дотерани девојки и момци си разменуваат погледи, се фаќаат еден до друг на оро, сватовите, кои повеќе уживаат во разговор со пријателите и роднините, мезат со аперитив или вино. Се потсетуваат на минатите средби, на децата, на родителите, на минатите свадби. Си прикажуваат што им се случило во меѓувреме…
Се свират весели и динамични песни за ора: „Доста време ерген одев“, „Черешна се од корен корнеше“, „По друм одам, мајче“, „Бор садила мома Евгенија“, „Марие, млада невесто“, „Ја излези, стара мајко“, „Јовано, Јованке“, „Жал за Деспина“, „Чифте, чифте пајтонлари“, „Не се бели, Маре мори, не се црви“, „Елено, ќерко Елено“, „Бело лице љубам јас“, „Стани, моме, да заиграш“, „Назад, Калино моме“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Лихнида кајче веслаше“, „Селвие, сен ѓузел“, „Не кажувај либе добра ноќ“, „На срце ми лежи, мила мамо“, „Вино пијам, ем ракија“, „Ој девојче, девојче“, „Ајде, ајде, моме Стојне“, „Како што е таа чаша“, „Давај ме мила мамо, давај ме“, „Твојте очи, Лено мори“, „Сношти сакав да ти дојдам“, „А бре, воденичаре“, „Отвори ми, бело Ленче“, „Ајде дали знаеш, паметиш Милице“…
Динамиката на веселбата кулминира и време е бендот да одмори. Првиот дел од веселбата, лесен, коректен, посватувањето гради мостови.
Чин „Носталгија и солзи“
Со лесна инструментална музика во заднината, сватовите можат сега и да разговараат без да се надвикуваат, а и да одморат од „жешката“ атмосфера. Муабетите на вовед, кој до каде стигнал и што му се случило во животот, се исцрпуваат. Некои ќе продолжат да муабетат за рецепти, некои за фудбал, некои за политика. Нашата „судбина“ како независни, како федеративна република во Југославија и како први обиди за остварување на државност со Крушевската Република. Се разменуваат ставови и контраставови, идеологии и контраидеологии. Се пие уште понекоја чашка. Се исцртуваат црвени линии за поделба меѓу патриоти и предавници. Среќа, тука се гласните звуци на бендот, кој продолжува со настапот. Коректните песни, оние љубовните, семејните, лесните се испеани. Бендот, сака-не сака, ќе свири и нешто „потешко“ на срцето. Или некој сват тоа и ќе го порача како желба.
Се свири и пее „Македонско девојче“. Песната секому му измамува срцетреперење и гордост за нашите убави девојки, песна на која оро се вие широко. Орото широко, но главите наведнати, не сакаат да гледаат други. Ќе „паднат“ првите солзи, и женски и машки. Срам ли е маж да плаче, или здраво е? Срам ли е да расипеш шминка со солзи, или здраво е?
А можеби ќе ја засвират и „Ој девојче, бело и црвено“ од Виолета Томовска. Песна за девојче непознато: „Дали си Гркиња, или Македонка, цел свет да се чуди на твојта убост“.
На репертоарот полукоректни песни, песни за едно минато, за една борба, за еден непокор: „Слушам кај шумат шумите“, „Ја излези, Ѓурѓо“, „Каде сте, Македончиња“, „Земјо македонска“, препеана и од Сашо Гигов-Гиш. со звуци на гордост „Ништо не те плаши, Македонијо, на овој бели свет…“, „Бисер балкански“, „Ој, Вардаре македонски“, „Фато мори, душманке“, „Свадба македонска“, „Македонка“, „Народе македонски“. Можеби и „И ние сме деца на Македонија“ ќе ја нарача некој сват, да му прати на „одродениот“ сват порака: „коски ни кршат и крвта ни пијат, а ние смели сме, горди умиравме. Горди умиравме, не се предававме.“ Или директно ќе му прати честитка на сватот со: „Едно име имаме“, „…во душата го носиме, која пее за Македонците покрај Егеј и под Пирин.“
Чемер во патриотско срце, дали да се игра и пее, или да се плаче и зулум да се прави?
Чин „Крв и мед“
Два часа неколку чашки, два часа ноти бодежи. И овде ли да молчам, и овде ли глава да веднам, и овде ли да тагувам? Не се издржува веќе, македонско срце ќе препукне. Сватови изградени мостови рушат. Брат на брата врата ќе му затвори. Татко од син ќе се одрече. Кумашинка на кум глава ќе му заврти. Братучеди не ќе се гледаат од „одродени“ браќа и сестри. Туѓите блиски ќе ни станат, а семејството туѓинци.
Оваа трагедија не е напишана за да има крај. Таа ќе е и историска и современа реалност. Ќе биде наше „проклетство“.
Јас вакви сценарија нема да пишувам. Ги бојкотирам!
Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ