Уште во 1897 година грофот Ламсдорф, министер за надворешни работи на Русија, се договорил со Австро-Унгарија и со Франција да не се употребува официјално името Македонија, кое асоцирало на посебна политичка единица, туку наместо Македонија да се употребува терминот „трите турски вилаети“ – Солунски, Битолски и Скопски и тоа да важи „ерга омнес“, за секаква употреба и за другите европски држави. Истовремено од руската страна била претставена идејата наместо името Македонци во администрацијата, во документите и во пописите да се употребува описниот термин „христијанско население на трите турски вилаети“
Руската мечка не заигра, но повторно ја вознемири Македонија. Претпоставената опасност од неа се подигна на високо ниво. Некои сметаат дека таа претставува сериозна закана по безбедноста на Македонија, други дека сета наметната атмосфера е плод на интересите и пропагандата од западните земји, пред сѐ на САД. Нивниот судир низ македонска призма е уште еден прилог кон натамошната поделба на граѓаните на државата кон кого да се определат. Дали се за НАТО и за Америка или се за Русија, дали се за Путин или за Трамп.
Нешто слично, но со далеку поголем интензитет и со сериозни последици на просторот на новата македонска држава, се случувало пред рамно седумдесет години, пролетта 1948 година, кога беа забележливо заладени односите меѓу СССР и Југославија, кога беше донесена резолуцијата на Информбирото и кога Јосип Броз Тито му рече НЕ на Јосиф Висарионович Сталин. Поради конфликтот на идеолошката и воена основа меѓу двете земји, во Македонија настрадаа како затвореници на Голи Оток стотина славни македонски партизани и други видни учесници во Народноослободителната борба. Настрадаа и редица невини млади луѓе по други затвори и до самата смрт бележани како сталинисти или антититоисти.
Простото прашање беше: дали си за Русија или за Америка, дали си за Тито или си за Сталин. Од одговорот зависеше судбината, не само личната, туку на целото семејство, зависеа кариерата и статусот во општеството. Секое, макар и далечно насетување симпатии кон Русија водеше кон изолација на личноста од општествените текови и забранет пристап во партијата или во администрацијата. Рускиот фактор, овој пат под водство на претседателот Владимир Путин, повторно блесна на светското политичкото небо. Од Америка, преку цела Азија до земјите на Западна Европа. Преку употребата на старите одамна пробани политички, воени и разузнавачки методи и практики, до најновите електронски сајбер-можности за влијание и мешање во разни земји, Русија повторно ја разбранува планетата, вклучувајќи го и лутиот ривал, Соединетите Американски Држави. Од таа визура не е исклучен Балканот, а со тоа и Македонија каде што сѐ почесто и погласно се пишува и говори за руското влијание во нејзината политика, во нејзините внатрешни работи и во настаните што се случуваат во последниве две-три години, особено околу можниот влез во НАТО. Интересен е составот на историскиот мозаик за односот на Русија кон народите на Балканот и кон Македонија и Македонците посебно, зачуван во архиви, библиотеки и строго чувани депоа.
Царски одлуки, дипломатска преписка, новински текстови, стенографирани тајни разговори, сведочат за рускиот однос кон овој јужен географски дел на Европа. Еве еден карактеристичен пример. Славниот руски писател Фјодор Достоевски, за да заработува пари да може да преживее, во еден период, освен големи романи, пишувал ангажирани дневни публицистички записи што ги објавувал во весниците. Повеќето од нив се со политичка содржина, актуелна во дадениот историски момент, со силни констатации за моќта на Русија и прогнози за иднината, како и со експлицитни совети до царот. Во дневникот пишуван во ноември 1877 година, во повеќе наврати се осврнува на Руско-турската војна и за улогата што ја имала Русија во ослободувањето на народите на Балканот, со посебно гледање на словенските народи.
Што пишувал Достоевски пред 140 години?. Во еден текст тој си го поставува прашањето како ќе живеат, како ќе се однесуваат, како ќе се организираат словенските народи на Балканот по нивното ослободување од Турција, дали ќе им бидат благодарни на руската војска и држава. Неговите претпоставки се дека тие народи може да формираат некаква федерација на ослободените „ситни племиња“, што е помала можност, или ќе формираат мали посебни, самостојни држави. Не прогнозира, но ја дозволува можноста Србија да се шири кон Босна, а и Бугарија да ги проширува своите територии на исток. Во таа смисла изразува сомнеж како на тие евентуални промени би реагирале Грците и Романците, кои, исто така, покажуваат територијални аспирации и не би седеле со скрстени раце. Едно од неговите клучни прашања е дали ослободените самостојни земји ќе бидат помалку или повеќе независни или ќе бидат под покровителство и контрола на тогашниот Сојуз на европските држави, (денес Европската Унија).
Предвидува дека тие држави веднаш ќе ѝ го свртат грбот на Русија и сами ќе го молат европскиот сојуз да бидат под негов патронат. Тие ќе бараат од Англија и од Германија, на пример, покровителство и гаранции за нивната слобода. Но што е она што ќе се случи потоа – е уште едно прашање што пред руската јавност го поставува славниот писател. Според него, словенските народи на Балканот со текот на времето ќе ѝ станат непријатели на Русија, ќе почнат да шират голема омраза и клевети за неа, во најлошо светло ќе ја претставуваат Русија. Гласно ќе зборуваат и јавно ќе објавуваат написи во весниците дека едвај се спасиле од „руската мечка“, од тоа „лукаво и варварско големо руско племе“. Истите тие ќе зборуваат полошо за Русите отколку што зборувале за Турците под чиј јарем биле со векови. Тие словенски народи наредните сто и повеќе години ќе се плашат од својата слобода, ќе се плашат од самата Русија, ќе ја одбегнуваат, ќе сплеткарат, ќе шират интриги против неа, а во исто време наголемо ќе им се додворуваат на европските држави. Луѓето што ќе застануваат на страната на Русија и ќе ја поддржуваат руската политика ќе бидат малцинство и како такви ќе бидат изложувани на критика, на потсмев, ќе бидат подложени на омраза, па дури и на политички прогони.
Достоевски предупредува дека Русија треба сериозно да биде подготвена за идното однесување на Словените, кои со одушевување ќе се свртат кон Европа, до степен на губење на својата национална индивидуалност, својата култура и традиции. Тие ќе се заразат со вирусот на европските институции пишувал Достоевски, но ќе имаат долг пат кон европеизацијата, губејќи го полека својот идентитет, а со тоа и значењето како словенски народи. Иако кај народот долго ќе биде присутно чувството дека Европа ниту била ниту може да биде вистинскиот пријател, ниту од неа може да се очекува помош во некоја поголема неволја. Балканските народи во различните држави постојано ќе бидат раскарани, за многу нешта нема да се согласуваат, меѓу себе ќе си подметнуваат и ќе се клеветат, нема да живеат во слога.
Нивната националност ќе исчезне во европскиот океан како што исчезнуваат неколку поединечни капки вода во морето. Според Достоевски, Русија цел еден век попусто ќе треба да се бори со ограниченоста и тврдоглавоста на Словените на Балканот, со нивните лоши навики, со нивното предавство на словенството во полза на европската алчност и нејзините интереси. Така, пред 140 години, пишуваше Фјодор Достоевски, авторот на романите „Злосторство и казна“ и „Браќата Карамазови“, автор што се изучува речиси на сите факултети во светот кај што се учи предметот Литература и психологија на литературата. Но што, за разлика од него, покажуваат пишуваните документи архивирани од тој период, што кажува науката, што зборуваат фактите, зачувани во архивите, за влијанието на рускиот фактор, посебно за Македонија и за Македонците, кои руската наука и политика ги смета за Словени?
Наспроти пројавените македонски стремежи за создавање сопствена држава, тогашна царска Русија планирала и настојувала географска Македонија и нејзиниот народ или да ги подели или да ги приклучи кон една балканска држава. Тие настојувања се јавиле уште од крајот на 18 век и траеле сѐ до поделбата меѓу Србија, Бугарија и Грција. Русија, во својата балканска политика, најпрво, Македонија ја вклопуваше во својот проект за голема Грција, потоа, до 1870 година, во проектот на голема Србија – од Дунав до Места – а по 1870 година во голема (Санстефанска) Бугарија. На крајот, разочарана од неблагодарноста на владите на тие државички и соочена со противењето од другите европски сили; соочена со нереалноста на тие проекти, Русија зазема радикално подруг курс – курс кон делење на географска и етничка Македонија во корист на балканските држави (на Србија, Бугарија и на Грција).
Познато е дека Русија силно го поттикнувала и поддржала Букурешкиот договор од 1913 година, кога географска Македонија е поделена на три дела. Во тој мозаик интересен е фактот што уште во 1897 година грофот Ламсдорф, министер за надворешни работи на Русија, се договорил со Австро-Унгарија и со Франција да не се употребува официјално името Македонија, кое асоцирало на посебна политичка единица, туку наместо Македонија да се употребува терминот „трите турски вилаети“ – Солунски, Битолски и Скопски и тоа да важи „ерга омнес“, за секаква употреба и за другите европски држави. Истовремено од руската страна била претставена идејата наместо името Македонци во администрацијата, во документите и во пописите да се употребува описниот термин „христијанско население на трите турски вилаети“, бидејќи Македонците не суштествувале како одделна националност.
Под притисок на руската дипломатија турскиот султан, наоѓајќи и сопствени интереси, издал заповед со која категорично ѝ се забранувало на администрацијата во претставките и во соопштенијата поврзани со работата на отоманските вилаети на Румелија (во која спаѓала и Македонија) да го употребува името Македонија. Така било тогаш, како е сега? Што би напишал Достоевски кога би бил жив и кога би се уверил во остварувањето на своите убедувања? Живи ли се до денес некои одамна заземени ставови на големите сили во врска со Македонија и македонскиот народ? Многу прашања, малку одговори!