Лага

Диоген вели: Толку! Не барам веќе, нема. Треба да се поправа. Познат е школскиот парадокс од учебниците по логика: ако се знае дека сите жители на Крит лажат, и ако се знае дека и јас сум од Крит, тогаш, кога ќе кажам „Сите луѓе од Крит лажат!“, дали говорам вистина или лага?

Така некако е и со нас, денес. Ако некој во доба кога сите лажат каже „Јас сум човек што не лаже“, не знаете дали кажува вистина или лага. А пак ако се знае дека оваа реченица им е омилена на сите јавни личности, тогаш пак навистина настанува ужасна забуна. Дури некој и навистина да не лаже, во морето реченици „јас не лажам“, неговото „јас не лажам“ ќе биде изложено на истиот сомнеж како и онаа реченица на човекот од Крит.

Но да не се лажеме во беседа за лагата. Нема човек што не лаже денес. Ако има таков што смета дека може да ја изговори реченицата „Јас сум човек што не лаже“ а притоа да не каже лага, тогаш тој само не гледа кога и каде лаже, односно има проблем со видливоста на својата лага.

Но за да се погледне во себе и да се изврши „рација“ на сопствената душа, потребно е човек најпрвин да се ослободи од она за што пишував минатиот пат – од својата суета. Ако погледне во себе и ако уште е човек на „високо положение“, ќе види дека многумина нему блиску луѓе или роднини му додеваат со нереални барања и очекувања од него: вработувања, дипломи, врски за тендери… Дури и да е најчесен, дури и да сака да им помогне на тие блиски луѓе без очекувана вратка од нив, тој ќе се соочи со тоа дека, за да им помогне, треба некого друг да оштети, односно да го прекрши законот. Притиснат меѓу законот, кој ја гарантира неговата чесност, и најдлабокото религиозно или хуманистичко чувство дека на ближниот треба да му се помогне, тој ќе мора да избере: или законот или тие блиски луѓе. Или правда или милост. Уф! Тежок избор. И затоа, сите тие луѓе „на положение“ (не им завидувам) посегнуваат по една „невидлива лага“, која се вика – одложување на проблемот, односно одржување статус кво. Таа се сведува на тоа што, ако сте вие тој човек „на положение“, кога ќе ви се јави блискиот што бара услуга „преку врска“, ќе му речете: „Еј, денес е понеделник, знаеш – најгуст ден по викендов, имам колегиум и состаноци, ај дојди некаде кон петок, кога ќе попуштат обврските.“ А кога ќе ви се јави истиот упорен ближен во четврток, да ве праша во колку часот да дојде утредента, вие му велите: „Еј, види, утре е петок, ден пред викенд, никој во службиве не работи, некои си бегаат порано, ај дојди од понеделник.“

„Тоа и не е некоја лага“, се теши човекот на високо положение. „Јас само му одлагам, додека не најдам некое чаре“, па се лаже и самиот, зашто знае дека чаре нема.
Или: писател сте и објавувате книга. Познат факт е дека нашите писатели не се читаат меѓусебно, токму поради темата од минатата колумна: суетата. Секој мисли дека другите треба него да го читаат, нема што тој да чита послаби од себе. Дури, има некои толку суетни писатели што мислат дека воопшто и не е нивна работа да читаат (дури ни Достоевски), туку да пишуваат. Читањето туѓи дела „им ја расипува генијалноста“. И, само што сте ја објавиле книгата, добивате СМС или мејл. Ваш колега ви вели: „Книгата ти е брилијантна. Честитки“. Како ќе знаете дека не лаже? И дека не ви ласка само затоа што сте член на едно жири пред кое и тој конкурира со своја книга, а наскоро треба да се донесе одлука за добитникот на наградата?
Едноставно: сретнете се со него очи во очи и прашајте го како му се допаѓа сцената на инцестот меѓу братот и сестрата во книгата. Ако ви одговори воопштено и неодредено („Супер е“; „Добро е“, а во најдрска варијанта – „Си ми претрчал некако преку таа клучна сцена“), вие само кажете му дека таква сцена во романот – нема. Сигурно ќе тргне по вас, ако е макар и малку чесен човек: ќе ви каже, веројатно, дека немал време и дека секако имал намера да ја прочита книгата пред да ве сретне. И можеби говори вистина. Но тоа не го ослободува од тоа дека сепак ве излажал.

И оној човек „на положение“ и овој ваш колега-писател ве лажат, ама и себеси се лажат. И двајцата се убедени дека лажат од „најчесни намери“. Првиот одлага, другиот ласка. И едната и другата лага (одлагање и ласкање) се речиси невидливи како лаги; некои од нас (не се исклучувам ни себеси, и јас сум „од Крит“) воопшто и не чувствуваат дека лажат кога ги применуваат овие лаги. И тоа е она што најмногу загрижува: живееме во време кога лагата станува невидлива. Порано луѓето се срамеа да лажат зашто лагата беше веднаш видлива, покрај толку „неоспорни“ вистини до кои се држевме. Сега го деконструиравме поимот на вистината, поверувавме дека вистината не постои туку се произведува (Ричард Рорти), и еве кај сме – лагата стана невидлива, зашто е во друштво на други лаги: конструираните вистини. А токму невидливите симптоми на некоја болест се она што сите нè ужасува, без исклучок. Нè ужасува ли или лажам? Толку.