Македонското културно искуство, кое се кристализира повеќе од еден милениум, органски е поврзано со големите цивилизации на античката култура и византиската уметност. Оттаму, македонската култура ќе ги карактеризира убавината, уметноста на возвишеното на античковизантиската цивилизација. Посебно таа ќе се развие во средновековната иконакластика како свој автентичен израз во сликарството, поезијата и средновековната музика. Иако македонската култура во себе асимилира дел од античката и византиската култура, таа ќе добие свое специфично естетско автономно искуство.
Македонската култура, доминантно дионизиска ја сочинуваат специфичните бои, звуци и зборови карактеристични на посебноста на македонското уметничко ткиво, со специфичен сензибилитет во естетското трагично доживување на светот. Македонскиот културен дух никогаш не се затвори од влијанијата и проникнувањата на другите култури и уметности. Со тоа не се изгуби македонската карактеристична автохтоност, туку напротив, токму тоа ја збогатуваше нејзината култура и ја продлабочуваше нејзината уникатна суштина. Средновековната македонска и светска култура е затворена во строгите канони на теолошката догматика. Црквите во Македонија беа единствени средновековни галерии, а бегството од црквените канонски определби не можеше да се замисли. Така, библиските драмски мотиви беа основа за уметничката и културната перцепција каде што се славеше Небесното царство, а ретко беа измешани со земското.
Со устоличувањето на Охридската книжевна школа се создаде старословенската азбука и првпат се воведе официјалниот старословенски јазик преку преводот на Светото писмо на македонско тло. Од овој миг започнува трагичната драма на македонскиот народ, драма што личи на Дантеовиот пекол. Таа груба сила што беше насочена против македонскиот народ, Блаже Конески во „Есејот за Климент“ ќе ја нарече своевиден трагичен рефрен, што веќе цел еден милениум се повторува во македонската уметност и култура, како нејзина судбина.
Македонската култура е окарактеризирана со перманентното спротивставување на насилството. Веќе еден и пол милениум се создавани монструозни средства за уништување на македонската култура, јазик и уметност и тие не престануваат до ден-денешен.
Но токму во спротивставувањето на насилството, Македонија успевала да го зачува својот идентитет. Таа е онаа идеја за која ни раскажуваше Гете како Schtirb und Werde – да се умре или да се биде, трето не постои. За жал, сѐ до денес оваа духовна клима на трагичниот рефрен на македонското естетско искуство не е надмината.
Меѓутоа, таму во далечниот век не започнува единствено да се раѓа македонската култура, туку и македонската уметност како духовна причина, како одговор на насилството против оние што сакаа уште тогаш да ги забранат нашиот јазик, нашата култура и специфичниот македонски идентитет на нашето милје. За жал, таа борба сѐ до денес не е завршена. Македонија е онаа што низ вековите била поробувана од грубите имеријалистички сили, а страдањето е македонската судбина – судбина на страдањето на двата конца од срцето збрани – едниот црн а другиот црвен. Оваа метафора на двата супстанцијални елементи на црното и црвеното на вкрвавената зора на македонската сага, на темницата што штрека, на тешката судбина на македонскиот род е и метафора за македонскиот специфичен идентитет и персоналитет, кој најсликовито го наоѓаме во почетоците на создавањето на македонската култура и уметност.
Сегашните состојби во кои се најде Македонија, на која повторно ѝ се доведува во прашање нејзиното постоење во вид на панбугаризација, јасно укажува дека македонската преродба, која започна во 19 век, како спротивставување на мултинационалната империјалистичка груба сила, која се појавува на културен план, е борба што сѐ уште не е завршена.
Основната духовна идеја на македонската преродба во 19 век е да ја разбуди и возобнови свеста за она што минало, за историскиот континуитет, она сознание што уште Мисирков во 1903 година го дефинира како „Нашата работа не е ништо ново туку само еден чекор напред…. Во Македонија живее македонскиот народ а не бугарски, српски ниту грчки. Тој народ има своја историја, свои национални вредности, свои културни и историски заслуги во цивилизациската историја на Словените.“ Македонија е земја на старословенската култура и никој не може да ја искорени таа културна придобивка. Токму оваа мисирковска свест станува средиште на македонската преродба, која брзо завладеа со генерациите на новите писатели, поети, собирачи на народното творештво, композитори, кристализирајќи се во напорот за воспоставување на македонскиот литературен јазик, јазик што станува најважниот историски подем на македонската култура. Тој напор ќе го одбележи целиот 19 век во двете генерации македонски писатели – К. Пејчиновиќ, Крчовски, црковните луѓе што се надоврзувале на дамаскинската традиција, кои го воведуваа македонскиот народен јазик во својата литература од една страна, а од друга страна генерацијата на Димитар и Константин Миладиновци, Прличев, Жинзифов, Зографски, Пулевски, Цепенков и други што работеа на еманципацијата на македонскиот јазик од старословенскиот црковен говор и ги создадоа ѕвездените мигови на македонската литература и култура во 19 век.
Сите културни процеси на планот на литературата и на планот на лингвистиката на епохата на македонската преродба се резимираат во капиталното дело на големиот македонски филолог К.П. Мисирков, „За македонцките работи“, издадено во 1903 година, кога на самиот почеток на 19 век се положуваат основите на македонскиот литературен јазик. Интересен е фактот, а и не беше ништо чудно дека и при самото објавување ова капитално дело беше уништено. Така историјата како и денес се повторува којзнае по кој пат. Ова варварско уништување на оваа фундаментална македонска книга во Софија, во истата година кога се задушени во крв Илинденското востание и Крушевската Република, е уште еден доказ како во минатото се уништувале македонските духовни вредности, како Македонија своите привремени порази ги преобразуваше во духовни победи, токму преку својата култура и уметност.
Во 20 век, како што е познато, влеговме со големи и тешки крвави рани. Сето она што се случуваше по Илинденското востание, Балканските војни и по Првата светска војна – она жестоко касапење на единствениот македонски национален организам, онаа рационално необјаснива и непоимлива алчност и стрвност на балканските касапи на кревкото македонско тело, тие разновидни, но сепак, едни исти мизантропи продолжија да шират страв, омраза, презир и понижување на сѐ што е македонско – го распрсна нашиот народ по знајни и незнајни туѓини и јабани.
И каде сѐ не и на кој сѐ не јазик тие ги изболуваа својата земја и својата трагична македонска судбина, на шпански, на англиски, на руски, на француски, грчки, бугарски или српски. Сѐ се тоа различни јазици, но на сите нив се слуша плачот за Македонија, како една единствена тема што се воспева и се раскажува самата себеси. Тешко може да се најде друга мала европска култура како македонската што се создава во таквите егзодуси и егзили, и тоа на јазиците на народите каде што по жестоките прогони и закани, Македонецот го нашол своето житејско засолниште. Таа и таквата наша историска специфика нѐ обврзува во македонската културна и литературна наука да се зборува за една релевантна литература на Македонците, кои создаваа на други јазици, како посебно поглавје во историјата на македонската уметност и литература, како национален и историски долг на македонската култура да го приопшти тоа големо литературно и национално богатство. Ова мора да се истакнува посебно денес кога во (литературната) политиката на нашите соседи сѐ уште постојат недоразбирања за статусот на литературата што ја создавале Македонците на други јазици, но никогаш не загубувајќи го своето македонско национално чувство, ниту, пак, откажувајќи се од својата македонска татковина, туку повеќето од нив напротив, борејќи се и умирајќи за неа. Тие ги приграбиле поезијата и уметноста воопшто за да ги откријат низ нив најдлабоките човечки исповеди и страдањата на својата страдалничка земја и низ културата да се потврдат токму како Македонци, а не како припадници на народите на чии јазици пишувале. Имено, тој факт денес се премолчува и се злоупотребува.
Македонскиот литературен кружок во Софија е јасен доказ за тоа. Тој ја дефинира националната програма на оваа македонска литературна асоцијација како културна програма, затоа што нејзините членови ѝ даваа високо место на културата и литературата, создавана во егзил и егзодус, во будењето на македонската национална свест и во борбата на македонскиот народ за своја национална слобода. За сите нив од Македонскиот литературен кружок, поезијата и уметноста знаат само едно единствено нешто – откривање на својот национален идентитет.
Во потрагата по идентитетот не е само нивната егзистенцијална, туку во прв ред е и нивата национална и културолошка тема, со која сите тие се опсесивно обземени. Тие биле свесни, како што Митко Зафировски ќе напише во 1970 година, дека „Народ без култура е објект на пљачка и асимилација, а борбата за сопствениот идентитет останува глува“. Сето ова оди во линија на она познатото на Гоце Делчев дека „Mакедонската култура е неопходна за правилниот од на македонската ослободителна борба“. Македонскиот литературен кружок во Софија (инаку неофицијален орган на ВМРО Обединета), своето значење и дејствување не го завршила сѐ до ден-денешен. Но оттогаш беше јасно дека борбата за македонскиот идентитет ќе биде крвава.
Во рефератот на Вапцаров, кој се крие под ембарго, многумина сведочат (Абаџиев, Зафировски, сопругата на Вапцаров) како што пишуваше Старделов, дека е македонскиот културен манифест што е основа за македонската национална борба, македонскиот опстанок, своја база наоѓа во културата и уметноста.
Носечка идеја на овој реферат на Вапцаров и на сите истапувања на писателите Македонци што тогаш дејствуваат и пишуваат во Бугарија е следнава: „Ние сме должни, макар и во емиграција да работиме за создавање на македонската култура и литература и да го афирмираме македонскиот јазик. Треба да ја разгоруваме националната свест на Македонците. Светот треба да разбере дека сме ние одделна нација, одделен народ со свои посебни карактеристики, со своја особеност како во јазична, така и во територијална, религиска и културна смисла. А сите овие особени квалитети не одделуваат од соседите и останатите Словени“. Борбата за македонскиот идентитет како разгорување на македонската свест за себе не смее да запре денес, затоа што утре можеби веќе ќе биде доцна.
Затоа што културата ја подразбира слободата, уживање во своите автентични специфики, како што вели Кроче, а има апсолутна иманенција со македонскиот случај, а тоа е ако културата на еден народ не ја открива нејзината историја, значи дека историјата на тој народ е нецелосна, или дека само оној народ што има своја култура има и своја историја, па преку неа опстојува во времето.