Овие денови се будам со мислата дека слободата е слобода да се каже дека два плус два е еднакво на четири. Оние што ја читале „1984“ на Џорџ Орвел (или го гледале филмот), ќе препознаат во оваа парафраза мисла на херојот (во обид), во грч да го зачува здравиот разум во еден дистописки свет каде што власта ги обликува и ги преобликува реалноста и минатото по сопствена мера, сред постојана и сеприсутна војна, во мелницата на масовна и до „меѓуклеточна“ пропаганда, која го искоренува и најмалиот никулец на индивидуалност, а со дисторзија на зборовите (новоговорот) ја убива секоја можност за слободна и за критична мисла. Во деновите и во месеците што идат ќе бидеме до „последна клетка“ уверувани во дистописката аритметика дека два плус два е еднакво на пет и ова неравенство ќе се „продава“ како формула со убедлива точност.
На денот на срамот (како што беше именувано од страна на грчката опозиција потпишувањето на договорот за грчкиот проблем за името во Преспа), „воскресна“ и новоговорот на македонската дистописка позиција. Со него, капитулацијата е именувана како победа, понижувањето како пријателство, а срамот како гордост. Планини не беа поместени, но беа нивните тежини, врз плеќите на оние што веќе не можат да ги носат. Не од онаа страна на гробовите. И ѕидовите-граници кон Европа „напукнаа“, додека други ѕидови се втемелија меѓу Македонците од двете страни на јужната меѓа, но и од оваа страна на меѓата, помеѓу оние што поддржуваат промена на името и оние што се против. Помеѓу оние што летуваат во Грција и оние на езерата. Помеѓу оние што летуваат и оние што не летуваат, а само чекаат да заврши жегата. Меѓу довчерашни пријатели, меѓу соседи и роднини… посеано е семето на раздорот. Посеано е тоа уште многу одамна, но сега процветува, условите се идеални.
Сите илузии на новоговорот и неравенствата во артиметиката на договорот им ги препуштам на најповиканите. Она што се обидувам да го зачувам во овие тревожни денови се здравиот разум и простото човечко достоинство, првите жртви на срамниот договор за проблемот за името. Тоа и пристојноста на зборот.
Првиот импулс при будењето во светот на новата (северна, студена) дистописка реалност е повторно да заспијам, во долг зимски сон и да ја сонувам својата јужна утопија, својата тʼга за југ, но си спомнувам на речта на Хаксли дека (вечната) будност е не само цена на слободата, туку и цена на човечката пристојност. Нужно е да се остане буден кога разденуваат апсурдот и срамот. Особено тогаш. А апсурдот отчукува пладне. Нешто ме жегнува, како оној мртов стаорец во романот „Чума“ на Албер Ками (напишан една година пред онаа на Орвел), кој мртов ја најавува чумата што навира одоздола, како од пеколот.
Заразата е свечено фрлена пред нас. Подметнати се „мртви стаорци“ да ја пренесат чумата врз луѓето. Од глувците врз луѓето, така се шири секоја чума. Не треба да нѐ зачудува. Таа одамна е тука, само не олку видлива. Сега е. Кога Ками ја пишува „Чума“ (во далечната 1947 година) фашизмот е завршена приказна (сега знаеме дека и тоа не е целосна вистина). Чумата на Ками во романот е буквална, но метафорично излегува и од романот и од времето во кое е пишувана како предупреда за времињата што доаѓаат. Каква е таа предупредувачка чума? Чумата на сервилноста и егоизмот, на догмата и на конформизмот, вткаени во јавниот дискурс, пропагандата и самиот општествен систем. Во менталниот склоп на потрошувачот. Со тревожноста на ликовите на Ками, се исправам деновиве пред апсурдот што ни се случува.
Историските читанки нѐ предупредија за чумата над Македонија низ вековите, но чума во самостојна Република Македонија? Чумата не знае за самоопределување. Таа е определена како латентна. Се храни од моралната и (меѓу)генерациска неодговорност.
Како и кога го загубивме достоинството? Како дозволивме да се тргува со него како со обична стока? Кога дозволивме во наше име други да им го утврдуваат пазарниот еквивалентот и специфичната тежина? Да го запишуваат во Устав како во кантарна белешка? Како се случи бесценетото и неконвертибилно наследство да подлегне на галопирачка инфлација, да обезвредни, па така обезвреднето да се стави на извршителски кантар? Не замислував таков влез во Европа, низ процепи и пукнатини, како глувци. Со извонредно флексибилен ’рбет. Замислував да влеземе како ʼрбетници, достоинствено и со кренати глави. И исправени ʼрбети.
За волја на вистината, човечките потреби одамна се приспособени на глувчевите потреби. Да се протуркаат денот, месецот, сезоната… Се стиска потрошувачката кошничка, се заменува со поевтини артикли. Се негува филозофија на нужното, се жртвува она што може да се изостави. Човек замижува, се свиткува и протнува низ животот и векот. Како глушец. Долгото осиромашување на духот и џебот го деградира човек до глушец. Дури не падне покривот, а потем бегум во ширното западно поле.
Пред речиси цел век Џон Стајнбек ја опишува судбинската сличност меѓу луѓето и глувците во истоимената книга „За глувците и луѓето“. Иако Стајнбек пишува за илузорноста на американскиот сон за време на Големата депресија во триесеттите години на минатиот век, всушност пишува (повторно метафорично) за илузорноста на човековите напори во остварување на соништата, на утопиите и случајната пропаст на оствареното, како домот на глушецот под моќниот нож на плугот (инспирација од една песна на Роберт Брн за насловот на романот). Но глушецот е релативно среќен, во споредба со човекот, неоптоварен со сеќавања и свест за неизвесноста. Човекот, пак, е проколнат да ги носи товарот на минатото и бремето на неизвесната иднина. Но блиску е крајот за таквите компаративни непогодности. Наскоро ќе бидеме ослободени од товарот на минатото и од неизвесноста на иднината. Како глувци. Со договор. Тешко оному што нема да го почитува. Не е тоа пресуда пред Меѓународен суд да подлежи на доброволно толкување! Време е за нов говор, по договор. А да ги прашавме мајките од онаа страна на меѓата? Што им кажале нивните мајки, мајките над мајките? Да ја прашавме Мајката? Се обврзав да ја зачувам пристојноста на зборот.
Во име на пристојноста и смислата на еволуцијата на ʼрбетниците, треба да се запрашаме како сакаме да влеземе во Европа?
Дали како глувци, за да се ослободиме од неизвесноста на иднината, иако самата Европа е среде тестот на својата неизвесна иднина?
Дали како глувци, откажувајќи се од бремето на своето историско-културно наследство, бреме кое „другата“ страна со задоволство ќе го носи во своето време?
Дали како глувци, за полесно да се провреме низ напукнатите ѕидови на Европа?
Во „Чума“, ликовите чие движење (и судбина) е запечатена во границите на „заразата“, се справуваат со неа на различен начин, преку несебична борба, предавање или издигнување над чумата. Ками на крајот на романот ќе заклучи дека единствено средство за борба против чумата е општата пристојност. Еден од главните ликови на Стајнбек и покрај „глувчевиот“ живот се издигнува до човек преку чувството за другиот и способноста да сонува, дури и кога е мачно и невозможно. Апсурдноста (и тревогата) во смисла на Ками, не е причина за пасивност, напротив, нѐ обврзува да дејствуваме.
Дали и каква придавка ќе одбереме да нѐ опише како Македонци можеби не е најважната одлука. Најнапред да решиме што ќе бидеме, луѓе или глувци. А за тоа одлучува секој сам. Не постои референдум за таквиот избор. Само романи.
(Авторот е магистер по мир и развој и поет)