Колумнава ја пишувам многу порано поради семејни причини. Kакво и да биде следното продолжение на сапунската истражна Касандра-серија и/или на политичката, каква и нова глупост да каже премиерот, тоа овде нема да биде коментирано. Опсесивната посветеност на (не)важни детали, пикантерии и секојдневни мајмунлаци резултира со дефокусирање од важните контури и суштината на големата слика. А таа нема да се промени за краток, па дури ни на среден рок… Се решив за тема на која досега не сум пишувала (алелуја!), а која ми се чини пригодна токму сега. Проблемот на третманот на претераната дебелина е тотално надвор од сериозна расправа, но затоа, пак, е претерано присутен во јавниот дискурс, каде што е уште еден грд повод и израз на сеприсутната дискриминација, стигматизација и омраза. Најмалку во два скорашни случаи, предмет на општа хистерија и јавно подбивање беше претераната тежина на две жени од јавниот живот.
Погодувате, последниот случај е поврзан со Катица Јанева и пикантеријата за оперативниот зафат за намалување на тежината. Лавината погрдни изрази, недолични шеги, навреди од најнизок вид, не само што го манифестираат екстремно ниското ниво на општа култура, туку и стереотипите и неспособноста да се видат вистинските проблеми. Како што веќе напишав многу одамна, проблемот со Јанева не беше/е ниту во нејзиниот изглед, ниту во нејзината дебелина, ниту во аутфитот (фамозната тантела), ниту во отсуството на вкус и стил… Проблемот беше и остана во евидентната некомпетентност, отсуство на правничко знаење и искуство, неелоквентност – и, конечно, нечесност и подложност на политички влијанија. Попусто Фатиме (со фаталниот црвен кармин) и Ленче беа нејзина спротивност, кога на крајот се најдоа (посредно или непосредно) во истиот скандал, секоја на свој начин.
Во овој период од годината редовно се шири иста шега: можете да престанете со диетата, летото стигна! Се разбира, таа се однесува главно на женската популација, која е најзагрижена за моментот кога ќе треба да се покаже во летен фустан (кој повеќе открива одошто сокрива), или ако е среќна и финансиски обезбедена – во костим за капење. Луѓето од нашето поднебје не можат да се пофалат со вита и висока става, а претераната дебелина често се јавува и кај најмладата популација. Интересно е што на дебелите луѓе (и најчесто жени) најчесто им се подбиваат дебели мажи (и тоа со т.н. пивски стомаци). Жените, пак, кои себеси се сметаат за згодни и добро физички одржани со презир гледаат на оние што не се такви. Јавните личности (од политичката, експертската, академската, естрадната, медиумската или некоја друга сцена) се најчесто изложени на масовни изблици на потсмев поради нешта што немаат и не треба да имаат врска со нивната работа, т.е. а се предмет на подбив за нешта за што не се виновни, за својот изглед!
Прашањето на претераната дебелина (претилноста) е проблем на денешницата, а да биде иронијата поголема – перзистира истовремено масовна смрт поради неухранетост (Јемен е најстрашниот пример на денешницата што сите заедно решиле да го игнорираат). Анорексијата е другата страна на паричката на светот, кој почива на терор на убавина и физичка подготвеност. Најновите светски истражувања покажуваат дека дебелината (т.е. последиците од неа) е причина за поголема смртност отколку неухранетоста. До овој пресврт доаѓа во последните 20 години, а е најевидентен во развиените земји. До видливи промени доаѓа дури и во азиски земји познати по инаква (ситна) конституција на телото. Дека екстремната дебелина и неухранетоста се во тесна дијалектичка врска, и коегзистираат дури и во иста земја, покажуваат сознанијата дека тоа се должи, меѓу другото, на достапноста и пониската цена на висококалоричната и нездрава храна, отколку на онаа што е здрава и нужно потребна за здравјето. Реномирани научници и нутриционисти континуирано предупредуваат дека претерано дебелите луѓе се, всушност, неухранети – затоа што не консумираат храна што е основа за здрав организам.
Но друг дел од истата фела работи за „хонорарчиња“ докажувајќи дека прехранбената индустрија не е виновна за неодговорните поединци што ждерат и кркаат (што би рекол Бојко Борисов). Ниту имам квалификации, ниту доволно простор да ги набројам сите можни и различни причини за прекумерната тежина, но можам да кажам збор-два за односот кон тие луѓе, како и генералната причина (надвор од поединечните), која е најчесто занемарена и замаглена.
Кога си јавна личност, те мразат и линчуваат буквално за сѐ. Тоа е тој наш локален фолклор! Но овде зборувам за дебелината и за обичните луѓе, бидејќи стигматизацијата е она што ги погодува и тие што не се славни и познати. Централното прашање обично гласи чија е одговорноста за дебелината. Најлесно е да се одговори: изгледот (дебелината) е прашање на лична одговорност кон сопственото тело и здравје! Контратеза за ваквиот став на оние што уживаат да ги обвинуваат дебелите за тоа во што се „претвориле“ затоа што немаат доволно карактер и волја е дека секој треба да се прифати и да се сака себеси таков каков што е, со сите недостатоци (значи и дебелината е убава на свој начин, не треба да постои срам за сопственото тело, кое треба да се носи гордо и достоинствено). Навидум, овој втор став е поприфатлив и носи поголема утеха на краток рок, но многу личи на онаа квазифилозофија на „позитивно мислење“ (што, искрено, ми ги кине нервите затоа што само зашеќерува и не дозволува гледање со очи ширум отворени во длабоките и вистински корени на проблемите). Вистината (или, барем, моето мислење) е некаде на половина пат: да, човечкото тело е подложно на промени и тоа е природна работа, која треба да ја прифатиме, без да се мразиме себеси. Жена што родила или човек што минал низ болести и операции треба да си ги носи лузните со гордост. Но кога дебелината носи трајни ризици по здравјето и животот, тогаш треба да се третира, а не прегрнува. Лесно е да се каже, тешко да се стори, нели?
Социјалната тортура врз дебелите луѓе е повеќестрана: од една страна, ве бомбардираат со ликови на жени (најчесто) што се секогаш фит и младолики, дури и во длабока возраст. Убавината е MUST! И младоста – иако потрагата по еликсирот на младоста не е пронајден уште! Но козметичката индустрија вредно работи на тоа и профитира на лажните надежи дека чуда се можни и спакувани во мали, скапи кутичиња. Со помош на рекламни агенции, невролози и психолози, и прехранбената индустрија (како и секоја друга) ги усовршува методите на убедување да јадеме повеќе од потребното и да го јадеме она што не ни е потребно. Во колумна од 2018 година, Монбиот аргументирано укажува на тоа како компаниите систематски инвестираат во создавање храна со состојки што ги „бајпасираат“ контролните механизми на апетитот. Затоа, прашањето е дали го јадеме она што тие сакаат да го јадеме и како успеваат да нѐ убедат дека е тоа наша желба и страст. Еднодимензионалниот човек, консумерот, полесно ќе го убедите да купи нов „диетален“ или недиетален ама вкусен производ отколку да купи возило или да оди на годишен одмор. Тоа се тие слатки мали задоволства за кои човек си „простува“ – затоа што има толку малку задоволство во животот полн со очај и сличен на лудница. И кога ќе станете како буре, а општеството ќе ви ја набие грижата на совест дека самите сте си виновни што изгледате како крава, на сцена стапува „спасителот“ – индустријата за слабеење! Обесофобијата е скриена форма на снобизам, а последиците се депресија и омраза кон самиот себе. Кој се лекува со повеќе чоколадо и чипс во доцните часови… Маѓепсан круг!
Капитализмот убива, и тоа на различни начини: порано со изгладнување, денес со прејадување. Истражувањата покажуваат дека од дебелина страдаат повеќе оние од пониските слоеви. Таа кореспондира со степенот на нееднаквост, постојаниот стрес, анксиозност и депресија со кои се соочуваат луѓето секојдневно. Во развиените општества, голем број студии и примери зборуваат за масовна дискриминација (на работното место) по однос на телесната тежина и изгледот (покрај годините): дебелите луѓе се сметаат за помалку интелигентни, невешти, емоционално нестабилни и неодговорни. Фактички, обесофобијата се приближува до еднакво неприфатливата теза дека сиромашните луѓе се такви по своја вина, затоа што се мрзливи и немотивирани, а задолжените затоа што не биле разумни кога земале кредити. Полесно е општествената и структурална неправда и структурално насилство да им ги ставиш на совеста на најранливите одошто да признаеш дека системот убива. За профит! За среќа, ние го имаме „вегетаријанецот“ Заев, кој со полињата марихуана сака сите да сме „хај“, сѐ додека некој не се осмели да си набави за себе 14 грама марихуана. Тогаш оди во затвор и е стигматизиран како наркоман.