Кога населението не се одликува со работливост, штедливост, самоиницијативност и сѐ така до бесконечност, не можеме да очекуваме дека саморегулацијата на економскиот пазар ќе биде ефикасна. Затоа е потребно дејство на државата за да се променат одредени состојби. Првенствено, потребно ни е образование што ќе се стреми кон развој на работната етика, тимскиот дух и самоиницијативноста. Но улогата на државата не треба да се ограничи тука. Најуспешните економски приказни не се резултат на неолибералните теории туку на нешто друго
Во 2001 година беа објавени мемоарските записи на првиот македонски претседател Киро Глигоров под насловот „Македонија е сѐ што имаме“. Од денешна перспектива, споменатите мемоари навистина имаат значење, бидејќи ни овозможуваат да ги восприемиме проблемите со кои се соочи Македонија на патот кон независноста. Меѓу другото, Глигоров ни соопштува дека уште во почетокот на 90-тите години на 20 век, првиот грчки предлог за промена на името на нашата држава гласел – Северна Македонија, предлог што бил одбиен од тогашната македонска влада, но за ова прашање во некоја друга пригода. Како личност што пројавува интерес за општествено-политичките процеси во Македонија, за нас споменатите мемоари се сведоштво од прва рака и не случајно неколкупати досега сме ги расчитувале. Искажувањата на Глигоров изобилуваат со информации за политичките случувања, меѓутоа кога станува збор за економските политики, неизбежен е заклучокот дека податоците се скудни. За оние што не се запознаени, станува збор за книга од околу 700 страници, во зависност дали станува збор за првото или второто, дополнето издание од 2001 години. И покрај големиот број страници што се посветени на македонската држава, поразителен е фактот дека за економијата и економските процеси се посветени само 6-7 страници. Која е причината за ова? Наједноставниот одговор гласи дека Македонија е неуспешна економска приказна и затоа македонскиот претседател Киро Глигоров акцентот го става врз политиката, а не врз економијата, притоа не смееме да заборавиме дека Глигоров по вокација е економист.
Од овие незначителни информации што се однесуваат за економијата, а ни ги пренесува самиот Глигоров, дознаваме дека кога југословенската економија се соочила со криза, тогашниот југословенски премиер Анте Марковиќ воспоставил соработка со Меѓународниот монетарен фонд и ангажирал странски експерти, како што е Џефри Сакс, кој учествувал во реформите во Чиле за време на диктатурата на Августо Пиноче. Исто така можеме да разбереме дека по независноста, македонската влада била ангажирана кон ориентација за изградба на пазарно општество. Во овој контекст, тогашниот министер Јане Миљовски истакнал дека „ако сакаме да имаме вистинско пазарно стопанство, не смееме да се мешаме.“ Апсолутно oчигледно е дека кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на 20 век, југословенските и македонските економисти биле под силно влијание на теориите на неолиберализмот, и тој прифатен концепт бил тотално промашување. Во пакет со приватизацијата. Катастрофалните последици се чувствуваат до ден-денес.
Но што точно претставува неолиберализмот? Можеме да го разбереме како политичка идеологија и филозофија што е заснована врз економскиот либерализам и, како таков, се залага за економска либерализација, слободна трговија, слободен пазар, приватизација, дерегулација, намалување на големината на јавниот сектор итн. Со други зборови, неолиберализмот фаворизира економски политики засновани на економски теории што ја минимизираат улогата на државата и го максимизираат приватниот економски сектор, а негова главна особеност е спротивставувањето на мешањето на државата во економијата и државниот протекционизам.
Како економска теорија се развива од страна на американскиот економист Милтон Фридман, а како политичка идеологија се оформува за време на британската премиерка Маргарет Тачер и американскиот претседател Роналд Реган, во 80-тите години на 20 век.
Сосема природно, кога настапи катаклизмата на комунизмот, тогашната политичко-економска елита во Југославија, вклучувајќи ја и македонската, го прифати неолиберализмот како решение за економските проблеми. Пред себе ги имаа неолибералните реформи во Чиле што доведоа до економска стабилност, удвојување на БДП и намалување на сиромаштијата. Споменатите реформи се карактеризираа со агресивна слободна трговија и големи странски инвестиции. Не случајно Анте Марковиќ го ангажира Џефри Сакс, кој учествуваше во чилеанската трансформација, и на тој начин југословенските реформските сили се обидоа да го имитираат т.н. чилеанско економско чудо. Македонските економисти како верни ученици на Анте Марковиќ и под влијание на тогашните политички текови го прифатија неолиберализмот, следствено, од независноста па до денес неолибералните теории се суштина на македонската економија. Затоа секоја македонска влада со своите економски политики не отстапува од неолибералните разбирања.
Но многумина заборавија дека економската трансформација на Чиле беше спроведена во времето на воениот диктатор Августо Пиноче.
Исто така многумина заборавија дека економското издигнување на Западот е резултат на неколкувековен развој, кој има свои специфични културолошки особености, и ова издигнување не се должи на неолибералните теории. Германскиот социолог и политички економист Макс Вебер вели дека основите на капитализмот како економски систем се наоѓаат во протестантизмот, поточно во културолошката протестантска етика. Денес ова е особено видливо во швајцарското основно образование, кое на секое дете му дава на знаење дека Швајцарија е сиромашна држава, која нема природни богатства и затоа треба да се биде штедлив и работлив. Сосема истото сценарио е и во Шведска…
Македонската политичко-економска елита, како и многумина други, не го зеде предвид културолошкиот сегмент. Да не се лажеме, со одредени исклучоци, просечниот Македонец не е ниту штедлив ниту се одликува со изразена работна етика. Ова е секако резултат на македонската вековна култура, во овој контекст се и многубројните православни верски празници. Каков апсурд, секоја недела имаме по еден празник и Македонецот не треба да работи. Оваа практика не се должи на православието и Македонската православна црква, туку станува збор за вековен обичај што настанува во одредена историска ситуација. Во минатото, кога Македонецот немаше сопствена држава и живееше во Османлиското Царство, беше принуден да извршува ангарија – присилна и бесплатна работа, дури сто дена во годината. Бидејќи царството беше теократско по својата суштина, Османлиите ги почитуваа христијанските верски празници и затоа македонскиот селанец секоја недела имаше верски празник за да ја избегне ангаријата. Оваа состојба порозно се одразува врз работната етика на Македонецот, замислете требало да работи сто дена во годината без притоа да му биде платен трудот. Последиците од овој културолошки феномен ги чувствуваме и денес.
Некој може да ни каже дека Османлиите си заминаа од Македонија уште пред сто години, но не смееме да заборавиме дека станува збор за култура што егзистирала пет века и сраснала со македонското битисување.
Кога населението не се одликува со штедливост, работливост, самоиницијативност и сѐ така до бесконечност, не можеме да очекуваме дека економскиот пазар ќе се саморегулира. Затоа е потребно дејство на државата за да се променат одредени состојби, особено од културолошки аспект, потребно ни е образование што ќе се стреми кон развој на работната етика, тимскиот дух и самоиницијативноста. Но улогата на државата не треба да се ограничи тука. Доколку ги земеме предвид фактите, денес Чиле е просечна економија, но нас не треба да нѐ интересира просечноста.
Најуспешните економски приказни не се резултат исклучиво на неолибералните
теории, туку на нешто друго.
Доколку анализираме внимателно, т.н. економски чуда се должат на два модела – северноевропскиот, кој е карактеристичен за Данска, Норвешка и Германија, како и источноазискиот, кој е својствен за Јужна Кореја, Сингапур, Тајван и Кина. И покрај тоа што станува збор за два модела, нивна заедничка карактеристика е улогата на државата во економијата. Јужнокорејскиот пример познат како економското чудо од реката Хан се одликува со технократија, приоритет на домашните компании што го развиваат извозот, државна банка што го помагала спроведувањето на владините развојни планови, увоз на суровини и технологија, поттикнување заштеда и инвестиции над потрошувачката итн. Успешноста на оваа политика се потврдува од американската ЦИА, која вели дека Јужна Кореја е еден од најзначајните економски успеси на 20 век, која се оформи како развиено и високотехнолошко општество. Да не ги заборавиме и европските примери и да го споменеме економското чудо од Рајна, кое се карактеризира со ордолиберализам и социјална пазарна економија, притоа државата има голема улога во дизајнирањето на правилата и регулативите.
Можеме бесконечно да набројуваме други примери, како што се Сингапур или Норвешка, но главната мисла е дека државата има егзистенцијално значење во економскиот развојот и трансформација, особено ако станува збор за општества во застој. Кон неолиберализмот не треба да се однесуваме како кон догма и потребна е негова критичка проверка. Досегашните резултати на неолибералните политики во Македонија се скромни и затоа е потребна нова национална стратегија, која ќе се состои од поголема улога на државата во економијата.
Доколку сакаме да ја промениме сегашноста, државата не може повеќе да биде само нем набљудувач, потребни се развојни политики што ќе вклучуваат директна финансиска помош за компаниите.
Очигледно е дека субвенционирањето на странските инвестиции не ја менува суштествено економската слика за Македонија, затоа државата треба да најде начин што ќе овозможи дополнителен развој на домашните компании, особено на оние компании што се извозно ориентирани, како и појава на нови компании што ќе создадат нови работни места. Постојат повеќе решенија. Државата може да создаде фонд или банка што ќе ги подржува компаниите што ќе учествуваат во развојните владини програми, а истовремено да ги поттикнува и инвестициите на самите домашни компании. Колку и да звучи чудно, во државата ги има потребните финансиски средства. Сите македонски влади со децении издвојуваа стотици милиони евра за платите на државната администрација, чија бројка изнесува околу 100.000 луѓе. Доколку се земе предвид дека Македонија има околу два милиони жители, реално гледано, државната администрација би требала да има околу 40.000 службеници. Следствено, потребно е кратење на администрацијата и нејзино слевање во приватниот сектор. Мора да потсетиме дека, според експертите, во македонските приватни банки има околу осум милијарди евра депозити на физички лица и правни субјекти, финансиски средства што никогаш директно не беа инвестирани во економијата. Неопходно е државата да најде пристап што ќе го поттикне слевањето на овие милијарди во економијата. Но за да се случи тоа, потребна е политичка стабилност, која зависи од владеење на правото и непостоење на корупцијата, како и функционална администрација, која ќе им биде партнер на македонските компании, а не товар.
Многу македонски компании од областа на градежништвото, ИТ- секторот, земјоделството, винскиот бизнис, фармакологијата итн. имаат капацитет да станат европски или светски бренд. На потег е државата, која треба да понуди развојна стратегија, стратегија што ќе ги земе предвид потребите на општеството во целина.
Да завршиме со претседателот Киро Глигоров, кој вели: „Доколку сакаме да ги следиме зацртаните определби на нашата земја за интегрирање во европските и во светските економски текови, мораме да се вратиме на курсот на реформите, на курсот на развојот, со што ќе се зајакнат перспективите за поединецот во оваа држава, но и на државата во целост.“