Извозот на храна е од особена важност за македонското земјоделство и за вкупниот извоз на земјата, чиј дебаланс извоз-увоз има сериозно влијание врз развојот на економијата.
Македонија е релативно голем производител на храна, бидејќи е во просек по жител во производство на храна во Европа.
Благодарение на природните услови што ги има Македонија, како што е релјефот, влијанието на три климатски зони и особено влијанието на медитеранската клима, македонските земјоделски производи и храна се карактеризираат со висока содржина хранливи елементи, арома, вкус, и тоа на широк асортиман храна и земјоделска суровина.
Поради неконзистентна аграрна политика на државата, ниско ниво на инвестирање во агрокомплексот, хронично заостанување во неискористување на ИПАРД-програмите и националните финансиски средства за рурален развој поради што не се достигна пософистицирано ниво во производство за извоз, затоа нашата храна на Светскиот пазар се предлага со пониско ниво на финализација, што ја прави послабо конкурентна, бидејќи нашата извезена храна остварува пониска цена од увезената храна во РМ за 349 американски долари по тон (просек од 3 год.)
Во структурата на извезената храна (по вредност) доминира учеството на овошје, зеленчук и преработено овошје и зеленчук со близу 55 отсто. На второ место е учеството на житата и преработки на жита со 21 отсто. Според стандардната меѓународна трговска класификација, во храна спаѓаат уште осум групи производи со учество во вредноста на извозот од 0,2 отсто до 7,3 отсто, а тоа се: живи животни, месо и преработки, млечни производи и јајца, риба, шеќер, кафе, чај и зачини, добиточна храна и разни производи.
Извезената храна учествува со 60 отсто во вкупниот извоз на земјоделството, додека во вкупниот извоз на Македонија учествува во последните години со околу 6 отсто, а пред десетина години со 8,3 отсто, бидејќи вредноста на вкупниот извоз на РМ растеше побрзо.
Македонските извозници на храна ги освоиле сите континенти. Покрај Европската Унија, во која се извезуваат 43,8 отсто од македонската храна, во Западен Балкан се извезува над 158 милиони долари, или 42,0 отсто. Во релативно најразвиените европски земји (Шведска и Норвешка), кои не се членки на ЕУ, извозот изнесува близу 40 милиони долари. Сепак, најголеми извозни вредности македонската храна остварила кај соседните држави (по ЕУ), и тоа во Србија со учество во вкупната вредност од 14,4 отсто, потоа во Косово со 12,4 отсто, во БиХ со 7,4 отсто. Високо учество извозот на храна остварил и во Хрватска, Италија, Бугарија и во Грција. На ниво на континентите највисока вредност е остварена во САД, со близу 30 милиони долари. Покрај овие асоцијации, извозот од 2018 година се вршел во 57 земји во светот. Од земјите на ЕУ, највисоки извозни вредности се остваруваат од Хрватска, потоа од Италија, Бугарија, Романија, Германија итн.
На светскиот пазар се тргува со стоки, услуги и исхрана од агрокомплексот, кои се високо супсидирани (поддржани) од одделни земји. Тоа ги искривува светските цени, особено кога супсидите се остваруваат преку пораст на внатрешните откупни цени. Друга причина за деформација на светскиот пазар со храна се високософистицираните технологии, што доведе во создавање големи резерви разни видови прехранбени производи.
Аграрната политика на големите економски системи и асоцијации стана насочувач на производството на храна. Така денес речиси цела Европа има заедничка аграрна политика (САР), а кон неа се ориентирани сите други европски земји што се надеваат на членството во ЕУ. Слична аграрна политика со висок протекционизам во производството на храна се разви и во САД, Јапонија, Австралија. Тоа, секако, е резултат на развиените други стопански области, кои алиментираат големи средства за поддршка на производството на храна. Таквата финансиска поддршка доведе до развој на високоинтензивна технологија во земјоделството и прехранбената индустрија. Од кога се направија сериозни штети по животната средина, развиените земји започнаа поддршка со исти или повисоки суми на средства, но сега се трошат средствата за други цели. Се докажа дека аграрната политика мора да го поддржува одржливиот развој, кој има за цел да ги заштитува животната средина и природните ресурси за идните генерации, а да произведува здравствено безбедна храна.