Европа, Европа, Европа. Термин број еден во Македонија. Државата на прагот на Европа. Ќе добие ли датум за почеток на преговори за влез. Или ќе ѝ биде покажан излез? Почеток или крај? Сега или никогаш? Со трепет чекаме, се тресеме, што ќе каже за нас Европа. Ќе нѐ прими ли во своите редови, во своите широки пазуви, во своите богати одаи? Ќе почне ли да разговара со Македонците на овие теми? Ќе биде ли Европа утрешна македонска реалност или ќе остане мит, политички сон за приближување кон тој свет?
Самото име Европа има митски корени, а во превод на македонски јазик значи „широко лице“, што е синоним за полна месечина. Според лингвистички толкувања може да значи и „добро за врби“ или „добро полевано“, што е поврзано со старогрчкиот култ кон разлистувањето на врбите на кои им се давала волшебна моќ при обредите за плодност. Во семитската етимологија Европа значи вечер или залез. Азиските народи што живееле во земјите на изгрејсонцето со зборот Европа ја означувале земјата на зајдисонцето.
Како настанала, како и од кого е населуван овој некогаш темен простор? Во една старогрчка легенда Европа е претставена како убава млада мома, божица што од азискиот брег на Средоземно Море ја грабнал вљубениот бог Зевс претворен во бик што лета. Ја однел на Крит, каде што станала кралица и мајка на многу деца што ја населиле Европа. Така континентот, наводно, го добил името што го носи и денес. Денешните Грци, мајстори за ефектуирање на нивните приказни, овој антички мотив го гравирале како симбол на задната страна на сегашната нивна монета од две евра. Кој ја има, може да ја види.
Друга легенда вели дека територијата на Европа ја населиле од Азија потомците на дедо Ное по преживеаниот потоп. Штом излегле од арката, тројцата синови на Ное при делба ги добиле трите дела на тогашниот свет. Азија ја добил Сем и од него потекнуваат Евреите и Арапите на Средниот Исток, Африка му припаднала на Хам и од него е црната раса, а Европа му припаднала на Јафет. Неа подоцна ја населиле неговите синови и внуци, сѐ до британските острови. Еврејските верници него го сметаат за прататко на европските народи. Во тоа предание се зборува за „мачноста да се најде Европа“ и се констатира дека „барањето ја создало Европа, да се бара Европа, значи да се создава“.
Така е во митологијата и во недокажаната историја. Од друга страна, според пишани извори, прв што го напишал името Европа е Хесоид, околу 900 година пр. н.е., а прв што ја опишал и споредил со Азија е Хипокрит. Како и да е, излегува дека Европа има своја предисторија, што е предисторија на безимен континент, полека населуван, тешко цивилизиран и оживуван од луѓе, од идеи и од занаети донесувани главно од крајбрежјето на Блискиот Исток. И нашиот Ѓорѓија Пулевски од Галичник, авторот на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите македонски речници, во својата статија под наслов „Славјаномакедонска историја“, кажува дека шестиот син на Јафета 131 година по потопот излегол од вавилонските предели и со неговите следбеници ги заседнал Западот и Истокот, Југот и Северот од европскиот континент. Пулевски кажува дека од нив потекнуваат и Македонците, едни од најстарите народи на светот.
Значи, не сум ниту првиот ниту последниот што направил аналогија меѓу митовите, историјата и сегашноста, аналогија што покажува дека има некои нишки што поврзуваат векови во кои некои нешта остануваат, колку и да се менува светот. Во таа смисла сакам да кажам дека сегашниот фокус на Македонија кон Европа и европското гледање кон Македонија не е нешто ново и непознато во аналите на македонската, макар кратка, историја. Тој интерес, тие релации траат најмалку век и половина.
Познато е дека македонските национални дејци уште од крајот на 19 и почетокот на 20 век, иднината на својот народ ја гледале во европски структури, барале помош за остварување на своето дело од тие западни земји, не заборавајќи дека во одреден период приматот го имала Русија. Но и историчари, хроничари, истражувачи, политиколози, дипломати, агенти, публицисти, па и политичари, усно или напишано, често истакнувале дека политиката на Европа кон Македонија никогаш немала многу смисла и наклоност, дека се одликувала главно со маска на лажна и лицемерна дипломатија кога станувало збор за македонското прашање и судбината на македонскиот народ. Како потврда на погоре кажаното ќе цитирам едно писмо од 1898 година, во кое деецот Петар Манџуков на гемиџијата Константин Кирков му пишува дека „далеку позагрижувачко е поведението на Европа, таа вавилонска блудница, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот, а која одлучува за судбината на нашиот народ“. Многу вакви или обраќања со слична содржина до европски влади може да се најдат во архиви или објавени во книги.
Во наведената дописка не е случајно употребена синтагмата „блудница вавилонска“, како што не е случајно што таа е жива и денес и се користи во дебати за да се објасни современиот однос на земјите од Европската Унија кон сегашната независна Република Македонија (Северна). Од каде потекнува синтагмата „блудница вавилонска“, кој ја употребил, во кое својство, со какво значење?
Да не ве чуди: првпат блудницата вавилонска се споменува во Откровение на светиот апостол Јован (популарно – Апокалипса), последната книга од Новиот завет од Светото писмо. Таму блудницата е претставена како бесрамна жена што седи на многу води, со која блудствуваат земните цареви, а со виното на нејзиното блудство се опиваат жителите на земјата. Таа е жена од пустината што седи на црвен ѕвер полн со богохулни имиња, со седум глави и десет рогови (сите си имаат своја симболика), облечена во пурпур и џиш-црвена наметка, накитена со злато, драгоцени камења и бисери, која во својата рака држи златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино. А на челото ѝ било напишано името „Тајна, Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии“. Таа жена ги симболизира луксузот и богатството, политичката и практична моќ, окултните појави, личниот и сексуалниот неморал.
Овој таинствен дел од Библијата уште од најраните години на христијанството е предмет на неброени теолошки спорови, толкувања и нејаснотии. Но едно од прифатените и раширени толкувања е дека усно насликаната блудна жена го претставува Вавилон, тогаш најголемиот познат град во светот, место од каде што се управува со сите владетели на земјата. Вавилон, освен што е општ симбол на мултикултурна и мултиетничка метропола, од друга страна е место познато по неговите пороци, по развратот, неморалот и скандалозното однесување меѓу неговите жители, место каде што се случуваат многу валкани дела, локација од која се шират лицемерството, лагата и неправдата, град што ги предизвикува и разнесува сите збрки меѓу народите и нивните јазици. Најверојатно оттаму, не само Македонците, туку и други европски народи, дури и оние што се членки, денешната Европска Унија, заедно со Брисел како нејзин центар, ја нарекуваат „новиот Вавилон“.
На крајот, нешто како појаснување и своевиден коментар. Самиот термин блудница во нашиот јазик има неколку познати синоними што значат: неморална жена, развратница, бесрамница, расипница, скитница, проститутка, курва. Меѓу народот позната и како ороспија. Најверојатно во некои македонски дијалекти има и други изрази со исто значење.
(П.С. Текст со ист наслов, со слична содржина, но со поинаков приод сум објавил во 2017 година во тогашниот весник „Дневник“. Второ, читателите нека не ги буни податокот дека синот на дедо Ное ја населил Европа во 131 години по потопот. Тогаш, ако е за верување, луѓето живееле и до 800 – 900 години)