(Посветено на неговата екселенција Кристијан Тимоние)
Од 1990 година наваму, до денес, од онаа силна плејада од западни амбасадори кај нас не паметам ни еден од нив што ги разбрал Македонија и Македонците со душа и срце, сочувствувајќи искрено со нивната историска трагедија, освен Ханс Лотар Шмит. Германскиот амбасадор, кој настрана од минатото ја сфати и современата катаклизмичка историска ситуација на Македонците во која тие повторно стануваат жртва на балканските и европските хиени, истите тие што и во минатите две столетија ги ништеа физички и идентитетски нив. Тоа. И тој Германец, стамен и карактерен Европеец ја напиша со голема љубов акрибично и со сјајна историска, антрополошка и културолошка анализа книгата „Македонскиот јазол“, која е една од најдобрите книги што сведочат за историските рани на Македонците, но и за непатворниот сјај и доблест на нивната колективна душа. Во сегашнава трауматична македонска историска ситуација таа може да им биде посебно корисна на европските политбирократи во Брисел, како и на западните, воопшто, амбасадори во Македонија. Многу повеќе ним отколку на Македонците. Малку шокантен но осветлувачки парадокс, кој е пожелно да се разбере.
Се надевам, пак, веќе ви е јасно Ваша екселенцијо, месје Кристијан Тимоние, француски амбасадор во Република Мaкедонија, зошто оваа колумна, која како реплика на Вашето интервју во „Нoвa Македонија“ („Некои Грци договорот од Преспа гo доживуваат како лична трагедија“ Н. М. од 12 ноември 2018 г.) ја почнувам со Ханс Лотар Шмит, Германецот што барем малку, индивидуално, ѝ го обелува образот на бриселска Европа кон Македонија и Македонците. За друг некој западен амбасадор кај нас дека гo направил тоа не можам да кажам. Па ни за Вас. И простете што се изразувам, без потребната дипломатска елеганција, која, рака на срце, секогаш ми била туѓа поради употребата на маска. А маската на Французите не им е баш туѓа. Впрочем Шарл Бодлер нејзе дури ѝ даде и естетска димензија препорачувајќи им ја на поетите.
Вашето интервју во „Нова Македонија“ го доживеав не како навреда и болка (иако во него има елементи за тоа), туку како разочарување, без разлика на фактот што јас па и сите освестени Македонци одамна сме раскрстиле со илузијата дека и во минатото и сега ни е ненаклонета богатата либералкапиталистичка и колонијалистичка Европа на нејзините, се разбира големи сили (Англија, Франција, Германија), кои и денес во ЕУ важат за центар и примат. Другото, на еден или друг начин, е распоредено во подрачни, периферни единици. Впрочем тоа раскрстување е поврзано сега пред сè со насилничкиот притисок на Европа да се преименуваме. За тоа уште. Но она што мене ме погоди, но не ме изненади, е вашиот, месје Тимоние, интелигентен, питијски одговор, стокмен во вид дури и на утеха кон нас Македонците, дека не е страшно да си го смениме името за да се интегрираме со ЕУ и со НАТО, бидејќи според вас (официјален француски став) „Македонија останува Македонија со географско име“!?
Малку пред таа соломонска мисла, пак, ако не коинцидира со Декартовата формула на картезијанскиот Логос „Мислам, значи постојам“, децидно коментирате дека „беше потребна храброст за да се потпише и сè уште ќе треба да постои добра волја за помирувањето да биде успешно“. Мислите на Договорот. Од ваша гледна точка да, но од наша, Ваша екселенцијо, не беше за тоа потребна храброст како што мислите Вие со чудесна леснотија, туку кукавичлук и национално предавство. И кој гo потпиша од наша страна тој смртоносен договор? Го потпиша квислиншката влада на Зоран Заев, кој доби зелено светло од Брисел и Вашингтон да прави сè што сака, само и само да го тргне еднаш засекогаш македонското идентитетско постоење од светската сцена и да ги избрише Македонците од картата на народите, односно истите тие да се трансформираат со западните методи на мајстор Менгеле од автентичен културно-цивилизациски и историски во безличен географски субјект/објект, со што се поклопува и Вашата, екселенцијо, теза во интервјуто во „Нова Македонија“. Таа е притоа дури и утешителна, демек не тревожете се оти „Македонија останува Македонија со географско име“, третирајќи нè така небаре како зелки и компири (тие се географски артефакти), а не како автентични историски суштества. Нешто што го знае многу поубаво од Вас западните нарцистички Европејци, на пример, еден Колумбиец од Латинска Америка – славниот писател нобеловец Габриел Гарсија Маркез. Тој во својот знаменит роман „Сто години самотија“ гo возвеличува спонтано и со целата своја почит името Македонија. Впрочем и најмагичниот лик во него е Циган од Македонија: Мелкијадес. Уште во романот, Маркез, на магичен начин говори и за алхемичарите од Македонија. Тоа, кога го читав пред четири децении ова дело, беше нajгoлeмaтa загатка за мене. Се прашував, не наоѓајќи одговор, од кај па тој Латиноамериканец чул за Македонија. Ајде тоа, туку нашол во неа и алхемичари.
Мислев дека сето тоа е плод на писателската фантазија на која авторот секогаш има право. Така, сè додека, читајќи гo генијалното дело „Психологија и алхемија“ на таткото на аналитичката психологија на К. Г. Јунг не наидов на фрагментот во кој тој пишува за алхемичарските книги, кои од Македонија биле донесени на дворот на мецената на италијанската ренесанса Козмо ди Медичи во Фиренца. Нив, главно делото на Хермес Трисмегист „Corpus hermetikum“ дури во втората своја мисија на потрага по нив му ги однел нему Леонардо ди Пистоја, а ги превел на италијански најучениот монах во Фиренца Марсилио Фичино.
Тоа и толку, Ваша екселенцијо месје Тимоние, ако барем малку успеав со примерот на колумбискиот писател и на Јунг, за Вас можеби бизарен, барем малку да ве убедам дека Македонија и Македонците се многу повеќе од географски поим. Оти географијата главно раѓа зелки и компири, без разлика што Берѓаев мисли дека таа (мисли на руската) со нејзината конфигурација, облици и ритам битно влијаела и на стилот на руската проза. Но тоа е друга тема. Во македонскиот случај, пак, што е во нашиот фокус, екселенцијо, таа сепак не можела да роди и алхемичари, или просветители од типот, на пример, на Кирил и Методиј и Климент и Наум, кои од Македонија во добар дел ја задолжија и Европа. Да не зборуваме, пак, за апостол Павле пред нив, кој во Македонија во Филипи ја основа првата христијанска црква во Европа на која оттука ѝ се обрати со новозаветното слово на љубовта, за што со восхит и благодарност зборува и познатиот француски библист Ренан. Е, за сè ова не е потребна само географија (ни славниот антички географ Страбон не мисли така), туку и дух, култура и цивилизација. И, би додал, автентичен и надарен колективен гениј. Она што сега вие од Брисел и од Вашингтон не ѝ го признавате и ѝ го одземате на Македонија, сведувајќи ја само на гол географски поим. Доколку и тоа понатаму ќе ѝ го дозволите.
Додуша, вие сите, екселенцијо Тимоние, за наметнувањето на таа перфидна логика сега имате покритие, што ве прави колку-толку морални, во нашата/ненаша квислиншка влада со изговорот: па вие самите доброволно си гo правите тоа, игнорирајќи гo гласот на народот од референдумот на 30 септември во кој беше впрегната со брутална кампања (знаете, нели?), целокупната дипломатска и каква не друга тешка машинерија на Западот за да не успее тој. Ги впрегнавте во неа и нашите соросовски и усаидовски, невладини, целокупната наша не баш малобројна и со западни паразитски грантови подмачкана петта колона. Онаа што и Франција ја имаше во изобилство за време на Третиот Рајх. Инаку, како ќе ја прегазеше неа Хитлер само за еден месец? И нешто помалку! Но вие како да не извлековте од тоа историско искуство и сега во македонската идентитетска ликвидација од сè срце ги поддржавте нашите петтоколонаши!
Нејсе, во Вашето интервју, екселенцијо Тимоние, заобиколено, а сепак доволно директно и јасно говорите за грчката болка од она што ни се случува нам. За тоа дека „некои грчки пријатели отстапката со името Македонија на северниот сосед ја доживуваат како лична трагедија“. Мајката! А кога тоа името Македонија било грчко? А? Не е ли тоа само безобразен оксиморон, со кого вие како да се согласувате. Се сеќавам и француската амбасадорка пред вас (ѝ го заборавив името) еднаш на телевизија рече дека ние сме немале чувство за чувствата на Грците. Оние што по третпат се обидуваат да извршат геноцид врз Македонците, и тоа и во трите случаи со амин и помош на Европа. Првиот пат со Букурешкиот (европски) договор во 1913 г. за парчосување на Македонија. Вториот 1948 г. со напалм-бомбите на бомбардерите на Черчил што ги чистеа Македонците од Грција поддржувајќи го грчкиот монархофашизам, и третиот сега со кражбата на Името во согласност и со брутален притисок на западната евроамериканска (дали и сè уште картезијанска?) цивилизација. Тоа. И во длабоката антика, ваша екселенцијо, името Македонија по никоја основа не им припаѓало на Грците, туку само на Македонците и на нивниот историски и културно-цивилизациски Логос. Прочитајте ги делата на античките историчари и ќе се уверите во тоа. Не морате за тоа да ги читате и познатите „Филипики“ за македонските „варвари“ на најциничниот старогрчки филозоф Диоген.
Да. Ама заразени од Дројзеновиот фалсификат за сеопшт примат на Стара Грција врз европскиот цивилизациски Логос, како што вели сјајниот англиски романсиер Д. Х. Лоренс, по инерција трупате сè во „грчка вреќа“. А сега во неа ја трупате и целокупната историска и културно-цивилизациска меморија на Македонците, од антиката па до денес. И тоа со само еден потег. Со преименување. Насилничко. Варварско. Тоа, пак, се вика, ваша екселенцијо месје Кристијан Тимоние, геноцид/етноцид над цел еден древен, автентичен народ за кого сведочи и најпознатиот теолошки и антрополошки документ на Западната (посебно) цивилизација: Библијата. Ако мене не ми верувате, ако не знаете дека насилното менување на името на еден народ е геноцид прочитајте ја книгата на Луј Вансен Тома „Антропологија на смртта“, кого јас често го цитирам. Тој е Французин, чесен и доблесен да ѝ погледне на вистината в очи, да ги опише акрибично и да ги наброи сите потфати на акултурација и идентитетски, па и физички геноциди на Западот (Европа и Америка) низ светот. А сега Европа (заедно со Вашингтон) гo изведува својот геноциден идентитетски проект и во Македонија врз Македонците.
Неодамна во Париз се одбележа стогодишнината од Пpвата светска војна (1918-2018). Се зборуваше и за Македонскиот фронт и за Македонија, но исто така како за географски поим. Но за Македонците, регрутирани од двете завојувани страни, не стана збор. Тие останаа Незнајниот Јунак на таа крвава војна на незаситниот за профит либералкапиталистички Запад. Само, за жал, ваша екселенцијо месје Тимоние, и Првата и Втората светска војна за кои е виновна Европа и никој друг не ја опаметија и не ја облагородија неа, не ја поместија ни за педа од нејзиниот ариевски нарцизам. Крунски доказ за тоа е и нејзиното сегашно посегање по идентитетска ликвидација на Македонците. Додуша со смртоносната рака на нашиот премиер и влада, проект над кој акрибично работевте и успешно го спроведовте од Брисел и од Вашингтон. Но тоа, Ваша екселенцијо, ќе ви се врати како бумеранг, бидејќи со тоа ги будите во Европа повторно црните сенки на Третиот Рајх. Да се живи денес Волтер, Дидро, Иго, Зола, Ромен Ролан и Анатол Франс, кој целиот свој живот како космополит и хуманист се бореше за слобода и правда за Македонија (секако и за Ерменија) најостро ќе му се спротивставеа на тој смртоносен, антицивилизациски и варварски чин на геноцид врз Македонците, кои, имено, ѝ дадоа на неблагодарната Европа толку многу културно-цивилизациски дарови. Има ли денес, Ваша екселенцијо, такви совесни, етични и хуманистички личности во Франција и во Европа? Ако ги има нека го кренат својот глас против овој варварски европски чин во кој Грција е само алатка за негова реализација. За жал.