Постојат мигови, драг читателу, кога и истормозената колективна душа на еден народ, каков што е македонскиот, доживува екстаза рамна на просветление, на она сатори кај будистите во кое просветлениот по дефиниција станува светец. Тоа се миговите во кои космичката енергија чиј магнет сме ние, која христијаните ја нарекуваат Свет Дух, а Индусите кундалини го осветлува битието под прав еуклидовски агол и го полни со божествен електрицитет од силни светкавици и громови. Тоа посебно добро го знаат и го чувствуваат хероите и светците. А го знае и народот на еден колектив кога во него ќе се спојат во едно херојот и светецот, како што и се случи, имено, тоа пред десетина дена по оној сјаен вознес на ракометарите на Вардар на хималајскиот ракометен врв на Европа.
Толку за вовед, драг читателу, продолжуваме. А бидејќи стана збор за просветление (сатори) и за архисимболите на божественото во човекот, светецот и херојот, што се всушност едно и исто, сакам да ја нагласам и дијалектиката на овој феномен. Парадоксот, златната фигура на Логосот според Киркегард кого по многу нешта го сметам и за свој духовен брат. Имено, таа хераклитовска дијалектика за која станува збор е во тоа што таа не може да дише без противречноста, или контрастот, па според таквата нејзина логика таму кај што има светец и херој задолжително има и безбожници и кукавици, кои нив редовно ги изведуваат на мачилиште, им ја сечат главата сосе нимбусот, а потоа ги раствораат, по можност, во киселина за да не остане трага од нив и од нивниот подвиг. Тоа е есенцијалниот стил на злото и на денешната цивилизација, која многу добро ја запознавме ние Македонците. Во неа сè се обесветува за да можат на местото на јунаците и светците на пиедестал да се искачат подлеците. Така е тоа. Но да не одиме понатаму во филозофски спекулации, иако не се тоа, оти нашата денешна тема е повеќе, многу повеќе елементарно егзистенцијална и насушно судбинска отколку филозофска, надвор од калта на фарисејството на политиката во која не по своја вина се дави светот. Тоа што може сега да го илустрираме и на македонскиот микропростор во општата сива и очајно планетарна слика на нештата. Таа микроилустрација е јасно видлива сега и во случајот со вардаровите ракометари на кои им ја предадовме топката. Уште на почетокот на шампионатот тие беа прецртани како аутсајдери. Европската ракометна федерација не ги стави нив на својата ранг-листа ниту меѓу десетте најдобри на Стариот Континент.
А тие, гледај чудо, речиси со леснотија стигнаа на фајналфорот во Келн. И таму играа како дојдени од друга планета. Најпрвин беше во второто полувреме буквално прегазена големата Барселона, а по неа и Веспрем, кој не дојде до здив од првата до последната секунда на натпреварот. Беше шокирана ракометна Европа. А лично мислам и политичката во своите глувчешки ровови на моралната перверзија. За три години Вардар, потонат и во финансиски проблеми, двапати го освои европскиот ракометен врв. И грмеше, повикана и од симпатичниот Германец Дисингер, без придавката северна, арената во Келн: „Македонија! Македонија!“ Тоа беше знак дека веќе сериозно нешто не е во ред со „северниот“ нацифашистички проект за идентитетска ликвидација на Македонците на Брисел, Вашингтон и на нашата квислиншка влада, чиј Преспански договор е сличен на оној на француската влада во Виши пред почетокот на Втората светска војна, кога по него Хитлер ја прегази гордата и храбра Франција за неколку недели. Историјата крие страшна иронија.
Толку, а ти пак ме прашуваш, драг читателу, што сакам поточно да кажам. Тоа, дека со искачувањето на Македонија на европскиот ракометен врв автоматски од затегнатата докрај тетива на Зенон ја пуштивме во бескрајот стрелата со име Македонија да мине точно низ центарот на простор/времето на историјата и метафизиката на сепостоењето од кое никој не може да нè оттргне ни избрише. И таа стрела се заби најпосле некаде во Млечниот Пат со милијарди соѕвездија во соѕвездието Македонија до образот на Сириус, на праизворот на нашата генеза што ни ја трупа со ѓубре оваа валкана цивилизација во која перфектно се вклопи квислиншката влада на Заев со неговите велепратеници, плус оние купените осуммина на кои им се најважни задникот и бизнисот, за да се забие најдлабоко ножот на длабоката држава и на Брисел во отворената рана на македонското колективно битие. Така. А јас, драг читателу, бескрајно се израдував кога ја видов стрелата забиена на небо во центарот на соѕвездието Македонија, чија светлина никој не може да ја уништи. Ни НАТО на госпоѓа Шекеринска што се стави во 2001-та на страната на албанските терористи. Не! Но пасаран! Тоа! И погоди која мисла ми паѓа на ум сега, драг читателу? Па онаа дека не случајно (безброј пати сум го кажал тоа) Бог го испрати апостол Павле во Троада да се сретне со Македонецот, да дојде во Македонија и да ја основа заедно со Лидија Македонката првата христијанска црква во Европа.
Така. И пак сме кај вардаровите ракометари. Кај нас се случуваше нешто чудно, но попрецизен збор е валкано, додека тие лавовски, и како интернационалци сите се бореа со македонско срце за освојување на шампионската титула. Имав впечаток дека сите тие играа со раната и болката на Северна Македонија и затоа беа толку силни. И што беше тоа валкано чудно? Тоа дека сите балкански и европски телевизии, како и многу светски, го пренесуваа спортското чудо Вардар во Келн, но не и македонската, која се сложи со она СМРТВ. А вардаровите ракометари: Македонци, Бразилци, Руси, Хрвати, Срби, Летонци, Алжирци, Германци… сите беа едно големо македонско срце. Самите до еден изјавија дека се чувствуваат како Македонци. Секако, без онаа нацифашистичка геноцидна придавка северна. А на плоштадот „Македонија“ се собраа над 50 илјади да ги поздрават спортските херои од Келн. Но не само нив, туку заедно со нив и Македонија без придавката северна. И цело време, небаре со гласот на Јахве и оној на Исус, кој го скорна Лазар од гробот, се скандираше: „Никогаш северна! Секогаш само Македонија!“
„Ало, премиере, го слушнавте ли тоа моќно ехо што ги урива ѕидовите на историјата? Го слушнавте ли? И зошто не се појавивте на плоштадот да ги поздравите ракометарите? Народот има право да ја лекува својата длабока рана.“ А Самсоненко? Неправедно го подзаборавивме него, драг читателу. Тој ги направи и машкото и женското ракометно чудо Вардар, изгради хотел и спортска сала. Толку знам. Кога помислувам на него неволно се потсетувам на еден почетен стих на Пастернак од една негова песна, а кој гласи: „Како ѕвер ме гонат“. Веројатно автоалузија на хајката против него во Советска Русија по добивањето на Нобеловата награда за инкриминираниот роман „Доктор Живаго“. Аналогијата со Самсоненко е можеби произволна, но Пастернаковиот стих во однос на него кај нас држи. Знам дека беше под рекетарска опсада и на едната и на другата власт за некакваси корупција, обвинет и сатанизиран и како Русин во макартистичката хистерија против Русија и Русите, која од Западот стигна со брзина на светлината и кај нас. Белким сега хајката против него, кој толку ја сака Македонија, ќе престане.
Но при крај сме, драг читателу, а треба по сè да дадеме и заклучок. А тој ин медиас рес гласи: Се пробуди од анемија и страв македонската колективна душа, која го знае својот праизвор на кој пие животодавна вода. Својата генеза неколку милениуми од денес наназад, до Првата етнолошка карта на народите на библискиот старозаветен Мојсеј на која е запишана таа, единствено од европските народи. Амин! На плоштадот „Македонија“ пред десетина дена, што е најважно, Македонците го демонстрираа на најубав можен начин достоинствено, со високо кренатото знаме на својата самопочит, силно разбудениот нагон за постоење. За постоење во својот автентичен идентитет, отфрлајќи ја нацифашистичката придавка северна. Скандираа заедно со ракометарите на сет глас: „Никогаш северна, секогаш Македонија!“ Беше трогателно да се види како Иван Карачиќ со големо спортско и човечко срце го беше препашал древното македонско знаме со шеснаесетзрачното сонце.
Се надевам дека владата на Заев нема да го обвини за национализам и за ширење иредентизам кон Грција, која на најварварски начин со варварската европска политика го краде тоа знаме. А нема никогаш да го доукраде. Никој од Владата, од првиот, вториот, па ни од третиот ешалон немаше храброст (народот и Цепенков велат мадиња) да ги поздрави на плоштадот ракометарите – европски шампиони. Ги примија утредента Заев и Пендаровски во своите заштитени политички дувла, не покрај народот. А слушам дека ракометарите и не ја примиле благодарницата од Заев оти била од Северна. Одлично! Останува и понатаму властодржците и сите идентитетски ликвидатори на Македонците и понатаму да се кријат во своите северни глувчешки дупки. И на небото, по смртта, доколку бидат и таму примени. А и ако бидат, ќе бидат сместени во деветтиот најстрашен круг на пеколот, таму каде што и Данте Алигиери во „Божествената комедија“ ги сместува праведно предавниците на татковината и родот.
Она што најмногу радува сега по овој ракометен величествен настан, а кој не е остварен без Божја помош (оти Бог нема никогаш да ја заборави и напушти Македонија); тоа е силниот отпор против Северна, против нацифашистичката идентитетска ликвидација над Македонија и Македонците. Гласот на тој отпор, сигурен сум, преку нивните амбасадори во Скопје, е веќе стигнат и во Брисел и во Вашингтон, но и во околните балкански центри, кои одамна безмилосно нè крадат и ликвидираат: Атина, Софија, Тирана. Но никогаш целосно не успеале во тоа. Нема ни сега. Она, пак, што е сега итно важно, без одложување, драг читателу, тоа е и ти да му се придружиш на тој отпор, да го кренеш во себе знамето на самопочитта на својот род и да речеш на сет глас: „Не! јас не сум северномакедонец, туку Македонец! И само Македонец, како што биле и моите предци и прапредци, не вчера, не завчера, туку со столетија и милениуми наназад. А ќе бидат тоа и поколенијата Македонци што се зачнуваат од овој миг во бакнежот на македонските љубовници сè до бескрајната иднина од каде што ние во бранови како големо химниско море ги чекаме да пристигнуваат во Македонија. Никогаш во Северна, која им ја оставаме на вашингтонските силеџии и бриселските политидиоти, како и на домашните квислинзи, кои, за жал, секогаш, а особено денес ги имаме во изобилство!“
Тоа, драг читателу. Знам дека ме разбра и за тоа сум ти бескрајно благодарен. До следната наша средба моите најискрени поздрави!