Големите политички битки на современиот свет се водени околу одредени клучни зборови, од кои еден е „еднаквоста“. Заев го знае тоа. Но не знае дека утопија е живеење во целосно 100 отсто еднакво општество. Заев во изјавата не прави разлика меѓу праведност и еднаквост. Да читаше, ќе знаеше дека одбивноста кон неправдата честопати е посилна од аверзијата кон нееднаквоста. Особено во нашето општество
Што се случува кога политичкиот јазик е надвор од секаква логика, здрава памет и усвоено знаење? Кога зборовите се неразбирливи, креирајќи шокантни изјави што се збунувачки за јавноста? Дали политичката реторика е свесно дизајнирана за одредено време и место и, пред сѐ, за одредена публика? Или е резултат на интелектуална инсуфициенција и плиткоумност?
Сето ова ми помина низ главата читајќи ја изјавата на, сега поранешниот премиер, Заев, дадена за српски Пинк: „Правиме инклузивен процес поучени од минатото. Овој инклузивен процес во Република Северна Македонија успева. Ние денес сме на исто рамниште граѓани, со еднакви права и еднакви обврски, со тенденција да се унапредува додека не се постигне 100 отсто еднаквост на граѓаните во нивната матична земја“. Малку конфузно, но јасно упатува на тоа дека „додека не се спроведе 100 отсто еднаквост нема да запреме со инклузивност на Албанците“. Нема духовит или алузивен јазик во неговата изјава. Гола реторика без реална содржина, каде што зборовите изразуваат желба за политичко додворување, без реални основи за реализација. Или, имаме политичар визионер?
Знаете, кога ова ќе го изјави премиер на држава, ве остава без здив и го скокотка вашиот интелект, разгорувајќи ја вашата желба за полемика. Што ако Заев навистина има модел за решавање на концептот на еднаквост во општеството? Што ако сето знаење на овој свет било само гола реторика пред неговиот брилијантен ум? На кој треба да му се поклониме, ако го има решението. Гледам, кај нас има патенти и во општествените науки. Зошто да не го патентира и неговиот. Да видиме како планира да го реализира концептот на 100 отсто еднаквост на граѓаните во општеството.
Особено кога знаете дека се работи за социјален концепт што во целата историја на човештвото бил жестоко напаѓан, осудуван, погрешно разбран, лошо дефиниран или погрешно интерпретиран.
Теолошки сите сме „еднакви пред Бога“. Соединетите Американски Држави се основани врз принципот „еднаквост на правата“. Основата на модерната западна јурисдикција е „еднаквост пред законот“. Француската револуција застана зад слоганот „слобода, еднаквост, братство“. Основна цел на комунизмот и социјализмот беше „економска еднаквост“. Американското движење за граѓански права бара „еднаквост на можностите“. И модерното женско движење е шампион за „еднакви права за жените“ и „еднаква плата за еднаква работа“.
Иако значењето и компатибилноста на ова мноштво „еднаквости“ е далеку од јасно, очигледно е дека сите тие не значат иста работа. Тогаш, што значи концептот на Заев 100 отсто еднаквост за Албанците во Македонија?
Особено кога знаеме дека луѓето се независни индивидуи и дека генетските, биохемиските, анатомските и невролошките различностите во силата, интелигенцијата, агресивноста и другите својства секогаш ќе постојат, а со тоа и различноста и нееднаквоста остануваат природен биолошки поредок. Ако е така, а така е, тогаш постои само еден начин да се направат сите 100 отсто еднакви во Македонија по словото на Заев: еднаквост преку употреба на сила, казнување на секоја индивидуална способност и доблест, присилно прераспределување на богатството и законска забрана за социјални разлики. Па, оди после не биди еднаков да те видам.
Штета што партиските „интелектуалци“ од власта не ја дообјаснија идејата на Заев зад концептот на 100 отсто еднаквост на Албанците во Македонија. Ако немам можност да полемизирам со политичар од ваков калибар (да не заборавиме дека беше предложен за Нобелова награда), кој оди против општото знаење (зборовите имаат нијанси на значење), додавајќи му друг аспект на тоа што не е во заедничкото знаење, барем да полемизирав со нив. Се надевам во кампањата за изборите ќе дообјасни што мислел со изјавата.
Ај, тоа што нема партиска реакција на една ваква „визионерска“ идеја на премиерот за апликација на концептот на еднаквост во македонското општество, нема ниту експертска и интелектуална дебата. Нема новинарски коментари, нема реакција на заштитниците на човековите права. Којзнае, можеби изјави на премиер не се коментираат кај нас. Или, пак, како Македонија да се засити од експерти, па јавноста да е болна и уморна од нив. Па затоа тие замолкнаа.
Големите политички битки на современиот свет се водени околу одредени клучни зборови, од кои едниот е еднаквоста. Заев го знае тоа. Но не знае дека утопија е живеење во целосно 100 отсто еднакво општество. Заев во изјавата не прави разлика меѓу праведност и еднаквост. Да читаше, ќе знаеше дека одбивноста кон неправдата честопати е посилна од аверзијата кон нееднаквоста. Особено во нашето општество.
Кога концептот на еднаквоста ќе го ставите во политички контекст, нормално ќе лицитирате со него. Барем сега не продава, како името и историјата на државата. Сега нуди и лицитира. Еднаквост во проценти. Баш како на пазар.