Она што го пишува во Светото писмо не е фактор, не е агенсот што може да го направи новото толку потребно единство на македонскиот народ, макар бил и библиски, постар и од самата Библија. Тие факти може да служат како максимална национална гордост, но немаат употребна вредност, особено во современиот свет и во распоредот на неговите сили. Има низа примери кога употребата на историските митологии во политиката се претворила во злоупотреба
Во политичката сфера што се оформува за претстојните предвремени собраниски избори одново се воведува дел од митологијата како средство за привлекување гласачи за партијата што ги користи тие ефекти. По спласнатата александроманија и по завршената антиквизација, во игра се враќаат библиските корени на Македонија и на Македонците. Поточно Македонија како библиска земја и Македонците како библиски избран народ, еден од најстарите на светот.
По губењето на автентичното има на државата Република Македонија преку додавката Северна, сосема се нормални и очекувани обидите преку форсирање на националниот набој и распалување на емоциите околу историската подлога на народот да се дојде до посакуваната цел. Да се допре до еден не мал број гласачи, кои ја сакаат својата земја и кои утехата за загубените национални идеали ја бараат во историјата или митологијата. Во тој дух, со тоа сознание некои од лидерите повторно зборуваат за Македонија како библиска земја, истовремено нагласувајќи дека освен библиска таа е и европска.
Ништо не е спорно, теоретски ништо не е неточно. Неоспорно, а точно, е дека именката Македонија и деривати од неа во Библијата (Светото писмо) се споменуваат 26 пати, најмногу во Новиот завет, книга што е врзана исклучиво со животот и делата на Исуса. Но неа ја нема во четирите евангелија, туку се споменува во насловените Дела на апостолите, што се составен фрагмент на заветот, но не се евангелија. Приматот во делата убедливо го носи апостолот Павле, кој во своите посланија ги опишува средбите, патешествијата, проблемите и успесите во ширењето на новата, Христова вера. Тука неизоставен е делот со покрстувањето на Лидија од Македонија, првата жена што преку чинот на крштевање го примила Христовото учење и е првата христијанка на европска почва. Тој дел од светата книга на некои им дава право да изјавуваат дека со Лидија како Македонка почнува да се шири христијанството во Европа.
Тоа го пишува во Библијата и секој што ја читал и верува во она што е напишано во неа го има правото да смета дека тоа е гола вистина и дека кога се споменуваат Македонија и Македонците се мисли на денешна Македонија и на денешните Македонци. Како што го имаат истото право и оние што сметаат дека напишаното се однесува на целата територија на тогашна Македонија, а не на територијата на денешната држава и дека нема врска со денешните Македонци. Грците, на пример, иако не се споменуваат како народ, сметаат без дилема дека сето тоа се случувало на денешната територија на грчка Македонија, меѓу нивни луѓе. Нивното гледање и нивното право го заверија со потпишувањето на спогодбата за името.
Македонците ги има и во Стариот завет преку името на Александар Македонски. Првата книга Макавејска почнува со реченицата: „Александар Македонски, синот на Филипа, излезе од земјата хетејска и го победи Дарија, персискиот и индискиот цар и се зацари место него во Елада“. Во тој дел од Библијата се зборува за Александар, се објаснува поделбата на Македонското Царство од наследниците на Александар и нивните синови, од кои, според напишаното, произлегол гревот и се намножило злото на земјата.
Сите горенаведени работи се точни и тоа го дава правото да се тврди дека Македонија и Македонците постоеле уште од времето кога била пишувана Библијата, дури и пред неа. Но за користење на тоа право нема сериозни научни докази, а и да имало, грчката наука и пропаганда навреме ја афирмирале својата историја низ светот, кој до денес застанува на грчка, а не на македонска страна, и тоа по сите прашања, не само по митологијата и Библијата.
Да се користи Светото писмо како потврден и докажан факт за Македонците како библиски народ можеби е добра политичка намера, но заблудите и делата што произлегуваат од неа се опасни ако не се сфатат навреме. По воскреснувањето и величањето на Александар Македонски (Велики) што беше умешно искористено за подигнување на националниот дух како дел од народот и по антиквизацијата, прашање е дали експериментот со употребата на митолошките подлошки за Македонците како библиски народ, постар од сите други народи, може да донесе нешто добро. По видената поделба во минатата деценија на антички и словенски, на архаични и современи, на Европејци и антиевропејци, навестената поделба на библиофили и неверници може да оди само во прилог на зголемување на јазот на разбирање на сегашните Македонци, исполитизирани, недоверливи едни кон други и нерационално партиски поделени на сопствена штета.
Она што го пишува во Светото писмо не е фактор, не е агенсот што може да го направи новото толку потребно единство на македонскиот народ, макар бил и библиски, постар и од самата Библија. Тие факти може да служат како максимална национална гордост, но немаат употребна вредност, особено во современиот свет и во распоредот на неговите сили. Има низа примери кога употребата на историските митологии во политиката се претворила во злоупотреба. Не треба да одиме подалеку, го имаме примерот во соседството. Србите, навистина голема по дух нација, откако во голем дел ја прифатија и интензивно ја пласираа максимата за небески народ, се однесуваат навистина како паднати од небото. Повеќе од триесет години не може да застанат на земја. Тој слоган, заедно со користењето на митологијата и религијата, ги однесе во војна, ги уназади со децении, од богата земја направи сиромашни граѓани. Колку што беа погласни повиците „Србија до Токио“ толку државата се смалуваше во сопствените граници.
За волја на вистината ниту една од земјите, ниту еден од вистинските библиски народи не е среќен на овој свет. Евреите, по пропаста на нивното царство, две илјади години немаа држава, расеани се низ светот. Умни, итри, способни, работливи, но ги претргаа сите светски маки. Палестина и Палестинците, нивните библиски собраќа, три илјади години не може да создадат своја држава, свој дом во кој би се чувствувале безбедно и среќно. Сирија, една од првите почви каде што почна ширењето на христијанството и каде што го доби своето име, е разорана земја што не може да си ги состави сопствените делови. Израел, Палестина и Сирија се трите најспоменувани земји во Библијата. Таму е и Рим, најнапред како прогонител, а потоа како заштитник и круна на христијанската вера. Рим и Римјаните, не Италија и Италијанците.
Во историска смила правото за Македонците да се сметаат како избран народ може да се оспорува, но не и да се осудува. Но суштинското прашање е дали тие ќе лутаат, ќе бидат растргнати меѓу своите библиски корени и актуелната состојба во која се наоѓаат во 21 век, во современата цивилизација. А таа состојба е сурово реална, толку сурова што тешко може да ѝ помогне и самиот Господ Бог.